Македонија
Ковачевски: Партнери сме со Црвен крст во заштитата на животот и здравјето на сите граѓани

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска учествуваше на настан по повод 17 Март – Денот на формирањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски ја искористи приликата да се зачлени како волонтер во редовите на Црвениот крст, а за успешната соработка со Владата и посебните заложби во остварувањето на мисијата на оваа хуманитарна организација на премиерот му беше доделено признание.
Ковачевски изјави дека Црвениот крст е симбол на обединување на сите хуманитарци, крводарители, сите доброволци и дарители на помош на луѓето во целиот свет, на категориите граѓани, кои во одреден момент се нашле во неповолна ситуација.
„Владата и ресорните министерства, единиците на локална самоуправа и локалните институции, со Црвениот крст обезбедуваат комуникација и соработка во спроведувањето на активностите за подобрување на добросостојбата на заедницата во мирновременски услови и при кризни состојби.Обезбедуваме поддршка, при организирањето акции за подигањето на јавната свест за заштита од катастрофите, промоцијата на доброволно крводарување и надминување на кризните ситуации кога има потреба од хуманитарна поддршка“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре без вода делови на Центар, Кисела Вода и Сарај

Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -80 мм на ул. Јордан Хаџиконстантинов Џинот бр. 21, утре од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица како и дел од бул. Илинден и дел од ул. Аминта Трети (потегот околу градски парк). (Општина Центар)
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -100 мм на ул. Димо Хаџидимов бр. 64, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица како и дел од ул. Божидар Аџија и ул. Михаил и Ефтихиј. (Општина Кисела Вода)
Поради замена на затворачи во резервоарот за питка вода во с. Копаница, од 07:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од селата: Копаница и Буковиќ. (Општина Сарај)
Македонија
По третпат не дојдоа Камчеви за да сведочат за милионот

Граѓанскиот суд по третпат ќе се обиде да ги најде сведоците со кои бизнисменот Орце Камчев ќе се обиде да докаже дека дал 1,5 милиони евра на тужените Бојан Јовановски-Боки13 и Катица Јанева. Сметководителката во фирмите на Камчеви, Мирјана Бошковска, сопругата на бизнисменот, Ана Камчева, мајката Ратка Куновска-Камчева и сестрата Кристина Камчева-Стојческа ниту на денешното рочиште не дојдоа.
Сега, обврска да ги извести за терминот на следното рочиште, зема адвокатот Кристина Стојменова. Одлагање на рочиштето не им се допадна на адвокатите кои ги застапуваат Јовановски и Јанева. Судијата Андреј Димовски, сепак остави уште една шанса за Камчеви и сметководителката да дојдат на судење.
„ Се закажува рочиште за 6.6.2022 година, кога доказната постапка ќе продолжи со сослушување на сведоците“, кажа судијата Димовски.
Катерина Петкова, адвокат на Боки 13 сметаше дека повеќе судот не треба да ги чека сведоците. Според неа, тие не го оправдале нивното отсуство, за да им се даде нов термин да сведочат.
„ Тужителот имал можност да ги извести за закажаните судења и да го обезбеди нивното присуство“, кажа Петкова.
Бојан Јовановски-Боки 13 пак, бурно реагираше. Според него одложувањата на рочиштата е со цел да се прибави предметот од Врховен суд, а сведоците да се потсетат што кажале кога се судел предметот „Рекет“, за истото да го повторат.
„ Очигледна е потребата за потсетување на сведоците на она што го кажале во Кривичниот суд, бидејќи тој што не ја говори вистината брзо заборава што кажал“, кажа Боки 13.
Реакција против одлагањето на рочиштето имаше и од државниот правобранител Фитим Касапи.
Новото рочиште е закажано за една недела.
Македонија
Продолжува чистењето на кејот на реката Вардар

Екипите на ЈП Улици и патишта деновиве го чистат делот на кејот на река Вардар од пешачкиот мост кај населбата Злокуќани кон хотелот „Александар Палас“ и со тримери ја сечат обраснатата вегетација од косините на овој потег.
Досега се исчистени деловите од Железниот мост во Влае до мостот кај хотел „Александар Палас“. Активностите се одвиваат од двете страни од кејот, исто така исчистен е просторот од мостот „Обединети Нации“ до Железниот мост во Влае, како и делот кај „Желениот мост“ до објектот на ТВ Канал 5.
Во наредниот период продолжува интензивното сечење на обраснатата вегетација на кејот на реката Вардар, согласно Програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки, реките Серава, Лепенец, Треска и на отворените канали на подрачјето на Град Скопје за 2022 година.