Македонија
Кирков: Зоолошката градина која за една година ќе прави 100 години од своето постоење ги доживува своите најтемни денови

На денешната седница на Град Скопје се обрати советникот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков кој се осврна на актуелните проблеми кои ја задираат Зоолошката градина поради непрофесионалното водење од страна на раководството.
„Повторно бевме сведоци на немили настани во оваа установа, како што ја пратат во последниве три години и навистина веќе мислиме дека е дегутантно да се збори за тоа што и како се случува во оваа установа. На една од најстарите зоолошки во Европа која за една година ќе прави 100 години од своето постоење и еве олицетворение на Градот Скопје, место каде што сме пораснале, место каде што ги направивме првите запознавања со животните во моментов ги доживува своите најтемни денови“, рече Кирков.
Кирков нагласи дека Зоолошката градина има милионски долгови по основ на добавувачи за храна, сметки за електрична енергија и слично, како и недостаток на безбедносни камери поради чиј недостаток се случиле многу немили настани.
„Во разговор со менаџментот и вработените, можам да заклучам дека Зоолошката е во милионски долгови, долгови по основ на добавувачи за храна, сметки за електрична енергија, наидовме на празни кафези, наидовме дека се оставени без видеонадзор затоа и се случиле некои немили настани кои сè уште и ден денес не се расчистени, наидовме дека се буквално замрзнати преговори со ЕАЗА, прашавме до каде е статусот дали нешто се работи за повторно да станеме кандидат членка, сите оние преговори се замрзнати и во моментов не се работи за ништо“, дециден е Кирков.
Тој објасни дека ниту има тим, ниту желба и идеја за да се подобрат работите како и дека вработените немаат регулиран статус за работното место.
„Добивме одговор дека буквално се нема тим, се нема желба, нема идеја како понатака и фали кадар, се затекнав со луѓе кои ги познавам и кои од повеќе од пет до седум години немаат регулиран статус за работното место. Не чекаат многу поубави денови за Зоолошката градина со доаѓањето на новото раководство, на новиот градоначалник но до тогаш и оној мал професионален кадар кој остана треба да си го задржиме и не смееме да дозволиме да биде со нерегулиран статус“, истакна Кирков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.
Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.