Македонија
Ковачки: Ковачевски залудно ретерираше, неговиот предлог пропадна, следи оставка

„ВМРО-ДПМНЕ и народот победија. Последниот предлог кој ќе значеше бугаризација на Македонија пропадна. Напорите кои што ги вложивме заедно со народот ја спасија нацијата од асимилација. Победата е наша, бидете горди, затоа што сите вие сте дел од генерацијата која спречи бугаризација“ изјави попладнево на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Димитар Ковачевски, кој сега од Брисел ретерираше е човекот кој ја донесе Македонија во подредена и срамна положба, на чекор од целосно бришење на идентитетот, јазикот и историјата. Димитар Ковачевски 6 месеци преговара и го договара овој предлог. Овој срамен и понижувачки предлог кој директно е на штета на македонските национални интереси“ рече Ковачки.
Пратеникот од опозициската партија напомена дека „барањата и објаснувањата од македонската влада биле:
- Меѓувладината конференција да отпочне веднаш, а се друго во предлогот било во ред и било прифатливо за нив;
- Побарале предлогот да оди на брзо усвојување во Бугарија, со цел македонската јавност да не се запознае во детали со предлогот, а во тоа брзање и налет, оваа влада на СДСМ и ДУИ имале план да направат еуфорија дека почнуваме преговори. Веќе употребена лоша тактика, која ВМРО-ДПМНЕ и народот ја препознаа;
- Со така создадената еуфорија сакале да ја применат нивната политичка тактика – „морков или стап“ надевајќи се дека ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе немаат избор освен пред свршен чин да ги поддржат уставните измени“.
Според Драган Ковачки, „Ковачевски, СДСМ и ДУИ го потценија македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ, но уште еднаш покажавме дека заедно никогаш нема да дозволивме ова да се случи, затоа што гласно кажавме НЕ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопјанец со столче ја тепал сопствената мајка

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 31-годишен скопјанец осомничен за кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 21 јуни во вечерните часови, во семејниот дом на улицата Дебарца во Скопје, осомничениот при вршење семејно насилство со умисла тешко телесно ја повредил својата 70-годишна мајка.
Тој најпрвин почнал вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со раце по лицето и телото. Продолжил да ја удира со столче, при што ѝ нанел тешки телесни повреди и ѝ ги скршил двете раце.
Од страв да не биде повторно нападната, оштетената го напуштила домот и го пријавила настанот на 24 јуни кога осомничениот повторно станал агресивен кон неа.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека постојат околности што очигледно укажуваат на можност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Тупанчески: Судовите не смее да ја кријат својата работа од оние во чиј интерес дејствуваат

Министерот за правда, Никола Тупанчески, присуствуваше на VII Охридска школа на природно право.
Во своето обраќање на тема „Одржување демократско општество преку зајакнување на неговите институции“, Тупанчески рече дека Министерството за правда се залага колку што е можно повеќе да создаде услови за зајакнување на институциите, кои треба да го овозможат развојот на демократското општество.
Во таа насока поддржано е формирањето на судско-медиумскиот совет, кој е составен од претставници од судството и од медиумите со цел да се зајакне довербата меѓу овие две фели и да се овозможи правилно и објективно информирање за судските процеси од интерес на јавноста, без притоа да се нарушуваат основните човекови права на учесниците во постапките.
Министерството за правда активно работи и на зголемување на транспарентноста на судовите како еден од инструментите за зајакнување на довербата на граѓаните во судството и правната сигурност на компаниите.
Судовите како државни органи не смее да ја кријат својата работа од оние во чиј интерес дејствуваат. Со тоа ќе се зајакне довербата на граѓаните во власта, а девијантните однесувања ќе се санкционираат.
„Значаен сегмент за развојот на институциите е нивната дигитализација. Планот за дигитализација на правосудството Министертсвото за правда го реализира успешно. Тоа ќе овозможи побрза правда, намалување на корупцијата, намалување на трошоците во судските постапки, странките ќе заштедат време, ќе има помал број одложени судења. Целосната дигитализација очекуваме да се реализира во 186 судници во 34 суда, што ќе придонесе кон зајакнување на довербата на јавноста и заштита на системот“, потенцира Тупанчески.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните ги очекува нов ценовен шок со најавеното драстично зголемување на струјата

Од наредниот месец граѓаните ги очекува нов ценовен шок со најавеното драстично покачување на електричната енергија. Новите сметки за електрична енергија ќе бидат повисоки над 20 %, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Како што додаваат од партијата, со зголемувањето на струјата очекувана е зголемена инфлација, која ќе удри директно по џебот на граѓаните.
„Граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја, како и големи акцизи на горивата за полнење на буџетот за да може функционерите на СДСМ и ДУИ да крадат и да се луксузираат. Недомаќинското работење со енергетските капацитети со години придонесе Македонија да е увозно зависна од електрична енергија наместо да произведува, а со тоа и да ја регулира високата цена на струјата на светските берзи.
Тендерите во четири очи во РЕК „Битола“, негржата и без модернизација на енергетските капацитети, хавариите што ѝ се случија изминативе 5 години, како и празнењето на вештачките акумулации, се директната последица од оваа неспособна власт за покачувањето на електричната енергија.
Стопанство во државата е на колена, а најавеното ново покачување на струјата дополнително ќе ја ослаби и така урнисаната економија во државата. Секој ден стотици граѓани остануваат без работа, а над 450 илјади луѓе живеат на работ на сиромаштијата“, се вели во партиското соопштение.
Од таму велат дека додека кризата го јаде стандародот на граѓаните, власта останала глува на барањата на работниците за зголемување на платите.
„Секојдневните протести во Македонија се доказ дека оваа криминална власт е без компас. Единственото решение за излез од оваа криза се брзи предвремени избори. Затоа што премногу е! Дното со неспособната власт на СДСМ и ДУИ одамна е пробиено“, порачаа од опозициската партија.