Македонија
Ковачевски: Македонскиот јазик во ЕУ ќе биде еднаков со сите европски јазици, потребна е државничка одлука за иднината

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа билатерален состанок со претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, со присутните членови на делегацијата, како и со амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир.
Премиерот Ковачевски на средбата упати благодарност до претседателката на Европската комисија, Фон дер Лаен, за континуираната цврста поддршка и лична заложба за Република Северна Македонија да добие датум за преговори без понатамошни одлагања, со оглед на тоа што иднината на Западен Балкан e во Европската Унија.
Премиерот Ковачевски истакна дека во овие клучни моменти за државата, кога треба да се носат мудри и државнички одлуки, присуството на претседателката на Европската комисија е јасен сигнал за поддршката на евроинтегративните процеси на Северна Македонија.
На билатералната средба премиерот Ковачевски рече дека Владата останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и на културните особености на македонскиот народ, што всушност е потврда и со европскиот предлог.
Тој додаде дека очекува да биде поддржан од сите политички субјекти во Собранието преку носење натамошни заклучоци за европскиот предлог во согласност со собраниските процедури. „Имаме предлог што гарантира чист македонски јазик во ЕУ, историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка“, потенцира премиерот Ковачевски.
На средбата беше дискутирано дека нашата земја е пред многу важна одлука за нејзината иднина и остварување на уште една стратешка цел – отворање на преговорите со Европската Унија со зачуван и обезбеден македонски јазик во Европската Унија, што значи конечно затворање на сите идентитетски прашања. Притоа беше констатирано дека европскиот предлог е важен чекор со кој ќе се надмине блокадата и кој ќе ја приближи Северна Македонија до членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таткото на Вања осомничен за помош при грабнување, останатите четворица и за две убиства на свиреп начин, Обвинителството отвори истрага

Доцна вечерва Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за грабнувањето на 14 – годишната Вања Ѓорчевска и нејзиното убиство и за убиството на 74-годишниот Панче Жежовски.
„Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин, едно на малолетно лице и едно од користољубие. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице“, соопштија од Обвинителството.
За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го продолжи притворот на четворицата за 30 дена.
„Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил ’цитроен’ за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените. На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен“, стои во соопштението од Обвинителството.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вонредна прес-конференција вечерва соопшти дека во Турција е уапсен Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за грабнувањето и двојното убиство, кој според исказите на останатите уапсени, бил организатор и извршител на двете убиства.
Македонија
Полицијата го пронајде и мобилниот телефон на Вања

Пронајден е мобилниот телефон на 14-годишната Вања Ѓорчевска која беше киднапирана пред својот дом и свирепо убиена за помалку од три часа.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната вонредна прес-конференција беше прашан дали е пронајден телефонот, на што кусо одговори „да“.
Кобниот ден, на 27 ноември, Вања утрото во 7:27 часот го напуштила домот, со цел да стигне на час во училиштето Песталоци. Од она што досега е познато, киднаперите минута подоцна ја фатиле на приземјето, и’ ги врзале рацете и ја ставиле во вреќа за спиење. Потоа ја турнале во „цитроенот“ кој бил украден од втората жртва, велешанецот Панче Жежовски. Со возилото се упатиле кон улицата Партизански одреди, а веќе во 7:35 часот, телефонот на Вања бил исклучен и последен пат лоциран во близина на „Броз кафе“, кај „Силбо“. Дента во 10 часот, Вања е убиена.
Македонија
Оперативен извор на македонската полиција во Баликесир клучен за апсењето на Палевски

Турската полиција го уапсила Љупчо Палевски-Палчо, осомничен за двојно убиство, откога директен оперативен извор на македонската полиција го лоцирал и известил за неговита намера да тргне кон Истанбул. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва извести дека нашите служби од секторот за меѓународна соработка стапиле во директен контакт со оперативниот извор во Баликесир откако добиле известување дека Палевски влегол во Турција.
„Во Турција оди во градот Баликесир и нашите служби од секторот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт, директно не само со власите, со полицијата, туку стапуваат во контакт со еден нивен оперативен извор кој што за многу кратко време ни врати повратна информација дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни кажа за неговите намери дека од тука практично сака да замине во Истанбул. Таму останува, во Баликесир. Се подготвува најмува такси-возач за да оди во Истанбул и тука е практично симулирањето дека ќе оди, оти повторно се враќа назад во градот. Денеска попладнево од страна на колегите од турската полиција е уапсен додека се движел пешки по еден од автопатите, меѓутоа во Баликесир“, рече министерот Спасовски.
Оперативниот извор во Турција им јавил и дека Палевски симулира дека оди за Истанбул.
„Крајната дестинација му била Истанбул, според сознанијата од нашиот извор кој што ние го имавме таму, директен. Затоа земал такси и практично знаевме од изворот дека земал такси да оди во Истанбул, излегол од Баликесир, тргнал кон Истанбул и за кратко време се вратил пак назад во Баликесир. Тоа е таа симулација, веројатно мислел дека на тој начин нема да биде откриен“, објасни министерот Спасовски.
Тој вечерва се заблагодари на сите кои работеле на случајот, посебно на колегите од „пријателска Турција“, „пријателска Србија“, од Република Бугарија, но и од Хрватска која самоиницијативно направила проверки и ја известила македонската полиција дека Палевски не е кај нив.
Министерот Спасовски рече дека детали околу апењето, изјавите на Палевски по апсењето ќе се споделат кога ќе биде донесен кај нас, а на екстрадицијата ќе работи Министерството за правда.
Палевски е осомничен дека е организатор и извршител на убиствата на 14 – годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.