Македонија
Ковачевски: Кога ЕУ нѐ поддржува – ние победуваме, кога ние победуваме – Европа победува
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Брисел присуствуваше на работен состанок на европските лидери членови на Партијата на европските социјалисти, на кој беа присутни повеќе лидери на европски земји, меѓу кои и премиерот на Шпанија, Педро Санчез, премиерот на Португалија, Антонио Коста, и премиерот на Косово, Аљбин Курти, како и високи претставници на ЕУ, потпретседателите на Европската комисија, Марош Шефчовиќ и Жосеп Борел, комесарите Паоло Џентилони, Николас Шмит и Елиса Фереира и др.
На состанокот Ковачевски изрази благодарност за континуираната поддршка што Северна Македонија ја добива од европските социјалисти, кои се гласни поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Анализирајќи ги изминатите три децении, период полн со предизвици низ кои помина нашата земја, Ковачевски истакна дека прогресивната политика на Владата на СДСМ ја извади Северна Македонија од мрачното сценарио на национализам, назадување и изолација на земјата.
Сега земјата е исправена пред нов предизвик, двоен изборен процес, на кој ќе се избираат претседател на државата и идна влада, која, како што истакна Ковачевски во обраќањето, мора да биде европска и прогресивна. Ако европската агенда не надвладее, мрачното сценарио ќе ги врати земјата и регионот во неизвесни води, во изолација. Северна Македонија тоа еднаш го помина и тоа не смее да се повтори.
Ковачевски посочи дека Владата изминативе неколку години, со конструктивен дијалог и демократски политики, ги реши споровите и земјата стана членка на НАТО. Напредокот на Северна Македонија не беше само на меѓународен план, Владата ги зголеми минималната плата и социјалниот пакет, а ја намали и невработеноста.
Ковачевски во своето излагање упати порака дека ЕУ не треба да се откаже од својот успешен надворешнополитички инструмент насочен кон мир и промовирање реформи. Интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ ќе биде гарант и за стабилноста на Западен Балкан. „Кога ЕУ нè поддржува, ние победуваме. Кога ние победуваме, Европа победува“, истакна Ковачевски.
Во своите обраќања присутните лидери од партиите на европските социјалисти говореа за геостратешките предизвици на Унијата и ја истакнаа нивната силна поддршка за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре протест поради загадениот воздух
Утре во Скопје протести поради загадениот воздух. Маршот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, продолжува кон Собранието и завршува пред Владата на Република Македонија.
Од „Зелен хуман град“ предлагаат неколку итни мерки, но и повеќе среднорочни, за поефикасно справување со штетните честички во воздухот.
„Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето“ велат од „Зелен хуман град“.
Македонија
Ловечко куче извадено од провалија од екипа на Планинската спасителна служба во Охрид
Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид спасила ловечко куче паднато во провалија од околу 50 метри.
Вчера добиле повик од група ловци, чие ловечко куче се изгубило. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побарал помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излегол на терен.
„Со помош на околувратникот со вграден ГПС локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во селото Речица, 100-тина метри од подножјето и околу 50 метри од горниот раб на ископот. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и сопственикот. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот“, соопшти ПСС Охрид.
„Вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност“, посочува Планинската спасителна служба.
Македонија
Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот кој на 112 пријави дека три дена е оставен без храна
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.