Македонија
Илија Димовски до Османи: Замисли Бујар некој да те пристиска да потпишеш дека Ѓерг Кастриот е Србин

Членот и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски со отворено писмо до министерот за надворешни работи Бујар Османи околу францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија.
„Отворено писмо до Бујар Османи: Ги следам твоите настапи и одлучив да ти се обратам лично, не како на министер, туку како Илија на Бујар.
Во минатото сме разговарале многу пати, знам дека нема да ме разбереш единствено само ако немаш желба да ме разбереш.
Ве познавам лично и тебе и повеќето твои соработници од ДУИ и знам дека не можете воопшто да кажете дека не ги разбирате процесите, барем не на мене,
но дозволи искрено и директно и заради тебе и заради јавноста да разговараме со суштински, а не со површни маркетиншки флоскули и аргументи.
Дозволи низ еден пластичен пример на аналогија да ти објаснам какви се овие времиња за Македонците.
Ќе употребам примери со Албанците како народ и нација, не за да навредам или се согласам со тие примери, туку да ти покажа и тебе и на твоите колеги што е тоа што се обидувате, заедно со СДСМ, да го покажете како нормално, а не е.
Замисли Бујар некој да ти предложи и да те пристиска, а ти, уште повеќе, да потпишеш и прифатиш дека: Прво, Албанците во Македонија не се ист народ со Албанците во Албанија, исто како што во “Преспа” пишува дека Македонците од Македонија и Македонците од Грција немаат ништо заедничко и не се исти.
Второ, замисли да мора да прифатиш и потпишеш дека Енвер Хоџа ја создал албанската нација на вештачки начин, онака како што бугарското Собрание со својата Декларација од 2019 година тврди за Тито и Македонците.
Трето, еве помисли Бујар, како би ти било да треба да потпишеш и прифатиш дека Албанците во Македонија не смеат да го користат албанското знаме исто онака како што со Времената спогодба, а потоа и со “Преспа” забранувате и брусите онаму каде што има македонско шеснаесеткрако сонце.
Четврто, би можел ли да замислиш ситуација во која ти или некој колега од ДУИ мора да прифати и потпише дека Ѓерг Кастриот е Србин, а Хасан Приштина е Турчин,
како што нам Македонците ни се случува секојдневно благодарение на промашената политика на оваа Влада, те за Гоце Делчев, те за десетици други борци за слобода на Македонија.
Петто, би се согласил ли Бујар да ставиш во меѓународен правен договор дека Албанците немаат никакво илирско потекло ниту културолошко наследство од Илирите и дека на пример Илирите се Словени, а не Албанци, исто онака како што со Преспа прифативте дека ние Македонците немаме никакво македонско потекло и дека Македонците биле Грци (види “Преспа”, член 7).
Шесто, како би ти било да правиш “мали” компромиси за албанската нација и историја со оние што секојдневно и со години наназад тврдат дека албанската нација е вештачка и создадена со албанизирање на Турци, Словени, Власи и Роми исто онака како што секојдневно преговарате “мали” компромиси за историјата со оние кои имаат ваков однос и тврдење кон нас Македонците.
Еве вака изгледаат работите низ призмата на Македонците, доколку сакаш да погледнеш и знаеш.
Ова што го напишав не го посакувам на никому, ама не сакам ниту да дозволам некој да ме убедува дека ова што им се случува на Македонците е базирано на нормални европски вредности, затоа што не е.
Застани и размисли.
Затоа Бујар, Албанците во Македонија во овој случај мора да останат рамо до рамо со нас Македонците, затоа што ние Македонците сме најмал народ на Балканот, но Албанците се втор, а сите околу нас исто или слично се однесувале во историјата и кон нас и кон вас.
На еден ден престани да бидеш политичар и ќе разбереш колку многу грешиш.
Застани.
Се надевам дека ќе ме разбереш во добра намера и дека ќе размислиш длабоко за твоите постапки и чекори.
Застанете.
Прифаќањето на францускиот предлог е навреда за Македонците,
но и ќе го одложи, а никако нема да го забрза евроинтегративниот процес.
Ако вашата Влада со СДСМ го прифати овој предлог ќе не навредите нас Македонците, но и ќе ја запечати секогаш шансата на Македонија да стане членка на Европската Унија.
Поздрав, Илија“, му пишува Димовски на Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Со советничката листа на СДСМ за европско Тетово, за еднакви и подобри услови за живот

