Македонија
Ковачевски: Инвестираме во образованието и науката – лабораторијата на штипскиот Универзитет опремена со најсовремен микроскоп

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што беше во обиколка на оваа високообразовна институција.
Премиерот ги посети двете лаборатории на Универзитетот, како и реконструираниот амфитеатар во рамките на објектот, а беше во посета и на спомен-собата на Гоце Делчев во Ректоратот на Универзитетот.
Една од лабораториите наречена АМБИКОН, која функционира две децении, преку проект поддржан од Министерството за образование и наука, се модернизира со нова напредна опрема за земање примероци од аеросоли во амбиентален воздух и издувни гасови, како и нивна детаљна анализа со нова генерација електронски микроскоп со ултрависока резолуција.
„Преку поддршката за модернизација на лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот ‘Гоце Делчев’, која се издвојува со својот научноистражувачки потенцијал во национални, меѓутоа и меѓународни рамки, како Влада ја истакнуваме нашата заложба за поддршка на проектите и инвестициите од областа на науката. Лабораторијата располага со опрема, која е наменета за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиенталниот воздух во реални услови и реално време, како и на утврдување на нивото на персонална експозиција на одделна штетност. Со новата опрема лабораторијата АМБИКОН се осовременува и надополнува, а со тоа се зголемуваат и нејзините можности и опсегот на мерењата за кои е специјализирана, што е уште една предност, покрај тоа што ќе нуди збогатување на знаењата на студентите и општата јавност. Лабораторијата АМБИКОН е една од најсовремените и најопремени лаборатории во целиот регион и среќен сум што нашите професори практично обучуваат научници, студенти, меѓутоа и институции од околните држави“, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека оваа лабораторија има можности и за надградување, веќе разговаравме и со ректорот и со професорот Боев во однос на можностите за финансирање или идно надградување и во иднина ќе направиме сè за нејзината опременост да се зголеми и со тоа да се прошири опсегот на квантитативните и квалитативните истражувања, кои може да ги прави во други области, кои исто така ќе ја зголемат можноста, но и престижот и на лабораторијата и на факултетот, и на целиот Универзитет и на нашата држава. Образованието не може и не треба да се сведе само на она што ние како лекција ќе им го дадеме на младите во текот на образованието, туку и вредностите што им ги пренесуваме.
„Како Влада, освен што инвестиравме во зајакнување на техничките капацитети во образованието, вложуваме и во квалитетот на образованието. Сето ова го правиме бидејќи веруваме во капацитетот што младите луѓе го носат со себе. Тие се движечка сила на општеството. Затоа, ќе направиме сè за да можеме да создадеме поволен амбиент за развој на научноистражувачките можности за младите генерации“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја повеќе делови на Скопје

Поради технички интервенции во електро дистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Од 11,00 до 12,00ч. с.Ракотинци околу школото (о.Сопиште);
· Од 09,00 до 11,00ч. ул. Христијан Тодоровски Карпош од бр. 98 до бр.104 (о. Бутел);
· Од 10,00 до 14,30ч.корисниците од с. Чајлане и с. Паничари (о. Сарај);
· Од 11,00 до 14,00ч. корисниците околу бр.10 од ул. Фредерик Шопен (о. К. Вода );
· Од 10,00 до 12,00ч. Индустриска зона Чојлија, фирмите Џанвики и Фарма Роли (о. Петровец) и
· Од 09,00 до 14,00ч. дел од ул. Тодор Чангов бр. 4Б и бр. 44 (о. Аеродром)
Македонија
МВР: Лажни се дојавите за бомби во училиштата

Лажни се пријавите за наводно поставени експлозивни направи во училишта во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 38 основни и 9 средни училишта во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
„ Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“ велат од МВР.
Македонија
Автомобил удри во пешак кај Цементара, со Брза помош е пренесен во болница

Автомобил марка „мерцедес“ удри во пешак вечерва на булеварот „Борис Трајковски“.
Несреќата се случила во близина на Цементара. Сведоци на настанот посочуваат дека лицето кое било удрено е пренесено во болница со Брза помош. Засега неговата здравствена состојба не е позната, ниту видот на повредите.
Лентата на која се случила несреќата е затворена за сообраќај, а на терен е излезена и полиција. Се чека и увидна екипа која ќе треба да ги утврди причините за несреќата.
Од МВР, детали за случајот најавија по завршување на увдот.