Македонија
(Видео) Ковачевски: Војната во Украина продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ
Премиерот Димитар Ковачевски го отвори министерскиот совет на ОБСЕ констатирајќи дека Северна Македонија го презела претседавањето во период во кој тешко кој можел да предвиди дека ќе има турбуленции и предизвици од овој обем како во однос на геополитичкиот контекст и ескалацијата на безбедносните предизвици така и во однос на функционалноста и иднината на самата организација.
„Воената агресија на Русија врз Украина продолжи со несмален интензитет и разурувачки последици потврдувајќи ја својата неоправданост и неправденост. Секој изминат ден и изгубени животи се сурова потврда дека воената агресија претставува акт на кршење на повелбата на ОН, принципите на ОБСЕ и меѓуанродното право“, рече Ковачевски во обраќањето.
Нагласи дека народот на Украина заслужува мир и војната мора да запре.
„Војната продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ. Затоа, централен приоритет на нашето претседавање беше обезбедување суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ“, рече Ковачевски.
Истовремено, како што истакна Ковачевски, во рамките на нашето претседавање должно внимание се даваше и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности во ОБСЕ-регионот. Тоа е процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот од Косово. Иако е надвор од непосредниот ОБСЕ-регион, секако особено загрижувачки и со потенцијални широки импликации е и неодамна разгорениот конфликт на Блискиот Исток, рече Ковачевски.
„Оваа комплексна и нарушена безбедносна средина сериозно ги разниша довербата и дијалогот, кои се основни столбови на оваа Организација.
Доведе и до исклучителна неизвесност, со блокади околу буџетот, изборот на следен претседавач и на клучните раководни функции, дури до мера да се слушаат прашања за основата на постоењето на ОБСЕ“, рече премиерот.
Ниту една земја, потенцира Ковачевски, без разлика на големината и силата, во денешно време, на долг рок, не може да просперира во изолација ниту, пак, сама да се справува со комплексните предизвици на 21 век.
Македонскиот премиер го заврши својот говор со заклучокот: „Сите ние во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка. Историјата ќе ни суди по нашите дела“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дождот не го изгасна целосно, но го стави под контрола големиот пожар во Мариово
Дождот кој заврна попладнево помогна да се стави под контрола големиот пожар во Мариово, но сепак сѐ уште не е целосно изгаснат. Гори на неколку места со слаб интензитет, информираше вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Дождот кој заврна во прилепско помогна во гаснењето на пожарот во мариовскиот крај. За жал с уште не е изгaснат целосно, има горење со слаб интезитет на неколку места“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Временските прилики им помогнаа на лицата кои веќе една недела на терен учествуваа во борбата со огнената стихија, која беше со периметар од над 100-тина километри и зафати површина од околу 15.000 хектари. Под контрола се и останатите два пожара во прилепско.
Македонија
За една недела 25 нови случи на голема кашлица
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информира дека од 30 август до 5 септември во Македонија пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, што е за 47,1% повеќе во споредба со претходниот седмодневен период, кога беа регистрирани 17 новозаболени.
Најголем број заболени се во Скопје -14 каде случаи се регистрирани во сите скопски општини; во Тетово – 5, Кратово – 3, Куманово – 2 и еден случај во Крива Паланка.
„Возраста на заболените се движи од 1 месец до 60 години, а најголем број на случаи се од возрасната група под една година. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 6 се комплетно вакцинирани и еден е вакциниран согласно возраста. Од новите случаи 5 заболени се хоспитализирани“, велат од Институтот за јавно здравје.
Македонија
Неисправни се двата полициски хеликоптери и двата ер-трактори, се чека дождот да го изгасне пожарот кај Мариово (ВИДЕО)
Неисправни се двата полициски хеликоптери и тие не можат да учествуваат во големиот пожар во прилепскиот дел од Мариово чиј периметар се прошири на 110 километри, а е во должина од над 30 метри, се гасне од земја. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека пред неколку часа на помош на пожарникарите од Прилеп и од повеќе други градови, како и на војската и полицијата пристигна еден ер-трактор. Другите два ер-трактори кои ги има државата, за жал, се неисправни, изјави Ангелов. Директорот на ЦУК соопшти дека заврна дожд во Мариово и дополнително ќе извести дали пожарот е целосно изгаснат.
Ангелов изјави дека е тежок пожарот над викенд населбата во скопско Катланово. Тој нагласи дека пожарот создава голем чад и дека тешкотија претставува непристапниот терен. Како што рече, вчера гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од скопската бригада.
Во продолжение е видео-изјавата од Ангелов и за другите пожари во земјава.