Македонија
Ковачки: Министрите на СДСМ предизвикаа катастрофа во АРМ, нудиме законско решение кое ќе ги поправи состојбите

По итна постапка денеска поднесуваме предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, најави на прес-конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
„Штетите кои настанаа како последица на неодговорното и нестручно раководење со одбраната и Армијата од страна на министрите на СДСМ веќе се чувствуваат и на организациско ниво, но и помеѓу воениот персонал. Токму затоа, како одговорни пратеници, нудиме законско решение со цел санирање и колку-толку поправање на катастрофалната состојба во АРМ“, посочи претставникот на опозициската партија.
Ковачки објасни дека ова законско решение предлага подобрување на условите за пензионирање на активниот воен персонал и давање можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон, со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж без оглед на годините на возраст за мажи и 38 години стаж за жени.
„Исто така, со овој предлог-акон предлагаме да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија.
Со овој предлог, ги враќаме ингеренциите на НГШ на АРМ кои со последните измени му беа одземени од страна на министерот во поглед на поставување високи офицери на служба во Армијата, со што цениме дека ќе се придонесе и за департизација и за професионализација на Армијата.
Исто така, со овие предлог-измени, се регулира статусот на професионалните војници на кои службата во Армијата им престанува поради навршување на 45 години старост, на начин што на истите им се даваат две опции: да засноваат работен однос на неопределено време без објавување на јавен оглас, со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи согласно нивната стручна подготовка или право на отпремнина, односно еднократен надоместок во износ од 1.000 евра во денарска противвредност, за секоја година помината во служба во Армијата“, кажа Ковачки кој повика владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ да имаат слух и доблест да го прифатат и поддржат ова законско решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Муцунски: Владата води попустлива политика во преговорите со Бугарија

Имајќи предвид дека владата води попустлива политика во делот на надворешната политика, граѓаните се загрижени кој и што преговара со Бугарија, изјави Тимчо Муцунски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром при посетата во Битола, одговарајќи на новинарско прашање за преговарачката рамка за Македонија при што истакна дека никако не смее да се дозволи бугарските барања да влезат во рамката.
„Во делот на надворешната политика би кажал дека Бугарија има такви ставови какви што има кои се неевропски и кои не содејствуваат со демократските вредности на 21 век и тоа никако не би смееле да дозволиме ние како држава која има свое влијание како би изгледала преговарачката рамка доколку се дојде до нејзе такви ставови и гледишта да има во неа“, рече Муцунски.
Тој посочи дека истовремено тоа што секој граѓанин на Република Македонија го загрижува е фактот што имаме влада која, како што кажа, е позната по попустливост во надворешната политика и влада која не знае да ги заштити македонските национални интереси.
„Затоа верувам дека граѓаните, но и ние како политички субјект сме навистина загрижени кој ги води преговорите во овој момент. И економијата и надворешната политика се само дел од аргументите и дополнителна теза од потребата за брзи предвремени парламентарни избори. ВМРО—ДПМНЕ како политичка партија е подготвена да се откаже од т.н. Пржинска влада дајте час поскоро да има парламентарни избори“, изјави Муцунски.
Македонија
Ковачевски – Фасино: Почетокот на преговорите со Северна Македонија е неопходен одговор за безбедноста на Европа

Премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на официјалната и работна посета на Италија и Ватикан денеска се сретна со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Домот на пратениците на италијанскиот парламент, Пјеро Фасино.
Како што информираат од владината прес-служба, Ковачевски на средбата се заблагодарил за силната поддршка за европските перспективи на нашата земја која, како што рекол, била и формално изразена со резолуцијата на Парламентот Италија, во која италијанските народни претставници побарале ЕУ да го продолжи проширувањето со итно започнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, како приоритетно прашање со кое ќе биде потврдена европската перспектива на Западен Балкан.
Ковачевски и Фасино воедно изразиле согласност дека прашањето на почеток на преговорите на Брисел со Северна Македонија е неопходен одговор на потребата за безбедност на Европа.
Македонија
Ковачевски ќе ja предводи владината делегација во Ватикан и Рим, најавена е и средба со Петков

Премиерот Димитар Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска на 23 и 24 мај ќе предводи делегација на Република Северна Македонија во Италија и Ватикан во официјална и работна посета во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски програмата на посетата на Светата Столица ќе ја започне на 23 мај со тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциско.
„Програмата во Ватикан потоа продолжува со аудиенцијата кај папата Франциско на која заедно со премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на премиерот, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква“, се наведува во соопштението.
Премиерот потоа, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе имаат средба со државниот секретар на Светата Столица, Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите, Пол Ричард Галагер.
„Програмата во чест на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, на 23 мај, делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија“, се додава во соопштението.
Од владината прес-служба додаваат дека како дел од работната посета, на 23 мај Ковачевски ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Кирил Петков.
На 24 мај официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација на Република Северна Македонија, предводена од премиерот.
Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.