Македонија
(Видео) Калајџиев: Ова е крајот на СЈО, отворен е пат за задушување на предметите

Универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев, кој е дел од работната група што вчера и денеска во Министерството за правда дискутира за писмото на Јанева, во кое се бара СЈО сите предмети да ги префрли во Јавното обвинителство, вели дека специјалната јавна обвинителка нема овластување ни во нормални услови, а не во притворски да ги делегира предметите на друго обвинителство.
Калајџиев исто така вели дека нема никаков интерес за избор на нов специјален јавен обвинител на местото на Јанева, а за тоа смета дека се виновни политичките партии.
„Јанева предметите ги добила со закон и мора да ги работи. Во случајот има поднесено оставка и не може да се однесува од типот – по мене, потоп. Никаде во законот не се предвидува ова обвинителство да ги предаде сите предмети, особено не во ваква ситуација, каде што нејзе ѝ е завршен мандатот и каде што нема политичка волја да се избере нов обвинител. Зошто и како не сакаат обвинителството да продолжи да работи, треба да ги прашате политичките партии, тоа е нивна одговорност. За избор на нов јавен обвинител очигледно не постои интерес и тоа е најстрашното, што очигледно е дека ова е крај на СЈО. Не постои интерес да постои автономна институција која ќе се бори со организиран криминал. СЈО е злоупотребено само да се турне ВМРО-ДПМНЕ од власт и ништо повеќе, тоа со жалење го констатирам“, вели Калајџиев.
Според професорот, ова е патот кон задушување на предметите што ги води СЈО.
„Доколку на тој начин се затвори СЈО, со оглед на тоа што се планира да се вратат истражителите назад, ќе се направи двојна штета бидејќи тој концепт да добие обвинителството автономија со сопствени сили да биде контратежа на полицијата, ќе умре со СЈО. Луѓето ќе се компромитираат, предметите ќе се развлечкаат. Во име на спасување на предметите што се отворени по спорниот рок од 18 месеци, веројатно ќе се задушат и ќе се обезличат напорите да се завршат другите предмети. Јас сум разочаран што по 4 години, уште не дознавме кој прислушувал во Македонија, што е само по себе една голема катастрофа“, вели Калајџиев.
Тој исто така потсети дека нов специјален јавен обвинител, според законот, требало да се избере уште пред 3 месеци, без разлика на аферата што излезе во јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се превртел камион кај Марвинци, повредени триесетина мигранти, возачот побегнал

Доцна попладнево се случила сообраќајка на патот Удово-Гевгелија, а притоа повредени се мигранти.
Според информациите од брзата помош од Кавадарци, повредени биле триесетина мигранти, од околу 50-тина кои се наоѓале во камионот.
Потврда за веста има и од МВР.
„На 10.08.2022 во 18:10 пријавено е дека товарно возило излетало од патот на клучка од с. Марвинци кон М1, рег. пат Гевгелија – Д. Капија. Утврдено е дека се работи за товарно возило „Сканија“ со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ информираат од МВР и за утре најавија детални информации.
Македонија
КЗБ за сите суспектни случаи на мајмунски сипаници во земјава препорачува изолација и епидемиолошко следење

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата.
Беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемиолошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај, се вели во соопштението од КЗБ.
„Комисијата за заразни болести препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа: изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден“ велат оттаму.
КЗБ ја реафирмира препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки.
Македонија
Кабинет на Пендаровски: Плочата за АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ за Илинден беше од времен карактер

„Плочата за АСНОМ којашто беше поставена во манастирот ‘Св. Прохор Пчињски’ за Илинден беше од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот Стево Пендаровски и државната делегација, за првпат по повеќе години“ велат од кабинетот на шефот на државата по објавените информации во медиумите дека плочата веќе ја нема на местото на чествувањето.
„Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции коишто ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден во ‘Св. Прохор Пчински’ за наредната година. Целта на таквата формализирана соработка е да се воспостави институционална форма за одбележување на празникот Илинден во манастирот ‘Св. Прохор Пчински’“ – се наведува од кабинетот на Пендаровски.
Спомен-плочата за одржувањето на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, беше поставена на празникот Илинден во параклисот на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ каде што по долгогодишна пауза чествуваше македонска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски.
На спомен плочата двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува:
„На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.