Македонија
Ковачевски: Со инвестиции во опрема и повисоки плати во здравството до поквалитетна здравствена услуга за граѓаните

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски придружен од министерот за здравство Беким Сали, денеска го посети и отвори одделението за магнетна резонанца во рамки на одделот за рентген во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност – Прилеп.
„Нашата посета на Општата болница во Прилеп е по повод отворањето на одделот во кој е поставен ново набавениот апарат за магнетна резонанца. Одделението со нова магнетна резонанца во Прилеп е дел од приоритетите на Владата и на Министерството за здравство. Освен во човечкиот капитал, сериозно да инвестираме и во опремување и реновирање на здравствените установи. Магнетната резонанца е од огромно значење и придобивка за граѓаните на Прилеп и околината. Во овој оддел од денеска највисока здравствена услуга неопходна за точна дијагностика ќе добиваат околу 120.000 граѓани”, изјави премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека после повеќе од 50 години болницата добива модерен апарат за магнетна резонанца и сега ќе може уште полесно и поцелосно да ја остварува својата мисија – да обезбедува квалитетна здравствена услуга за населението од Прилеп, Крушево и Македонски Брод и за целиот овој регион, вклучително и Кавадарци.
Апаратот го обезбеди Министерството за здравство, додека болницата ги обезбеди средствата за градежниот зафат и дополнителната опрема.
Ковачевски истакна дека продолжуваат со инвестиции во јавното здравство за мотивирани здравствени работници и задоволни граѓани.
“Платите на сите вработени во здравството од почетокот на оваа година се зголемија за пет отсто. За оваа намена обезбедени се 600 милиони денари во Буџетот за 2022 година. За четири години основната плата на лекарите специјалисти ја зголемивме за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23%, на општите лекари за 25%, додека на здравствените соработници за 15%. Го коригиравме коефициентот за дежурства, а на младите специјализанти им овозможивме здравствено осигурување, платени дежурства и месечен надомест во висина на основната плата на општ лекар. Ова се само дел од мерките кои ја потврдуваат нашата определба и цел за достапна, квалитетна и долгорочно одржлива здравствена заштита, која ги има граѓаните во центарот на здравствениот систем“, изјави Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски по повод 24 Мај: Сѐ уште има такви кои си земаат за право да имаат ексклузивитет врз заедничките добра

Денот посветен на солунските браќа, кои не само што ги поставија темелите на духовноста и на писменоста кај словенските народи туку и инаугурираа идеи и дела исполнети со хуманост и со човекољубие и коишто имаат почитувачи и следбеници ширум светот, за нас е повеќе од празник, истакнува претседателот на државата Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
„Ние имаме особен долг и благодарност кон нивното дело, кое е наш духовен и културен темел, но и светоглед и залог за иднината. Св. Кирил и Методиј се и треба да ни останат патоказ за тоа како да истраеме и како индивидуи и како нација“, посочува Пендаровски.
„И единаесет века по упокојувањето на Св. Кирил и Методиј, поборниците за вистината и неуморните заштитници на послабите и на обесправените, сѐ уште се живи нивните дела и нивните мисли, но, за жал, живи се и догмите против коишто се бореа. Сѐ уште има такви коишто си земаат за право да имаат ексклузивитет врз општите и заеднички добра и се обидуваат да ги потчинуваат и условуваат останатите. Напредокот и добросостојбата се можни само со споделување на заеднички вредности, со давање и со помагање, а не со алчност, себичност и со доминација. Токму тоа најдобро го покажа делото на Св. Кирил и Методиј“, стои во напишаното од страна на шефот на државата, по повод 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј.
Македонија
Посебен сообраќаен режим во Скопје поради посетата на делегацијата на СПЦ

Поради официјална посета на делегација на Српската православна црква, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Град Скопје, при што за сообраќај ќе бидат затворени булеварот Партизански одреди од крстосницата со улицата Аминта Трети до крстосницата со булеварот ВМРО и улицата Св. Климент Охридски од крстосницата со булеварот Илинден до крстосницата со улицата Димитрие Чуповски во Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
СПЦ и МПЦ со нова заедничка литургија во Скопје

Во соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје се одржува божествена литургија со која чиноначалствуваат поглаварот на МПЦ-OА г.г. Стефан и српскиот патријарх г.г. Порфириј.
Божествената литургија е пропратена со присуство на голем број верници од различни возрасти а има и претставници на Католичката црква во земјава.
Поглаварот на Српската православна црква вчера во попладневните часови пристигна во Скопје. Во делегацијата на СПЦ се и Митрополитот црногорски и приморски Јоаникије, Епископот сремски Василиј, Епископот бачки Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотие и крушевачкиот Давид. Делегацијата на СПЦ беше пречекана од Архиепископот г.г. Стефан и Митрополитот Тимотеј.
Со литургијата што минатата недела се одржа во Белград, се надмина 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
СПЦ вчера го заврши мајскиот Сабор, но во соопштението немаше детали за автокефалност на МПЦ.