Македонија
Инспектор од Тетово уништувал докази во постапка против неговиот син кој бил уапсен за трговија со дрога
Полицијата поднесе кривична пријава против двајца инспектори од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово за сторено кривично дело „попречување на правдата“.
Според информациите на МВР, пријава е поднесена против Џ.Н. на работно место Виш инспектор за недозволена трговија со оружје и против О.С. на работно место Самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“ по член 368-а од Кривичниот законик.
Првопријавениот, кој бил задолжен да постапува по предмет во кој две лица биле лишени од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215, му овозможил на второпријавениот, кој не бил работно ангажиран и е родител на едно од лицата лишени од слобода, да има целосен увид во службената документација, да располага и да ја пренесува од една во друга просторија, да ги придружува лицата лишени од слобода, да дава насоки при постапувањето и да биде присутен и да учествува во разговорот со лицата лишени од слобода.
Исто така, овозможил привремено одземениот мобилен телефон од едно од лицата лишени од слобода, кај кого била пронајдена поголема количина на дрога, да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата.
Втoропријавениот, иако не бил работно ангажиран, активно се вклучил во преземање на службените дејствија во предметот во кој неговиот син бил лишен од слобода, при што му било овозможено да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Џ.Н. и О.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.
Македонија
Домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија денес може да се пробаат во Градски парк
Уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија, претставува Саемот за храна што ќе се одржи денеска во Градскиот парк во Скопје.
Под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, Саемот ќе ги промовира производите „Македонско најдобро“ кои, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставуваат синоним за квалитет.
-Саемот за храна ќе понуди богат избор на свежо овошје и зеленчук, млечни производи, мед, преработки од овошје и зеленчук и вино, подготвени со внимание и љубов кон традицијата. Ве поканувам да дојдете, секоја ваша поддршка е инвестиција во домашното производство, локалната економија и развојот на руралниот туризам. Заедно да ја негуваме традицијата и да градиме поуспешна иднина за македонското земјоделство, апелира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој се очекува да се обрати пред присутните учесници и посетители.
Настанот ќе биде збогатен со репертоар на познати музички изведувачи.
Саемот за храна го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

