Македонија
Камионите со стока од 1 февруари ќе се мерат само еднаш – царините на Македонија и Србија потпишаа меморандум
Од 1 февруари македонските компании што увезуваат или извезуваат во Србија и обратно камионите со стока ќе ги мерат само еднаш.
Ова ќе се однесува и за стоки што транзитираат низ двете држави. Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, и директорот на Царинската управа на Србија, Бранко Радујко, денеска потпишаа меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали т.н. кантарски белешки помеѓу двете земји.
Говорејќи за значењето на потпишаниот протокол, Богоев истакна дека заклучно со ноември 2023 година трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра, при што извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 процента повеќе од претходната година. Притоа целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин Табановце, на кој минатата година на влез се евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.
„Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле двапати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија, а со потпишување на денешниот протокол за признавање на т.н кантарските белешки овие товарни возила, како што реков, ќе се вагаат само еднаш, што за компаниите ќе значи заштеда на време и пари. Ветив дека Царинската управа ќе дејствува како партнер на бизнис-заедницата сè со цел создавање услови за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Чекор по чекор со ваквите мерки овозможуваме остварување на тие цели“, вели Богоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Финансиската полиција со кривична пријава против три физички и две правни лица за даночна измама и даночно затајување
Управата за финансиска полиција, до Oсновното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против три физички и две правни лица поради основано сомнение за сторени кривични дела, Даночна измама по член 279-а ст.2 во врска со ст.1, Даночно затајување по член 279 ст.2 во врска со ст.1, Соизвршителство по чл.22 и Помагање по чл.24 од КЗ на РМ.
Првопријавениот З.А. во својство на управител на второпријавениот правен субјект Друштво за производство, трговија и услуги ТРИТЕРОЛ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје во Април и Мај 2023 година, со цел да се стекне со противправна имотна корист, изготвил фактури со невистинита содржина во вкупен износ од 31.599.220 денари, со вкалкулиран износ на ДДВ по пресметковна стапка од 18% во износ од 4.820.220 денари, за наводно извршена набавка на стоки и услуги од правниот субјект Друштво за трговија и услуги ИНО КОМ ДООЕЛ Скопје, сметководствено ги евидентирал и ги искажал во задолжителни пријави за ДДВ со што искажал повисок износ на влезно ДДВ, на кој начин спротивно на член чл.33 и чл.34 од Законот за ДДВ со овие фактури со невистинита содржина противправно ја намалил даночната обврска на второпријавениот правен субјект Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје по основ на ДДВ за 04-ти и 05-ти месец 2023 година во вкупен износ од 4.820.220 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на РСМ.
Исто така, во текот на 05-ти и 06-ти месец 2023 година со цел да се стекнат со противправна имотна корист, првопријавениот З.А за дел од испоставените фактури со невистинита содржина префрлил парични средства во износ од 9.483.925 денари на банкарската сметка на друг правен субјект со сличен назив, петопријавениот – ИНО КОМ ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДООЕЛ Скопје, кој што наменски е основан од страна на четвртопријавениот Д.Д во својство на сопственик и управител , а кои парични средства ги подигнал во готово третопријавениот Р.Ѓ во својство на потписник на банкарската сметка на ИНО КОМ ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДООЕЛ Скопје, истите ги присвоиле и не доставиле документација за нивна економска оправданост, со што не пресметале, не пријавиле и не платиле Данок на личен доход во износ од 948.392 денари, за кој износ го оштетиле Буџетот на РСМ.
Со вака преземените дејствија пријавените ги сториле кривичните дела Даночна измама по член 279-а ст.2 во врска со ст.1, Даночно затајување по член 279 ст.2 во врска со ст.1, Соизвршителство по чл.22 и Помагање по чл.24 од КЗ на РМ, и со тоа противправно ја намалиле обврската за Данок на додадена вредност во износ од 4.820.220 денари, не пресметале, не пријавиле и не уплатиле Данок на личен доход во износ од 948.392 денари, односно за вкупен износ од 5.768.612 денари пријавените го оштетиле Буџетот на РСМ.
Македонија
Државната комисија за спречување на корупцијата повикува на транспарентност и анализа при донесување на измените на Законот за јавните набавки
Државната комисија за спречување на корупцијата изразува сериозна загриженост поради предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, кои се носат по скратена постапка и без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици.
Според Комисијата, јавните набавки се една од клучните хоризонтални области во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интересите (2021 – 2025 година) и затоа секоја измена на законската рамка мора да биде предмет на внимателна и транспарентна процена.
Според нив, особено загрижува фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавните набавки во исклучително краток рок од 15 дена, што отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени.
„Со оглед на системската важност на Законот за јавните набавки и ризиците од корупцијата што произлегуваат од јавните набавки, Државната комисија за спречување на корупцијата почна со спроведување антикорупциска проверка на предложените измени и дополнувања на законот. Оваа проверка е дел од заложбите за навремено утврдување и ублажување на ризиците од корупција и судирот на интереси во законодавството, што е од суштинско значење за заштита на јавниот интерес“, се нагласува во соопштението.
Државната комисија комисијата истакнува дека ваквите проверки се ефикасни доколку се извршуваат навремено, во фаза на подготовка на законите, а не откако тие ќе бидат донесени.
Комисијата ги повикува сите надлежни институции да се вклучат во процесот на следење на овој случај, со цел да се обезбеди почитување на законитоста, транспарентноста и правичноста во носењето одлуки.
Македонија
Гази Баба не го ангажирала Влатко Ристовски за адвокат, рагираат од Општината на истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Од Општина Гази Баба со реакција на истражувањето на Центраот за граѓански комуникации, каде што е истакнато дека од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати.
Во реакцијата нагласуваат дека отчетноста и транспарентноста се и остануваат приоритет во работењето на Општината.
Потенцираат дека Општина Гази Баба како единица на локалната самоуправа нема склучено договор за професионално ангажирање на адвокатот Влатко Ристовски и кон него нема исплатени финансиски средства за извршени адвокатски услуги.
„На 7.8.2023 година од страна на адвокатската канцеларија ‘Адвокат Влатко Ристовски’ до Општина Гази Баба, под архивски број 08-6145/1, е доставен предмет: Барање за исплата на побарување во вкупен износ од 6.152.377 денари.
Ова барање произлегува врз основа на правосилна/извршна пресуда ПЛ1-ТС45/17 од 24.4.2017 година на Основниот суд Скопје 2, со која Општина Гази Баба е задолжена да му плати на Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги ‘Адонис’ ДООЕЛ Скопје.
Финансиските средства ѝ се исплатени на адвокатската канцеларија врз основа на склучен договор за отстапување побарување, кој е склучен на 16.2.2022 година, во кој Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги ‘Адонис’ ДООЕЛ Скопје како отстапувач го пренесува целокупното побарување што го има кон Општина Гази Баба на адвокатот Влатко Ристовски од Скопје како примач.
Општина Гази Баба во изминатиот период има ангажирано адвокат како правен застапник пред надлежните институции со цел да ги брани и застапува интересите на Општината за предмети што се однесуваат за постапување на Општината пред октомври 2021 година.
Општина Гази Баба за професионалното ангажирање адвокат има исплатено средства во согласност со тарифникот за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите во Република Македонија“, стои во пишаниот допис.