Македонија
Ковачевски – Шаленберг: Северна Македонија заслужува исчекор во евроинтеграциите

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, се сретна со Александер Шаленберг, сојузен министер за Европа и надворешни работи на Австрија.
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот била изразена силна поддршка од Австрија за развојот на нашата држава и за исчекор во евроинтеграциите.
„Посветени сме кон практикување европски вредности, нашето законодавство е 45 проценти веќе усогласено со европските регулативи, посветени сме на принципиелен развој на добрососедски односи и оправдано оценуваме дека Северна Македонија заслужува исчекор во евроинтеграциите“, рекол премиерот Ковачевски.
Заеднички било констатирано дека секоја држава треба да цели кон својот развој, но и кон развојот на своите соседи, бидејќи на тој начин е возможен вистински напредок на регионот.
Ковачевски ја истакнал како историски момент за нашата земја одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј и на Светиот синод на Вселенската патријаршија, со која, како што рекол, нашата Црква, МПЦ-ОА, по седумдецениска изолација, е признаена како канонска црква.
На состанокот било разговарано и за повеќе актуелни прашања поврзани со последиците од војната во Украина, како што се снабдувањето со енергенти и храна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Позорникарите ќе се грижат за безбедноста на граѓаните во секое маало во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски со претставници од Министерството за внатрешни работи и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје, оствари средба со граѓаните кои живеат околу Зелениот пазар. На средбата жителите се запознаа со маалските редари кои ќе се движат низ овој дел од населбата. Од позорникарите граѓаните добија совети како да го обезбедат домот пред заминување на годишни одмори, но и поддршка секоја сомнителна активност да ја пријавуваат. Исто така на средбата стана збор за засилени акции на дивите продавачи како и разговор со позорникарите за секое прашање кое ги мачи граѓаните и се однесува на совет за безбедност на домовите и животот на граѓаните.
„Со маалските полициски службеници на терен се враќа спокојот на граѓаните. Мене ми е мило што и Министерството за внатрешни работи имаше слух за ова барање на граѓаните и одговори на потребите. Во следниот период ќе продолжи патролирањето на полициските службеници во секое маало и тие ќе нѐ заштитуваат нас и нашите деца. Со самото присуство на позорникарите ние родителите ќе си ја вратиме сигурноста и чувството за безбедност“, изјави Герасимовски.
Маалските позорникари на денешната средба со граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите и повикаа на пријавување на сомнителни активности на телефонскиот број 192.
Инаку, маалските полицајци-позорникари најпрво ќе се вратат во Општина Центар, а потоа и во неколку општини во градот Скопје. Тие треба да обезбедат безбедна детска игра и безбедност за тинејџерите, личната сигурност и заштита на имотот на граѓаните, спречување на извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже што договарал со бугарските здруженија

Христијан Мицкоски треба да излезе и да објасни што договарал со претседателите и основачите на бугарските здруженија и клубови во државата наместо секојдневно од Белата палата да пласираат лаги и невистини. Основачите на клубот „Ванчо Михајлов“имаат објавено бројни фотографии каде се во друштво на Мицкоски и високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека деновиве се појавија и фотографии каде Мицкоски во еден манастир е сликан со претседателот на здружението „Цар Борис Трети“.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски Владата предводена од СДСМ по прашањата со Бугарија постапува сериозно и одговорно, силно штитејќи ги црвените линии поставени со Резолуцијата усвоена од Собранието.
Ниту за Гоце Делчев, ниту за македонскиот јазик, ниту за македонската посебност, нема и нема да има какви било преговори, македонскиот идентитет е меѓународно потврден и загарантиран, ВМРО-ДПМНЕ да престане да глуми патриотизам и да ги лаже и вознемирува граѓаните.
Токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата што подигаше споменици на Ќосето, која на партиски настани воспева и слави личности како Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други од тој дел на историјата тотално спротивни на Делчев и на македонските интереси во тој период, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нервозата кај Талат Џафери расте, со затворањето на пратениците стори кривично дело за кое се лежи затвор

Вчера Талат Џафери противправно ја лиши целата пратеничка група од слобода и го спречи нивното слободно движење. Џафери ги затвори вратите во Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејствие стори кривично дело од чл. 140 ст.3 и 4 од КЗ, од кои ст.3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст.4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека ова е трета тешка злоупотреба на позицијата на Талат Џафери.
Дали Ковачевски и ова ќе го изрелативизира, па ќе слушаме изговори од типот – „вратите сами се заклучија“.
Останувањето на Ковачевски на власт по секоја цена како што тоа го прави сега со неприфаќање на предвремени парламентарни избори, ќе им дава право на Талат Џафери и на ДУИ уште повеќе да ги кршат законите и да не одговараат, зошто само од нивната добра волја опстојува владата.
Ковачевски е марионета во рацете на Талат Џафери. Избори мора да има час поскоро. За срамот никогаш да не се повтори, се вели во соопштението.