Македонија
Ковачевски: Проширувањето на ЕУ со Западен Балкан веќе е и стратешко и безбедносно прашање

Кристално јасна европска перспектива за Северна Македонија ќе значи регионална стабилност и забрзан развој, порача денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел, кој се наоѓа во работна посета на нашата земја.
Ковачевски истакна дека во време на голема нестабилност, која е резултат на воената агресија на Русија врз Украина, како никогаш досега се јавува потребата Европа да биде обединета, силна и целосно подготвена да ги одбрани демократските вредности на чии темели е изградена. Тој потсети дека Северна Македонија како членка на НАТО и земја кандидат силно ја осуди воената агресија на Русија врз Украина и ги активира санкциите кон Руската Федерација.
Според премиерот, Европската Унија и сите земји членки треба да дејствуваат стратешки и храбро и да повикаат на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
„Сегашната состојба статус кво никому не му оди во прилог“, рече Ковачевски додавајќи дека со бугарскиот премиер, Кирил Петков, градат мостови на пријателство и нови можности за соработка со цел решение на спорот.
Македонскиот премиер повтори дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Тој предупреди дека овие држави се тесно поврзани, па блокадата на пристапните преговори со Северна Македонија со ЕУ се чувствува во целиот регион.
„Оставањето геостратешка празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Брзата интеграција на Северна Македонија и регионот ќе обезбеди стабилност, но и развој на Европа. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ“, порача Ковачевски.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, се согласи дека е потребен почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија, но истакна дека не може да вети датум оти проширувањето не може да продолжи ако е попречено од билатерални прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи – Дендијас: Грција продолжува да биде силен лобист за Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес беше домаќин на својот хомолог министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендијас, кој допатува во работна посета на Северна Македонија.
За време на тет а тет средбата констатирана е подготвеноста за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што обезбедува поблиско поврзување меѓу двете држави и двата народа. Ваквата соработка претставува модел за целиот регион, за тоа каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат отворените прашања меѓу два соседи. Во тој контекст, се разговараше за исполнувањето на обврските од преспанскиот договор, како и влијанието на договорот врз севкупниот развој на односите и соработката меѓу Северна Македонија и Грција. Постигнатите резултати, беше нагласено, го надминуваат националното ниво и позитивно влијаат врз севкупните односи во регионот.
Соговорниците разменија ставови за најновите состојби во регионалната соработка, руската агресија врз Украина, соработката во рамките на НАТО, како и ЕУ портфолиото на Северна Македонија и останатите држави од регионот, меѓу другото и поради фактот што Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција.
„ Како НАТО сојузници ние имаме и обврска да се грижиме за регионалната стабилност и во оваа насока особено сум задоволен што имаме координиран пристап во интерес на регионот и на Европа”, нагласи Османи, аргументирајќи дека стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија претставува најдобриот начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот, и во оваа насока додаде „особено ме радува фактот што ја имаме целосната поддршка на Грција“.
„ Се разговараше и за економската соработка, енергетското поврзување, кое е клучно за обезбедување на диверзификација во снабдувањето со енергенси, брзото оспособување и отворање на граничниот премини Маркова Нога-Лемос и туризмот.
Посетата на министерот Дендијас е втора посета на грчкиот шеф на дипломатијата во помалку од една година, што говори за неговата посветеност за иднината на нашите билатерални односи и за европската перспектива на нашиот регион. Министрите ќе имаат прилика да продолжат со серијата средби на претстојниот самит на Процесот за соработка на Југоисточна Европа кој ќе се одржи во Солун на почетокот на јуни, како и за време на вториот Преспа форум за дијалог на кој ќе учествува и министерот Дендијас, кон средината на истиот месец во Охрид.
Македонија
Ковачевски – Дендијас: Фокусирани сме на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Грција

Претседателот на Владата денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Дендијас, кој е во еднодневна посета на нашата земја.
На средбата беше истакнато дека Владата на Северна Македонија е фокусирана на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа и изразената подготвеност за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија.
Во таа насока на средбата беа споделени информации за текот на организацијата на вториот состанок на Советот за соработка на владите на високо ниво, како и за подготовките за одржување на првиот состанок на Комитетот за деловен дијалог кој треба да се одржи во текот на оваа година.
Од овој состанок, на кој треба да учествуваат претставници на стопанските комори на двете земји и раководните менаџери на повеќе компании, се очекува натамошно унапредување на економските односи меѓу Северна Македонија и Грција, која е четврта земја по вредноста на трговската размена која од година во година бележи постојан раст.
За време на разговорот беа потенцирани заложбите на Грција за целосен ангажман и активна поддршка на Северна Македонија во европската интеграција при што беше потенцирано дека Атина ќе продолжи со ангажманот за усвојувањето на преговарачката рамка и за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Грција Дендијас го издвои посебниот придонес на Северна Македонија во градењето и зајакнувањето на регионалната соработка, стабилноста и добрососедските односи како посебно значаен аспект за регионот и пошироко.
Македонија
Утре без струја повеќе делови на Скопје

Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат следните корисници:
од 08:30 до 12:00 часот, дел од корисниците лоцирани на патот од с. Сопиште кон с. Горно Соње. (Општина Сопиште)
од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците од дел од бул. ВМРО (спроти Пошта). (Општина Центар)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. Илија Димовски – Гоче. (Општина Аеродром)
Од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улиците: 1513, 1515 и крак 2 од ул. Саса во нас. Пинтија. (Општина Карпош)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од викендиците во с. Побожје. (Општина Чучер Сандево)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Бардовци, (место викано Рупа). (Општина Ѓорче Петров)