Македонија
Ковачевски: Едногласни сме за заеднички регионален одговор на кризата и во поддршката за Украина

Во обраќањето на состанокот на шефовите на влади на земјите од Југоисточна Европа, членки на НАТО, што денеска се одржува во Софија, Република Бугарија, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека оваа средба испраќа уште една силна порака за единство и солидарност со Украина.
Ковачевски нагласи дека тој и премиерот на Бугарија – Кирил Петков, на Романија – Николае Чука и на Црна Гора – Здравко Кривокапиќ, на денешната средба си поставија цел да ги нагласат потенцијалните ризици и согледаните закани, како и да ги нагласат премисите што треба да водат кон подобра отпорност и координација меѓу земјите од Југоисточна Европа.
„Оваа средба го отвора патот да спречиме какво било можно влијание врз нашата безбедност и стабилност во контекст на потенцијалните последици што би можеле да се појават од актуелната безбедносна и хуманитарна криза во Украина“, нагласи Ковачевски и додаде дека земјите учеснички на состанокот остануваат цврсто на позиција на осуда на војната во Украина како нелегалната и нелегитимна инвазија на Русија.
Тој ја потенцира како особено важна будноста во спротивставувањето на дезинформациите и лагите од Русија, кои се вистинска закана за демократските процеси во Европа и на Западен Балкан.
Ковачевски во своето обраќање, во контекст на значењето на северноатлантската алијанса во ова кризно време, истакна дека да се биде земја членка на НАТО е огромна привилегија и одговорност.
„Северна Македонија ја одбележа двегодишнината од своето полноправно членство во НАТО како гаранција за нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и инвестирање во безбедноста и стабилноста во регионот. Пристапувањето на нашата земја во НАТО е силен показател за вредноста на политика на отворени врати како фундаментален принцип дека сите земји имаат право да ги изберат својот пат, своите надворешнополитички приоритети и безбедносните аранжмани“, нагласи Ковачевски.
Премиерот укажа на фактот дека во соочувањето со новата стратешка реалност за европската и трансатлантската безбедност, сојузниците одлучно одговорија на војната во Украина со воведување санкции без преседан на Русија, силно ја поддржаа Украина и направија големо засилување на позициите на НАТО за одвраќање и одбрана, особено на источното крило на алијансата.
„Северна Македонија соодветно се приклучи на овие напори и е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и со значителниот пакет санкции против Русија. Така ќе продолжиме и во иднина“, потенцира Ковачевски.
Тој нагласи дека НАТО и ЕУ покажаа дека може да работат и да дејствуваат заедно во поддршката за Украина, но и за земјите партнери, како што се Грузија, Молдавија и Босна и Херцеговина.
„Сега е време максимално да го искористиме потенцијалот на кооперативните безбедносни и партнерски алатки и механизми на партнерите од Југоисточна Европа бидејќи сме сведоци на влошување на политичката стабилност и пораст на националистичките и популистичките наративи, кои дополнително се мултиплицираат со влошената безбедносна и геополитичка ситуација на европскиот континент предизвикана од руската воена агресија во Украина“, рече Ковачевски во своето обраќање на состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО од ЈИЕ.
Ги акцентира и економската несигурност и растечката енергетска криза, а како особено ризичен го оцени застојот во процесот на проширување на ЕУ.
„Неприфаќањето дека проширувањето во суштина е безбедносна политика создава дополнителен простор за нестабилност во регионот, а отсуството на кредибилна европска и евро-атлантска перспектива за Западен Балкан има повеќекратни негативни тенденции за злонамерно влијание на трети страни, со што се зголемуваат неизвесностите во регионот и се создаваат сомнежи што резултираат со намалување на довербата на граѓаните во ЕУ“, истакна Ковачевски.
Во завршницата тој посочи дека Република Северна Македонија останува силно посветена на одржување добрососедски односи и унапредување на соработката меѓу земјите од нашиот регион.
„Нашата заложба е да останеме фокусирани на промовирање на овие вредности и принципи за време на нашето претстојно претседавање со ОБСЕ во 2023 година, како и да го искористиме потенцијалот на другите регионални иницијативи, со цел подобро поврзување, разбирање и координација на земјите од регионот и Југоисточна Европа“, нагласи Ковачевски во своето обраќање на состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО од ЈИЕ, што се одржа во Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лефков објави видео од хаосот во Собрание

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков објави видео на Фејсбук од хаосот во Собранието.
Од опозициската партија велат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери ги заклучил внатре.
„ Заклучени пратеници и хаос во Собрание! Диктатурата на ДУИ/СДСМ олицетворена во Талат го покажува грдото лице во Собрание!“.
Македонија
Џафери ги заклучи вратите на салата во Собранието и ги исклучи микрофоните

