Македонија
И ДОМ e против промена на државниот грб

За ДОМ е неприфатлив предлогот за промена на државниот грб.
Партијата ја повикува власта да не прави дефокус на јавноста од потребата да се фати во борба против корупцијата, аерозагадувањето, здивените цени во маркетите и на електричната енергија, а се заради зголемување на сопствениот рејтинг пред претстојните локални избори.
Претходно стана јасно дека помеѓу коалиционите партнери во Владата засега нема консензус на оваа тема, откако ЗНАМ стави до знаење дека не ја гледа потребата за промена на државниот грб.
Лидерот на оваа партија, Максим Димитриевски смета дека грбот ги отсликува македонската историја и реалност.
„Сите тие симболи нам нѝ значат вклучувајќи го и лавот и сонцето од кутлеш коешто за жал согласно преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија. но, како и да е – исто така е и петокраката. Јас лично сметам дека овој грб којшто државата во моментов го има ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет и ја отликува реалноста на македонскиот народ и држава. Ние од ЗНАМ сметаме дека не треба да се дозволи од државните обележја да имаме дополнително наметнување на политиката и партизација“, изјави Максим Димитриевски.

Максим Димитриевски – претседател на ЗНАМ
Предлогот не го поддржува ниту опозициската СДСМ.
„Ние сметаме дека државниот грб сосем соодветно ги отсликува сите хералдиски карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и од придобивките на Народноослободителната и антифашистичка војна, нема никаква поделба во однос на етнички групи. Доколку има таква иницијатива со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче пред четири дена.

Венко Филипче – претседател на СДСМ
Пред неколку дена Мицкоски потврди дека со Вреди веќе разговарале за нов државен грб. Пратеникот Антонијо Милошоски, пак, претходно денес изјави дека Македонија треба да има современ државен грб и со неговата симболика да биде дел од европското друштво на држави, а не во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола.

Антонијо Милошоски – пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
Измените се носат со двотретинско мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Избегал од болница и пукал – Левица бара разрешување на директорот на болницата во Демир Хисар

Левица алармира за скандалот со пациент кој избегал од психијатриската болница во Демир Хисар, при што повредил едно лице во Прилеп.
Лицето, како што истакнуваат од партијата, издржувало мерка задолжително психијатриско лекување, а при бегството се упатил во Центарот за социјални работи во Прилеп каде што пукал со пиштол кон вработена во Центарот, а имало и расправија со директорот на Центарот. Според Левица, против сторителот биле водени соодветни кривични постапки, но и покрај сите информации за него, сепак лицето успеало да избега, што е сериозен индикатор за аномалиите во работењето на оваа установа. Го поставуваат прашањето, како бегалецот успеал неколку дена да биде надвор од болницата.
Левица бара итно разрешување на Жан Лозановски, директорот на ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар, како кадар на коалициониот парнер – ЗНАМ.
„Поради крајно лошо менаџирање со болницата, таа со години наназад, но и денес се наоѓа во очајна состојба.
Претходно, за оваа болница и вработените алармираа за очајната состојба и лошото менаџирање кои се континуирани и по доаѓањето на директорот Жан Лозановски. Ниту една машина за перење не е во функционална состојба и вработените се принудени да позајмуваат алишта за пациентите од Црвениот крст. Дополнително, вработените кои работат со години со договори на определено време, секоја година се во неизвесност дали ќе им биде продолжен договорот.
После ваквиот скандал со бегство на пациент, при што беше загрозена безбедноста и на други лица, потребно е министерот Таравари веднаш да го разреши директорот Лозановски и да се утврди одговорност за сериозниот пропуст поради кој дојде до загрозување на животот на едно лице“, потенцираат од Левица.
Македонија
Собранието ќе продолжи со работа следната недела: „Привременото одложување на активностите беше гест на почит кон трагедијата во Кочани“

Собранието преку соопштение се огласи во врска како што велат, неточните информации и широко распространетите обвинувања за одложување на работата на Собранието минатата и оваа недела.
Појаснуваат дека ваквата одлука е донесена како резултат на согласност на сите присутни пратенички групи на координативната средба одржана на 24.03.2025 година.
„Привременото одложување на активностите на Собранието беше гест на почит кон трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија млади луѓе и израз на солидарност со семејствата на жртвите и со сите граѓани погодени од оваа катастрофа.
Повторуваме дека оваа одлука не е резултат на какво било индивидуално или еднострано политичко одлучување, туку е одраз на заедничката институционална волја на сите пратенички групи да дејствуваат со чувствителност во момент на национална жалост“.
Собранието, како што информираат од таму, ќе продолжи со работа следната недела.
Македонија
По вчерашното пукање во Прилеп: истрага за обид за убиство и недозволено држење оружје

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, бидејќи како што соопштија од таму, постои основано сoмнение дека тој сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Вчера, во просториите на ЈУ МЦСР Прилеп, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот една оштетена – социјален работник, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Со оружје – пиштол марка „Берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија.
Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината.
Директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.