Македонија
Ковачевски за летот на рускиот дипломат: Забраната е во сила и останува во сила

Забранетиот лет на авионот со кој шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, требаше денес да пристигне во дводневна посета на Белград, нема поинаков третман од другите летови на руските авиопревозници, објасни денес премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на Пробиштип. Забраната за прелет на руски авиони Ковачевски рече дека останува.
„Ние имаме донесено одлука, забрана за прелет на руски авиопревозници преку територијата на нашата држава. Ние сме членка на НАТО, што значи дека одлуките што се носат во НАТО се и наши одлуки и ние имаме целосно усогласена надворешна политика со политиката на Европската Унија. Во однос на конкретниот авионски лет нема никаков друг третман во однос на одлуката, која е веќе донесена и која е во сила и која останува во сила“, рече премиерот Ковачевски.
Тоа што Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го забранија летот на неговиот авион, Лавров денес изјави дека е незамисливо и дека тоа претставува лишување на една суверена држава од нејзините права за остварување на надворешната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Извршен е службен разговор со лицето што држеше пиштол кај „Скендербег“, оружјето е на вештачење

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, во полициската станица извршија службен разговор со С. Р. (34) од Скопје, кој беше идентификуван од страна на полицијата како лице што за време на инцидентот во близина на споменикот „Скендербег“ држел пиштол во раката, но не го употребил, соопшти МВР.
Пиштолот ќе биде предаден за вештачење, а за случајот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Македонија
МВР: Kривична пријава против лицето што фрлаше со „молотови коктели“

Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против Ј. С. (18) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, казниво според член 385 од Кривичниот законик.
„Имено, на 5.7.2022 година, околу 21 часот, за време на одржување јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, Ј. С. почнал да подготвува ‘молотови коктели’ и да фрла со нив кон полициските службеници и објектот на Собранието на РСМ.
По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници, Ј. С. е лишен од слобода, обезбедени се сите докази против него во координација со ОЈО Скопје и лицето е изнесено пред судија на претходна постапка“, информираат од МВР.
Македонија
Францускиот предлог стигна во Собранието, седница не е планирана за вечерва

Владата до Собранието ја достави информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Од Собранието информираат дека во согласност со процедурите материјалот ќе се достави до пратениците и за понатамошно постапување, соодветно и навремено јавноста ќе биде информирана.
„Имајќи ги предвид шпекулациите, ве информираме дека за вечерва не е планирана седница. Во моментот кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ја свика седницата, навремено ќе бидете информирани“, велат од Собранието.