Собранискиот спикер Талат Џафери побара да се заклучат собраниските врати од салата за да службите пребројуваат пратеници, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираа и посочија дека тоа се прави со цел во салата да не можат да влезат и други пратеници. По заклучувањето на вратите, пратениците прашуваа врз основа на што заклучува собраниски врати, а тој одговори: „Деловникот“. Пратеници
„Немате право да зборувате во прво лице“, рече Силјановска, а тој одговори: „Вас во петто ќе ви зборам, оди седи таму не ви дадов збор“, а пратеничката врати: „Знаете каде ви е вам местото“
Џафери на реакциите да не заклучува врати, посочи: „Јас наредувам. Спушти камера, затворете врата. Пребројте пратеници колку има“, а пратениците се собраа околу неговиот пулт. Џафери одново реагираше: „Тргни се од тука, не сум те повикал. Тргни се од тука. Седете на свои места“.
„Кој ти дава право да заклучиш сала?“ одново го праша Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а Џафери кажа: „Деловникот“.
„Правото на движење е мое право“, му одговори Мицевски, а Џафери возврати: „Јас сум претседател на Собранието“.
„Кој ти дава право да не заклучуваш тука? Не сум ти затвореник јас тебе. Врз основа на што ме држиш?“, реагираше Мицевски, a Џафери возврати со ист одговор: „Деловникот“.
Бидејќи микрофоните во салата беа исклучени, а јавноста не може во живо да ги следи седниците поради тоа што Собранието нема можност за тоа, пратеникот Бојан Стојаноски се обрати до јавноста преку социјалните мрежи:
„Автократот ги исклучи микрофоните. Неколку пати ги заклучуваат вратите, за пратениците од надвор да не можат да влезат во Собранието. Вака не се одлучува демократски. Ова е срамота, насилие. Ова се случува по скандалозното однесување кон собраниските службеници“, кажа Стојаноски.
Жестоката расправија во Собранието продолжи. Додека се правеше список за говорници, Џафери му даде процедурално на координаторот Никола Мицески.
„Заклучивте врата на пратеничка група надвор од секое поведение. Уставот вели дека движењето е неприкосновено. Си толкуваш деловник како сакаш. За што се боревте, за да не заклучат тука, да не киднапираат? Не сме ние Кастриот! Срамота е бе! Па Кастриот можете да го чувате на бели ѕидови, не пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Влегуваш од грешка во грешка, срамота е ова! Заклучувањето на вратата е скандал. Да заклучиш пратеници, 40 пратеници, кој ти дава право, која е таа сила?“, реагираше Мицески.
И Силјановска имаше жестока реакција.
„Пцуевте, пуаквте на избирачко место, што ли ќе доживееме од вас!“, реагира Силјановска.
Македонија
Османи – Дендијас: Грција продолжува да биде силен лобист за Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес беше домаќин на својот хомолог министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендијас, кој допатува во работна посета на Северна Македонија.
За време на тет а тет средбата констатирана е подготвеноста за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што обезбедува поблиско поврзување меѓу двете држави и двата народа. Ваквата соработка претставува модел за целиот регион, за тоа каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат отворените прашања меѓу два соседи. Во тој контекст, се разговараше за исполнувањето на обврските од преспанскиот договор, како и влијанието на договорот врз севкупниот развој на односите и соработката меѓу Северна Македонија и Грција. Постигнатите резултати, беше нагласено, го надминуваат националното ниво и позитивно влијаат врз севкупните односи во регионот.
Соговорниците разменија ставови за најновите состојби во регионалната соработка, руската агресија врз Украина, соработката во рамките на НАТО, како и ЕУ портфолиото на Северна Македонија и останатите држави од регионот, меѓу другото и поради фактот што Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција.
„ Како НАТО сојузници ние имаме и обврска да се грижиме за регионалната стабилност и во оваа насока особено сум задоволен што имаме координиран пристап во интерес на регионот и на Европа”, нагласи Османи, аргументирајќи дека стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија претставува најдобриот начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот, и во оваа насока додаде „особено ме радува фактот што ја имаме целосната поддршка на Грција“.
„ Се разговараше и за економската соработка, енергетското поврзување, кое е клучно за обезбедување на диверзификација во снабдувањето со енергенси, брзото оспособување и отворање на граничниот премини Маркова Нога-Лемос и туризмот.
Посетата на министерот Дендијас е втора посета на грчкиот шеф на дипломатијата во помалку од една година, што говори за неговата посветеност за иднината на нашите билатерални односи и за европската перспектива на нашиот регион. Министрите ќе имаат прилика да продолжат со серијата средби на претстојниот самит на Процесот за соработка на Југоисточна Европа кој ќе се одржи во Солун на почетокот на јуни, како и за време на вториот Преспа форум за дијалог на кој ќе учествува и министерот Дендијас, кон средината на истиот месец во Охрид.