Македонија
(Видео) Ковачевски: Растат платите, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите, буџетот е стабилен во услови на криза

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати пред речиси 500 претставници на деловната заедница корисници на поддршката од Владата за нови инвестиции преку Законот за финансиската поддршка на инвестициите.
Во своето обраќање се осврна на важноста од нови инвестиции во услови на најголемата светска економско-енергетска и инфлациска криза. Тој истакна дека и во услови на криза буџетот е стабилен, се зачуваа работните места, се задржа ликвидноста на компаниите, а поддршка на државата не изостана. Растат платите, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите. Премиерот Ковачевски посочи дека сето ова е резултат на стратешката определба на државата, влезот во НАТО и евроинтегративниот процес, кој во иднина ќе го забрза економскиот раст.
„Паралелно работиме на среден и долг рок во консултација со деловната заедница и сите засегнати страни, а во насока на подобрување на вкупниот деловен амбиент, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, како и повеќе вработувања. И во услови на криза најважно е инвестициите да не застанат, а вие сите што сте тука присутни тоа најдобро го знаете.
Во таа насока, Владата, преку Законот за финансиската поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес, поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години, финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.
Државната поддршка за стопанството е сериозна. Речиси 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските компании годинава или петпати повеќе во споредба со периодот пред пет години. Директните субвенции од буџетот во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми, од 1,9 милијарда денари во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава.
Работиме домаќински и одговорно, буџетот е стабилен, а државата е финансиски ликвидна и солвентна. Нашата домашна валута, денарот, е исто така сидрото на стабилноста на нашата економија“, истакна Ковачевски.
Додаде дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно дека се останува на златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели.
„Стапката на невработеност, пак, во 2016 година беше речиси 24 % за денес да е на ниво под 14 %. За една година, имаме зголемена вработеност од 9,5 % во државата.
За споредба, во 2016 година минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето-плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година просечната нето-плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата.
Сите овие параметри и показатели се доказ дека нашиот стратешки европски пат е правилниот пат“, рече тој.
Појасни дека Владата во соработка со Светската банка има изработено стратегија за човечки капитал до 2030 година, во која фокус се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја – образованието, здравството и социјалната заштита.
„Она што е важно е дека за успех на стратегијата, потребни ни сте и вие, приватниот сектор, како и другите засегнати страни, вклучувајќи го и учеството на граѓанското општество“, потенцира премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осум македонски државјани најдоцна до утре ќе бидат евакуирани од Израел, 28 побарале помош

Заклучно со денешниот ден, вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка за евакуација, соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Министерот нагласи дека веднаш по добиените информации за ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток, Министерството преку дипломатско-конзуларното претставништво во Израел започнало активности за евакуација на македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на таа земја. Формиран е кризен штаб со примарна надлежност за организација на безбедно извлекување на нашите државјани, а Амбасадата во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и директна комуникација со нив.
„Согласно најновите информации, заклучно со денешниот ден, вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка за евакуација. Првата фаза од процесот ќе се реализира преку трета земја – Египет. Очекуваме осум наши државјани (четири возрасни лица и четири деца) до крајот на денешниот ден, или најдоцна утре, да бидат префрлени на безбедна територија, од каде што по воздушен пат ќе се изврши нивно враќање во земјата“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека македонската амбасада во Тел Авив активно ги финализира подготовките за првата група – вклучително и обезбедувањето на потребната документација, логистиката и организацијата на безбеден конвој за трансфер кон Египет.
„Како што беше побарано од самите државјани, втората група се очекува да ја напушти територијата на Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставувањето на редовен авионски сообраќај од аеродромот во Тел Авив“, додаде министерот.
Со оглед на прекинот на редовниот воздушен сообраќај со Израел, оваа фаза од евакуацијата ќе се реализира со авион во сопственост на Владата, кој ќе обезбеди транспорт за првата група државјани кои изразија подготвеност веднаш да ја напуштат територијата на Израел.
Муцунски посочи дека персоналот на нашата амбасада се наоѓа на безбедна локација и останува постојано на располагање на македонските граѓани. Воедно, потсети дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија упати апел до сите наши државјани да се воздржат од патувања во Израел и Иран, освен во случаи на апсолутна неопходност.
„Повторно нагласуваме дека 24-часовно се достапни дежурните телефонски броеви на Министерството и на нашата амбасада во Тел Авив за сите прашања, поддршка и конзуларна помош“, подвлече министерот.
На крајот на прес-конференцијата, Муцунски упати апел до сите страни да го почитуваат меѓународното право и да покажат воздржаност.
„Внимателно ја следиме состојбата на Блискиот Исток и ја изразуваме нашата најдлабока загриженост за опасната ескалација. Ја повторуваме нашата силна посветеност на регионалната и глобалната безбедност и апелираме до сите страни да го почитуваат меѓународното право, да покажат воздржаност и да се воздржат од понатамошни дејствија кои би можеле да доведат до сериозни последици“, заклучи министерот Муцунски.
Македонија
Првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија од денеска е официјално отворена

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), денеска официјално ја отвори првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија.
Младинската летна школа ќе се одржува од 16-ти до 20-ти јуни во Маврово, а повикот за учество на истата беше наменет за млади од Северна Македонија кои се на возраст од 16 до 22 години.
Приближно 40 млади луѓе имаат можност да учествуваат во младинската летна школа која што претставува платформа за зајакнување на младите како агенти за промени. Учесниците, преку интерактивни методи на работа ќе имаат можност да се запознаат и дружат со врсници од целата земја и да се стекнат со нови вештини поврзани со личен развој, интерперсонални односи и тимска работа.
Како што беше наведено и во повикот, летната школа ќе се заснова на пристапот „Спорт за развој“, користејќи го спортот како педагошка алатка за промовирање на младинската едукација, инклузија и личен развој на учесниците.
На отворањето на младинската летна школа присуствуваше државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу кој во своето обраќање нагласи дека социјалната инклузија не е само збор, туку дека тоа е животна мисија.
„Вашата енергија, креативност и желба за правичност се клучот за градење на општество каде секој ќе има еднакви шанси да се развива и да живее достојно. Оваа летна школа е ваш простор да ги развиете тие вештини, да се поврзете со луѓе кои го делат истиот ентузијазам и се надевам дека ќе ви донесе не само знаење, туку и инспирација, храброст и сила да продолжите понатаму, и покрај сите предизвици. Нека оваа енергија и заедништво што ќе ги изградите овде, ве водат низ цел живот,“ порача Сабриу.
Тој на присутните млади им посака многу успешни денови, фер плеј, искрени пријателства и безброј моменти со кои ќе се потврди дека се на вистинското место, со цел да го направат светот подобар!
„На нас останува да продолжиме да ве подржуваме и вложуваме во вас, затоа што само така ќе изградиме здрава, активна и самосвесна генерација – генерација која ќе го гради подоброто утре!“,рече Сабриу.
Македонија
Утре сончево и топло време

Утре времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне во западните, претежно планински региони ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Во следните денови времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во четврток и во петок.