Од партијата на власт потсетуваат дека Тетово на 20 август избира членови на новиот совет, тело кое има важна улога и големо влијание за функционирањето и иднината на општината и претставува силен коректив на работата на градоначалникот.
„Советничката листа на СДСМ и коалицијата, предводена од носителот Глигорије Стојановски е составена од докажани, угледни и чесни личности подговтени да работат за своите сограѓани, за Тетово да се развива, да ги користи сите свои потенцијали за да обезбеди еднакви и подобри услови за живот и работа на сите граѓани“, велат од СДСМ.
„Општина Тетово да го задржи правецот по кој се движи изминатиот период, кога се реализирани бројни проекти важни за граѓаните меѓу кои се издвојуваат нов затворен пливачки базен, реконструкција на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка од 18,2 км, изградба на нов објект за ОУ Наим Фрашери во Мала Речица, изградба на филтер станица на водоснабдителен систем во Тетово, изградба на дел од булевар Видое Смилевски Бато во Тетово, набавка на 5 автобуси за јавен транспорт, реконструкција на СОУ Кирил Пејчиновиќ. Тетово денеска е град кој живее во духот на мултикултурализмот, град во коj се отвораат нови работни места, град кој дава еднакви шанси за секого, град каде ќе се произведуваат европски брендови“, се посочува во соопштението од страна на СДСМ.
СДСМ, дополнуваат од таму е сплотен, обединет за нови успеси, за политики и мерки што носат придобивки за граѓаните.
„Се залагаме за европско Тетово. Затоа на 20 август масовно гласајте за бројот еден, за советничката листа на СДСМ и коалицијата“, е истакнато во дописот на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата платила 6,5 милиони евра казна за неискористен кредит, тоа покажува колку се некадарни

Ковачевски пред неколку недели говореше за изградба на пругата кон Бугарија, а пропуштил да каже дека поради неспособноста на неговата влада, Македонија ќе плати 6,5 милиони евра казна за нереализирани средства поради неискористување на заем за изградба на пругата Бељаковци – Крива Паланка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Или не му кажале на Ковачевски каква штета е направена или тој не разбрал. Имале одобрени средства на располагање, а не ги искористиле нешто да направат за својот народ и својата држава и тоа доволно говори за отсуството на капацитет, кадарност и одговорност на оваа власт. Веројатно владата на Ковачевски може да конкурира за најштетна влада во светот, да позајмиш пари, да не изградиш ништо и згора на се да платиш камати и казни во износ од 6,5 милиони евра! А со тие пари можеше да се изгради училиште, детски градинки, патишта, канализации и други проекти“, се посочува во нивната реакција.
За ваквата штета по буџетот, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да понесе одговорност или Ковачевски, или Бочварски како ресорен министер или друг надлежен за реализацијата на овој проекти и овој кредит.
„За жал, на владата на Ковачевски и СДСМ три нацртани овци да им дадеш да ти чуваат, една ќе изгубат, една ќе украдат, а третата ако имаш среќа ќе си ја вратиш“, се додава во дописот од оваа партија.
Потсетуваат, како што велат, дека владата на СДСМ изгуби 14 милиони евра од Европската банка за изградба на штипската болница, кои беа стопирани како казна за тоа што ништо не се градело цели 4 години.
„И сега поради СДСМ нема нова штипска болница, која требаше да биде капитален објект во здравството. Оваа штетност и криминогеност на власта на СДСМ е епска. Што поскоро падне оваа власт толку подобро за Македонија. Затоа е потребно соочување со народот, за да се соочат со казната за сите штетни и неодговорни политики“, се дополнува во писмената реакција од партијата на Мицкоски.
Македонија
На Табановце и Пелинце се чека околу еден час на Богородица околу 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути.
На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 1 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.