Македонија
И Апелација потврди: Стрелецот Благој Пешиќ оди во затвор за обљуба на 13-годишно девојче на тренинг
Апелациониот суд Скопје ја потврди осумгодишната казна затвор за стрелецот Благој Пешиќ од Кавадарци за обљуба на 13-годишно девојче за време на тренинг, изречена од Основниот суд Велес. Судот во Велес во 2019 година првпат го осуди на казна затвор, а во 2022 година, на повторено судење, ја потврди казната, која тој ја обжали на Апелација.
Апелациониот суд пресудата по жалбата ја донел на крајот на декември минатата година, но мајката на обљубеното девојче вели дека минатата недела судот официјално ги известил.
„Ни стигна пресудата и на домашна адреса и кај адвокатот. Ја истеравме правдата. Одлуката на Апелациониот суд ја доживеавме како олеснување за сите маки низ кои минавме последниве шест години“, изјави мајката на обљубеното девојче за „Макфакс“.
Семејството ја доби пресудата од Апелација токму шест години по пријавувањето на обљубата. Во март 2017 година МВР извести дека полициската станица во Кавадарци добила пријава за полов напад врз 13-годишна ученичка од својот тренер по стрелаштво, кој последните три месеци во повеќе наврати вршел обљуба, а последен пат неколку часа пред да биде поднесена пријавата.
На почетокот на судењето, во 2017 година, пред судот во Велес на протест за поддршка на стрелецот Пешиќ излегоа негови роднини и пријатели, предводени од ќерка му, Дивна Пешиќ, поранешна македонска репрезентативка во стрелаштво и учесничка на две олимпијади. Се обидоа на јавноста и на судот да им кажат дека немало грешка во однесувањето на Пешиќ и оти мали физички контакти меѓу тренерот и учениците имало во сите спортови. Побараа и Пешиќ да се брани од слобода поради влошено здравје оти веднаш по пријавата беше притворен и остана во притвор до 2018 година кога судот го пушти да се брани од слобода, но изрече посебни меки за претпазливост.
Семејството на обљубеното девојче беше згрозено од однесувањето на своите сограѓани, кои прво им дале поддршка, но подоцна, кога почнало да притиска семејството на тренерот, ги обвиниле дека пријавата ја направиле од корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Љутков од Охрид: Отвораме ново поглавје во развојот на македонско-унгарските културните врски
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид оствари билатерална средба со својот унгарски колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, кој е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата на Унгарија, Виктор Орбан, која е во дводневна посета на нашата земја.
Министрите Љутков и Ханко потврдија дека оваа посета и денешната средба се уште еден значаен момент во развојот на билатералните односи меѓу двете земји, особено за македонско-унгарска соработка во областа на културата и туризмот преку конкретни активности.
„Република Северна Македонија и Унгарија во наредниот период ќе отворат ново поглавје во развојот на културните врски меѓу двете држави и ќе настојуваме тоа да резултира со низа проекти и иницијативи. Ќе работиме на обновување и унапредување на соработката во областа на културата, на програмата меѓу надлежните државни органи, но и на документ за регулирање на соработката во областа на туризмот меѓу институциите од оваа сфера од двете држави“, рече Љутков по средбата.
Љутков информираше дека е заедничка заложбата културното наследство и актуелното творештво на двете држави да бидат повидливи пред јавноста, за што во наредниот период ќе се организираат денови на македонската и на унгарската култура. За таа цел ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка, со што ќе се овозможи континуирана промоција и преставување на културните институции во двете држави.
Тој ја поздрави и подготвеноста на министерот Ханко за споделување на унгарските искуства од реализацијата на манифестацијата „Веспрем – европска престолнина на културата за 2023 година“, како и за интензивирање на соработката меѓу двете канцеларии на програмата „Креативна Европа“.
Заклучоците од билатерална средба на министрите Љутков и Ханко беа презентирани и на заедничката седница на владите на Северна Македонија и на Унгарија, предводени од премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. Орбан и Мицковски ја поздравија соработката и дадоа силна поддршка за инвестирање во културата која, како што рекоа, е симбол на идентитетот и душата на секоја држава.
Македонија
Град Скопје: Граѓаните и превозниците со години се заложници на политичкиот дилетантизам на ВМРО ДПМНЕ
Градот Скопје, граѓаните на градот Скопје, па и приватните превозници со години се заложници на политичкиот дилетантизам на ВМРО ДПМНЕ, велат од Град Скопје.
„Имено, за вчерашната седница на Советот на град Скопје приватните превозници до претседателот на Советот Трајко Славевски испратиле барање за зголемување на цената на услугите. Ова барање Славевски одбил да го стави на разгледување пред советниците, што е причина за револтот кај приватните превозници денес.
Скопје е заложник на политичка група, која секојдневно водена од намера да предизвика што поголеми проблеми за скопјани, бидејќи секој успех на Градот тие го сметаат за свој неуспех“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Ѓорче Петров ќе добие нова катна гаража
Со мнозинство гласови советот на Општина Ѓорче Петров изгласа отпочнување на постапка за измена и дополнување на ДУП за Градска четврт СЗ 15, Блок СЗ 15.03, за обезбедување локација за нова катна гаража. Ова денеска го соопшти градоналникот на општината Александар Стојкоски.
– По години на недостаток на паркинг простор во Реонскиот центар, конечно се преземаат конкретни чекори за решавање на овој проблем кој го мачи секојдневниот живот на жителите, порача тој.
Катната гаража ќе биде лоцирана непосредно до Реонскиот центар, на местото кое сега се користи како паркинг, и ќе обезбеди повеќе паркинг места!
– Ова е само дел од напорите на општината да ги подобри условите за живот и инфраструктурата во нашиот град, додаде Стојковски.