Македонија
Ковачевски: Со меѓународната поддршка „Отворен Балкан“ е двигател на евроинтеграциите за регионот

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на агендата на самитот „Отворен Балкан“, се обрати на тркалезната маса, на која присуствуваа претставници на дипломатските претставништва и на меѓународните организации застапени во регионот.
Во своето обраќање Ковачевски се заблагодари за поддршката за „Отворен Балкан“, која како регионална иницијатива е насочена кон, како што рече, олеснување на трговијата и поттикнување на економскиот развој во регионот.
„Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера за нашите луѓе веднаш да ги почувствуваат придобивките од она што го нудиме. Очекуваме тие придобивки да бидат почувствувани и во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на животот на милиони граѓани“, истакна премиерот и додаде дека иницијативата е отворена за сите земји од регионот.
Ковачевски потенцира дека од политички аспект „Отворен Балкан“ е насочен кон забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и кон придонесување за секоја од земјите на нејзиниот пат кон членство во ЕУ во разумен временски период.
„’Отворен Балкан’ е наш автентичен континуитет на Берлинскиот процес. Со меѓународната поддршка на иницијативата ја засилува европската интеграција на регионот и е во целосна усогласеност со европските политики и регулативи“, посочи премиерот.
Ковачевски уште додаде дека „Отворен Балкан“ продолжува понатаму со отворање нови можности за граѓаните од регионот, како што се соработката во туризмот, поголема културна соработка во регионот и креирање заеднички календар на културни настани, што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Милошоски ги претстави шесте забелешки кои ВМРО-ДПМНЕ ги посочи како клучни кон францускиот предлог

Претеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната прес конференција подетално ги претстави шесте забелешки кои што ВМРО-ДПМНЕ ги има посочено како клучни кон францускиот предлог и за кои сметаат дека доколку се прифатат од страна на Владата можат да го подобрат квалитетот на овој предлог.
„Во двата документи кои што досега се достапни во јавноста, едниот е општиот став на ЕУ или т.н. преговарачка рамка, во тој документ имаме две забелешки, а тоа е во точката 3 зборовите „ЕУ ги зема во предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонски јазик“ да се избришат и да стои дека законодавството на ЕУ се преведува само на македонски јазик. И да нема никакви дополнителни декларации кои што би го обременувале јазикот или би го толкувале бидејќи ниедна трета држава нема право да толкува јазик на било која друга држава“ – вели Милошоски.
Во точката 5 од преговарачката рамка да се избрише последната алинеја која што гласи:
„Имајќи го во предвид горенаведеното, посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка вклучително и преку постигнување на видливи резултати, спроведување на билатералните договори во добра волја, Договорот од Преспа со Грција, Договорот за добрососедски односи со Бугарија како и годишните прегледи за негово ефективно спроведување според член 12“, смета Милошоски и посочува:
„Ова е замка бидејќи годишните прегледи кои што се повикуваат на член 12 преведено на поедноставен јазик за јавноста значи билатералниот македонски – бугарски протокол кој што се уште Владата го крие. И затоа сметаме дека не треба да го обременува овој документ бидејќи истиот нема да служи за постигнување на стандарди туку ќе служи само некои политички конфротации и тензии кои што нема да донесат добро ни на Македонија, ни на Бугарија, ниту пак на европските стандарди според Копенхашките критериуми“.
Во документот наречен „Заеднички став на ЕУ“ предлагаме 4 измени. Во точката 1 по зборчето „на“ да се избришат зборовите „првата фаза од“. Ова значи дека би сакале ние Македонија да не биде преседан и за Македонија да нема прва и втора фаза од почеток на преговорите затоа што во ваквиот документ очигледно е дека Македонија нема да ги почне преговорите во моментот кога членови на владата ќе имаат заедничка, фамилијарна фотографија со членови на ЕК. Туку со бришење на овие зборови да се знае дека почетокот на преговорите се склучува веднаш и не е поделен на фази – рече тој на прес-конференција.
Македонија
Претседателот Пендаровски во посета на Берово

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Берово го посети Дневниот центар за лица со ментална или телесна попреченост при Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа, каде што беа пуштени во употреба кабинети за физикална и хидротерапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Под покровителство на претседателот Пендаровски, минатата година Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија обезбеди финансиски средства во износ од еден милион петстотини и четириесет илјади денари, наменети за реконструкција на овој Дневен центар, односно за опремување на кабинетите и на сензорната соба.
Во Дневниот центар претседателот Пендаровски беше запознаен со начинот на кој функционираат кабинетите и сензорната соба, како и со очекувањата за нивниот придонес кон овозможување поквалитетна услуга и личен развој на корисниците.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од успешно спроведениот проект, нагласувајќи ја потребата од натамошно актуелизирање на предизвиците со коишто се соочуваат лицата со попреченост, како и од континуирано подобрување на условите и грижата за најранливите категории граѓани, со цел унапредување на нивните права и достоинство. Во тој контекст упати благодарност до кинеската амбасада за севкупната поддршка во реализацијата на проектот којшто е од исклучителна важност за овој регион.
Претходно, претседателот ја посети Територијалната противпожарна единица Берово каде што се сретна со пожарникарите и со дел од волонтерите коишто учествуваа во справувањето со пожарите што минатата година го зафатија регионот. Претседателот Пендаровски беше информиран за предизвиците со коишто се соочуваат пожарникарите, за опремата со која располагаат, како и за капацитетите и подготвеноста на противпожарната единица ефикасно да одговори при евентуални непогоди во тековниот период.
Македонија
Ковачевски: Најостро го осудувам насилството на протестите

Премиерот Димитар Ковачевски на „Фејсбук“ остро ги осуди немилите настани на вчерашните протести, апелирајќи до граѓаните да го изразат својот став на мирен и демократски начин. Тој ги повика и политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања и увери дека Владата во ниту еден момент не го довела под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик и дека нејзина обврска е да го сочува достоинството на граѓаните.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Најостро ги осудувам вчерашните настани кои за голема среќа не резултираа фатално за граѓаните. Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили, каменување, оштетување државен имот, посегнување по нечиј живот.
Изразувањето незадоволство преку мирно протестирање е уставно загарантирано право и оваа Влада досега повеќе пати покажала и докажала дека демократијата е во рацете на граѓаните и никој нема да им го ускрати тоа право.
Но, омразата и насилството не биле решение и никогаш нема да бидат решение за ништо. Од последните случувања, и хулиганското однесување на улица има само еден губитник, а тоа е Република Северна Македонија.
Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри“ го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат зад народот. Еден ден ги поттикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманипулирале. Ним сакам да им порачам – крвавите сцени во законодавниот дом, на улиците низ државата, се едно минато време кое е зад нас и на кое никогаш нема да дозволам да се вратиме.
Сегашноста ни укажува на други приоритети, а тоа се хармонија и просперитет. Во Република Северна Македонија институциите функционираат, оттука секој проблем, прашање, се решава низ дијалог. Така функционира земја членка на НАТО, така функционира земја чија иднина е ЕУ, така функционира и Северна Македонија.
Почитувани граѓани, во ниту еден момент како Влада не сме го довеле под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Наша обврска е да го сочуваме достоинството на граѓаните и тоа го правиме. Ние сме европска влада и се залагаме за европски вредности“.