Македонија
Ковачевски – Мелони: Воздушната НАТО патрола над нашето небо ќе ја реализира Италија

Премиерот Димитар Ковачевски, во телефонски разговор со премиерката на Италија, Џорџија Мелони, разговараше за повеќе актулени прашања за нашата држава и за регионот.
Во фокусот на телефонскиот разговор, беше претстојното патролирање на македонското небо, од страна на италијанските воздухопловни сили. Овој процес е согласно НАТО принципите на заменливост, а премиерите разговараа околу усогласувањето на потребниот технички аранжман помеѓу двете држави, по чиешто потпишување Италија и официјално ќе биде вклучена во оваа НАТО мисија над македонското небо.
Премиерот Ковачевски, изрази жалење за жртвите во полавите што зафатија делови од Италија овој месец, за што Северна Македонија веќе понуди тимови за помош во санирањето на последиците, во форма каква што е потребна и можна.
Се заблагодари за зајакнатата улога и лидерството на Италија, кога се работи за европските перспективи на Северна Македонија и на регионот, односно за тоа што новата Влада, којашто ја предводи премиерката Мелони, го постави Западен Балкан високо на приоритетите во надворешната политика. Во разговорот беше посочено дека Италија целосно ја поддржува интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО и дека процесот на европско обединување нема да биде комплетен без земјите од Западен Балкан.
Ковачевски и Мелони, го истакнаа значењето на следниот чекор на Северна Македонија во европските интеграции, со изразено очекување сите политички лидери и субјекти во земјава да ја имаат предвид важноста на евроинтеграцискиот процес.
Во телефонскиот разговор, премиерот Ковачевски ја поздрави одлуката на Европската Унија со која стратешкиот инфраструктурен проект Коридорот 8 влезе во мрежата главни коридори во регионот и во Европа.
Во таа насока премиерот Ковачевски ја нагласи важната улога на Италија во истакнувањето на значењето на Коридорот 8, кон чијашто реализација е силно посветена и Северна Македонија.
Во разговорот е констатирано и дека оваа година Северна Македонија и Италија одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, што е голем јубилеј којшто дава мотив за натамошна засилена соработка.
Оценето е дека политичките односи се традиционално добри и пријателски, а економската соработка го одржува долгогодишниот тренд во којшто Италија континуирано се наоѓа на листата десет држави со коишто Република Северна Македонија има најголем обем на трговска размена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Оптимист сум дека ќе обезбедиме мнозинство за Уставните измени

„Скрининг процесот со Европската Унија е во тек и се одвива со добра динамика врз основа на што ќе ги добиеме извештаите од скринингот и патоказот за отворање на поглавјата. Паралелно со тој процес , се одвива и процесот на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот“.
Во интервју за француската телевизија „Франс 24“, министерот за надворешни работи, Бујар Османи зборува за процесот на уставните измени, односите со Бугарија, како и за реформската агенда на Владата потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.
Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред“, вели Османи во интервјуто во однос на односите со Бугарија и очекувањето за продолжување на дијалогот помеѓу двете земји.
Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека Северна Македонија има најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското аки. За земјата уште подобро да напредува и да покаже вистински резултати, Османи вели дека е потребно да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.
„Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество“, вели Османи.
Северна Македонија, делумно со тоа што толку долго беше на овој пат кон ЕУ, беше фаворит дури и во споредба со земјите кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.
„Оваа предност и побрзото отворање на поглавјата, ќе ни помогне за да можеме побрзо и да ги затвориме преговорите“, вели Османи во интервјуто за „Франц 24“.
Македонија
Петровска во посета на најстариот приватен воен колеџ во САД, Универзитетот „Норвич“

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и делегацијата при престојот во сојузната држава Вермонт, го посетија и Универзитетот „Норвич“, кој е и најстариот приватен воен колеџ во Соединетите Американски Држави.
При посетата на „Норвич“, министерката Петровска се сретна со претседателот на Универзитетот, генерал мајор Марк Анарумо, со кого разговараше за можностите за продолжување на успешната соработка помеѓу Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и овој Универзитет.
Петровска и Анарумо изразија интерес за продолжување на воспоставената пракса на размена на питомци, за што во иднина треба да се потпише и нов Технички договор помеѓу двете високообразовни институции.
Во периодот од 2015 до 2020 година, 10 питомци од академијата минаа по еден семестар во рамките на Универзитетот Норвич, додека питомци од овој Универзитет беа дел од Летниот кампус организиран од Воената академија на „Криволак“.
Македонија
Прашањата од матурата по англиски јазик се појавија на група на „Вибер“, од ДИЦ велат дека тестот не е пробиен, туку споделен

Матуранти, во група на апликацијата „Вибер“ си ги разменувале одговорите на матурскиот тест по англиски јазик.
По информациите во јавноста, со коментар се огласи Државниот испитен центар.
Од тука велат дека тестовите не биле пробиени, туку прашањата биле споделени откога испитот започнал.
„Тестот не е пробиен, туку споделен“, велат од испитниот центар образложувајќи дека тестирањето почнало во 10 часот, а потоа во рамките на Вибер групите од страна на членовите биле објавувани прашањата кога почнала реализацијата на испитот.
Најавуваат дека ќе постапат согласно законските надлежности со сите матуранти што ги нарушиле правилата.
Денеска се полага вториот екстерен испит, а според податоците на Државниот испитен центар, како и во минатите години најмногу пријавени (13 922) има за испитот по Англиски јазик.