Македонија
И другите членови на Судскиот совет да си поднесат оставки, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“

Коалицијата „Сите за правично судење“ ја поздравува одлуката на членовите на Судскиот совет кои денес поднесоа оставка од нивната функција.
Од Коалицијата се надеваат и ги охрабруваат и останатите членови на Судскиот совет да поднесат оставки како би можело понатаму да се изберат нови членови на ова тело кое ќе биде легитимно во извршување на своите надлежности согласно Законот.
„Судскиот совет е тело од исклучително значење за гарантирање на независноста и професионалноста на работењето на судиите, а сé со цел да им се овозможи на граѓаните да имаат фер и правично судење пред независен и непристрасен суд. Дополнително, начинот на работата на Судскиот совет влијае на зголемување на довербата на граѓаните во судскиот систем“, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Претходно денес, судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет. Причините за овој чекор се непознати за јавноста, а оставките се депонирани до претседателот Сашко Георгиев. Од Судскиот совет за „Макфакс“ потврдија дека двете оставки се архивирани, но досега не е закажана седница за нивно констатирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бојан Јовановски-Боки 13 излегува на слобода

Поради лошата здравствена состојба, осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 е пуштен на слобода. Кривичниот суд добил лекарски извештаи од повеќе клиники, но и повеќе доктори, како и цели лекарски козилиуми.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Јовановски посочува дека ја добиле одлуката, за која вели дека иако задоцнета, е праведна.
„По однос на прашањето за кое пројавувате интерес, како бранител ја потврдувам информацијата дека Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казна затвор за осуденото лице Бојан Јовановски и истата е доставена до осуденото лице. Ваквата одлука иако е задоцнета истата е за поздравување како законита, правична и пред се хумана, донесена врз основа на две последователни позитивни мислења од надлежниот Јавен обвинител во рамки на иста постапка и врз основа на комплетната медицинска документација за здравствената состојба на осуденото лице“, посочува Туфегџиќ.
Скопје
Јавниот превоз утре и задутре со изменет режим

ЈСП известува дека утре, среда и в четврток, поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз ќе функционира со изменет режим од вообичаениот, а продажните места на ЈСП ќе имаат изменето работно време од редовното.
Во петок (1.12.2023 год) јавниот превоз ќе продолжи да функционира вообичаено, а истото се однесува и на билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје.
Жичарницата сите денови ќе функционира вообичаено, од 10 до 17 часот.
Режим на јавен превоз
Утре, среда (29.11.2023 год) автобусите ќе возат вообичаено, согласно со важечкиот возен ред (делничен зимен).
Во четврток (30.11.2023 год) ќе сообраќаат по саботен возен ред.
Почнувајќи од утре, среда (29.11.2023 год) од 13 часот, па сѐ до завршување на Министерскиот совет на ОБСЕ в четврток (30.11.2023 год), линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118 ќе сообраќаат по изменети траси.
Траси на движење
Линии 8 и 15А
– од мост „Гоце Делчев“ наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“
Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење
Линии 7, 15, 19, 26, 29 и 59
наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ (стара телевизија) каде не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“
Линии 18, 21А и 118
од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта
Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.
Работно време на продажни места
Утре, среда (29.11.2023 год) сите билетарници и центри за персонализаација на ЈСП Скопје ќе работат од 6.30 до 13 часот.
Во четврток (30.11.2023 год) за сите ќе биде неработен ден.
Македонија
Авиосообраќајот на скопскиот аеродром следните денови ќе се одвива регуларно

ТАВ Македонија известува дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена – 29 ноември, 30 ноември и 1 декември, за време на одржувањето на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе се одвива регуларно.
Од таму апелираат до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност да пристигнат на своите летови, односно на аеродромот навреме.