Македонија
Ковачки: Ковачевски залудно ретерираше, неговиот предлог пропадна, следи оставка

„ВМРО-ДПМНЕ и народот победија. Последниот предлог кој ќе значеше бугаризација на Македонија пропадна. Напорите кои што ги вложивме заедно со народот ја спасија нацијата од асимилација. Победата е наша, бидете горди, затоа што сите вие сте дел од генерацијата која спречи бугаризација“ изјави попладнево на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Димитар Ковачевски, кој сега од Брисел ретерираше е човекот кој ја донесе Македонија во подредена и срамна положба, на чекор од целосно бришење на идентитетот, јазикот и историјата. Димитар Ковачевски 6 месеци преговара и го договара овој предлог. Овој срамен и понижувачки предлог кој директно е на штета на македонските национални интереси“ рече Ковачки.
Пратеникот од опозициската партија напомена дека „барањата и објаснувањата од македонската влада биле:
- Меѓувладината конференција да отпочне веднаш, а се друго во предлогот било во ред и било прифатливо за нив;
- Побарале предлогот да оди на брзо усвојување во Бугарија, со цел македонската јавност да не се запознае во детали со предлогот, а во тоа брзање и налет, оваа влада на СДСМ и ДУИ имале план да направат еуфорија дека почнуваме преговори. Веќе употребена лоша тактика, која ВМРО-ДПМНЕ и народот ја препознаа;
- Со така создадената еуфорија сакале да ја применат нивната политичка тактика – „морков или стап“ надевајќи се дека ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе немаат избор освен пред свршен чин да ги поддржат уставните измени“.
Според Драган Ковачки, „Ковачевски, СДСМ и ДУИ го потценија македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ, но уште еднаш покажавме дека заедно никогаш нема да дозволивме ова да се случи, затоа што гласно кажавме НЕ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фирма во Македонија рекламирала чаеви користејќи лажно имиња на тројца лекари

Скопското обвинителство до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно физичко лице и фирма, кои се обвинети за злоупотреба на лични податоци, односно рекламирале чаеви притоа лажно користејќи имиња на лекари.
Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на условите утврдени во член 10 и член 96 од Законот за заштита на лични податоци, без согласност на тројца оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – слика, име и презиме за он-лајн продажба на два производа, објави Обвинителството.
Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите Паразол (Parazol) и Хипертеа (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.
„Лажните интервјуа и постови, преземани и споделувани на повеќе веб страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг“, наведоа од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари. Согласно предлогот на обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката, а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.
Скопје
Арсовска избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, е избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации во Женева, Швајцарија.
За потпретседатели на Арсовска се избрани градоначалниците Рикардо Рио од Брага, Португалија, и Сузан Aиткин, од Глазгов, Велика Британија.
„Годинава првпат како официјално тело во рамките на Обединетите нации, исклучителна чест претставува фактот што Арсовска беше избрана како претседател и ја доби довербата преку директно гласање на Форумот, на кој учествува по еден градоначалник од секоја држава од Пан-европскиот Регион, Северна Америка, Африка, Азија, Латинска Америка и од Блискиот Исток“, велат од Град Скопје.
Арсовска заедно со својот тим ќе учествува директно во формирањето на програмата на Комитетот за урбан развој, домување и управување со земјиштето на Обединетите нации и преку усвојување декларации ќе учествуваат во креирање на меѓународните политики за локалните власти.
„По изборот на Скопје за европска престолнина на културата 2028, ова претставува уште еден огромен успех на меѓународна сцена за градот. Како на домашен така и на меѓународен план, Град Скопје продолжува да работи на остварување на заложбите и програмските определби за остварување на проектите што се дел од програмата ‘За модерно Скопје’“, додаваат од прес-службата на Градот.
Македонија
Грковска: Целиме кон уште повисоко ниво на транспарентност и одржлива свест за нејзината важност

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на втората јавна расправа за нацрт-стратегијата за транспарентност 2023-2026, која се одржува во Велес, организирана од Кабинетот за политики за добро владеење, во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“.
„Ако корупцијата е болест, транспарентноста е централен дел во нејзиното лекување“. Со овој цитат на поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, вицепремиерката Грковска ја илустрира огромната важност на транспарентноста како принцип на доброто владеење во справувањето со разорните коруптивни појави во општеството.
„Јакнењето на транспарентноста на сите нивоа во системот е еден од најважните предуслови за превенција на корупцијата и за подобрување на севкупната кондиција на институциите, кои со вградување и доследна примена на ова начело стануваат поодговорни, поотчетни и поефикасни во извршувањето на својата функција како сервис на граѓаните“, нагласи Грковска.
Таа се осврна на фактот дека во последните години транспарентноста на институциите е значително подобрена, а тоа се должи на определбата за воспоставување механизми, носење соодветна легислатива и развивање и спроведување политики. Тоа резултира со зајакнување на фискалната дисциплина преку отворање на трезорот, со што на јавноста ѝ се овозможи да има увид во трошоците, но и со отворање на институциите кон јавноста и овозможување полесен пристап до информации.
Нашата земја е една од ретките што подготвуваат стратешки документи од овој тип и понатамошните чекори се во насока да се одржи отвореноста, без да се ретерира од досега постигнатото, а институциите што назадуваат треба да го достигнат нивото на оние што имаат најголем напредок во поглед на транспарентноста. Според Ирена Бојаџиевска, експертка, која работеше на оваа стратегија, практиките на добро владеење и отворена власт треба да станат стандард во секојдневното работење.
Оваа стратегија се надоврзува на претходната стратегија за транспарентност и е насочена е кон остварување на визијата – Република Северна Македонија да биде држава со изградена институционална култура на транспарентност, држава во која владеат стандарди на добро управување во институциите на извршната власт, а со тоа и зголемена доверба на граѓаните.