Македонија
Илиевски: Приоритет за наредните четири години е градинка во село Челопек и дом за стари лица во Брвеница
Јовица Илиевски, кандидат за градоначалник за општина Брвеница од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се обрати кон присутните истакнувајќи дека во изминатите четири години општина Брвеница покажа дека чесната, транспарентна и посветена работа резултираа со успех, со реализација на ветените проекти при што се осврна на истите.
„Реализиравме вкупно 125 проекти, извршивме комплетна реконструкција на повеќе училишта во нашата општина со термоизолациона фасада, внатрешно уредување, нови кровови, како и изградба на спортски терени со вештачка трева во сите населени места. Изградивме и уредивме рекреативни паркови во сите населени места. Отворивме нов бунар за водоснабдување со нова пумпа и куќиште, поставивме нови автобуски постојки, нова канализациона мрежа во целата општина, покриена е 90 проценти од патната инфраструктура во нашата општина“.
Илиевски во продолжение пред присутните ја претстави визијата и програмата кои ќе значат континуитет во изградбата на општина Брвеница во уште посовремена, економски успешна и развиена општина Брвеница во наредните четири години.
„Како број еден проект ја нагласувам изградбата на новата градинка во село Челопек, со капацитет од 50 корисници, со чија изградба ќе се обезбеди место за секое дете, особено за оние од социјално ранливите семејства, престојот ќе биде бесплатен. Развојот на индустриската зона „Брвеница“, ќе ја прошириме оваа зона за да донесеме уште повеќе инвестиции и да ја намалиме невработеноста. Нов проект за повеќе населени места кои имаат потреба од довршување на примарната и секундарната мрежа за отпадни води. Изградба на дом за стари лица во Брвеница со капацитет од 50 корисници. Планирани се и нови проекти во културата, спортот, животната средина, здравствената заштита и дигитализација на општината“, рече Илиевски.
На крај, Илиевски истакна дека работи за успех на општина Брвеница, со јасна визија и јасен став во насока на подобрување на животот на сите граѓани без разлика на вера или етничка припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

