Македонија
Ковачки: Пендаровски е се понервозен од малиот рејтинг и премалата посетеност на неговите митинзи
Македонија е на нозе. Промените доаѓаат не е само обична парола. Туку е вистина, начин на работа и начин на кои ние ја гледаме Македонија. Пред нас претстои период кога одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашата Македонија. Ова го чекавме 7 години, и оваа шанса не смееме да ја пропуштиме, 24 април и 8 мај со заокружување на бројот 2 ставаме крај на катрострофалните политики на владата на ДУИ и слугите од СДС, изјави Драган Ковачки носител на ИЕ3 на митингот во Свети Николе.
Ковачки посочи дека Македонија е обесправена и понижена, задолжена и банкротирана земја. И за тоа се виновни слугата на стопанот Али Ахмети, Димитар Ковачевски. Криминалот и корупцијата цветаат, а економијата целосно крахира. Институциите повеќе не се во служба на граѓаните, туку во служба на овие неколкумина од владата на ДУИ и СДС кои очајнички се обидуваат да се спасат.
„Знаат дека губат. Знаат дека ги чека пораз и почнуваат да стануваат нервозни. Стравот од пораз е поголем од нивниот рејтинг изминатите 7 години. Знаат дека повеќе немаат поддршка од граѓани и глумат загриженост. Глумат и се обидуваат да ве излажат. Исто како што излажаа пред 7 години дека ќе донесат живот, а донесоа само беда и сиромаштија“, истакна Ковачки и додаде:
Ќе дојдат и ќе ви кажат дека имале погрешни политики, дека овие избори ако им ја дадете довербата ќе се поправат. Но, ќе излажат. Затоа што не ја бараат вашата поддршка за навистина да се променат, туку бараат поддршка за да продолжат да крадат. Исто како и изминатите 7 години. Се прикажуваат како некаков европски фронт кој ќе ја движел Македонија кон ЕУ, а всушност со нив Македонија е се подалеку од Европската унија. Секогаш кога ќе се обелодени некаков криминал или скандал, устите им се полни како СДС ДУИ се проевропски ориентирани. Не, господо од СДС И ДУИ. Немате ниту Е од вашата замислена Европа. Затоа што Европа не сака политичари кои се корумпирани и на кои пола влада им е на црната листа на САД. Европа не сака криминал и корупција. Во Европа има само принципи и вредности, во кои секој кој се огрешил одговара.
„Ќе кажам неколку збора и за актуелниот претседател Стево Пендаровски кои е послушник и нем посматрач на сите погрешни политики на СДС и ДУИ. Пендаровски сака да ги купи симпатиите кај граѓаните, човекот кој 5 години освен што дава изјави, а потоа сам себе си се демантира, деновиве станува се понервозен. Што од премалата посетеност на неговите митинзи, кои повеќе наликуваат на партиски журки така и од се понискиот личен рејтинг“, вели Ковачки.
Тој истакна дека Македонија изминатите 5 години имаше претседател, каков што ниту државата, ниту граѓаните заслужуваат да имаат. Човек со образ ѓон, бесрамник кој ниту еднаш не се спротивстави на криминалот на ДУИ и СДС, само затоа што сака да им се додвори.
„Затоа овие избори се шансата за промена. Шансата за да се избере претседател на Македонија која ќе ја врати државата назад кај граѓаните. Тој избор е професорката Гордана Силјановска Давкова, која преку вистински вредности и принципи ќе покаже дека Македонија може повторно да биде горда“, посочи Ковачки и додаде:
Изборот е повеќе од јасен. Или Македонија твоја, земја горда, или Македонија каква што ја прават Пендаровски, Ковачевски и Ахмети, уназадена, опљачкана и понижена. Да го кренеме гласот и да ги донесеме промените. Затоа што силата на една држава е народот, а не корумпираната елита од ДУИ и СДС. Да излеземе масовно и да гласаме за број 2, да побараме поддршка од секој познаник и да се сплотиме. Затоа што Македонија заслужува промени. Силата е во вас, да ги донесеме промените заедно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Ѓорѓиевски: Обезбедено ново противпожарно возило за потребите на Кисела Вода
Кисела Вода обезбеди противпожарно возило кое има за цел да ги заштити животите и имотот на граѓаните. Како што објави на прес конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ова возило кое е донација од “Шпаркасе Лизинг”, ќе и биде понудено на Противпожарната Бригада-Скопје, со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода. Се заблагодари на компанијата за покажаната општествена одговорност, а директорот Марјан Манчев му ги предаде клучевите од возилото и најави дека ова е почеток на соработката од која треба да произлезат бројни проекти во интерес на граѓаните.
-Со големо задоволство денес сакам да објавам дека во насока на зголемување на безбедноста на нашите граѓани, со цел да се заштитиме од непредвидливите и разорни последици на пожарите, Општина Кисела Вода успеа да обезбеди противпожарно возило. Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна Бригада. Голема е мојата благодарност до компанијата “Шпаркасе Лизинг”, која ги препозна нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило. Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани. Она што е наш следен чекор, како локална самоуправа е да и’ го понудиме ова возило на Противпожарната Бригада, со цел, таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред се’ жителите на општина Кисела Вода. Сметам дека снабдувањето со ново возило претставува значајна помош, особено во моменти кога навистина е неопходно брзо и ефикасно да се реагира-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Директорот на “Шпаркасе Лизинг”, Марјан Манчев истакна дека како компанија која е длабоко посветена на општествената одговорност и поддршката на локалните заедници, го препознаваат значењето на соработката меѓу приватниот сектор и јавните институции и ја продолжуваат таа традиција преку донацијата на противпожарно возило на Општина Кисела Вода.
-Знаеме дека секоја општина се соочува со предизвици кои бараат брзи и ефикасни одговори, особено во ситуациите кога е загрозена безбедноста на граѓаните и нивниот имот. Противпожарното возило кое ќе помогне во спасувањето на животи и намалувањето на штетите во моменти кога секоја секунда е важна. Со оваа донација, се надеваме дека ќе придонесеме кон уште побрза и поефикасна реакција на противпожарните служби за жителите на општина Кисела Вода. На крајот, би сакал да потенцирам дека и понатаму ќе останеме отворени за соработка и поддршка на вакви и слични иницијативи. Заеднички, можеме да направиме многу повеќе за нашата заедница и нашата иднина-изјави директорот Манчев.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче префрлил 7 милиони евра од здравството на фирма на роднина
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини поранешната власт предводена од СДСМ и ДУИ за несоодветно управување со здравствениот систем во земјата. Актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, во својот мандат, според партијата, не само што не успеал да направи значајни реформи, туку и потрошил значајни средства на сомнителни тендери.
„Откога Филипче седна на министерската фотелја на 25 декември 2017 година, се префрлија 7 милиони евра од Министерството за здравство и здравствените установи во Македонија на сметката на ‘Синерџи’. ‘Синерџи’ е компанија во сопственост на Горан Филипов, партнерот на Катерина Савеска, тешта на Филипче. Или тештата Савеска и Филипов се јавуваат заедно како инвеститори. Само за една година од здравството на ‘Синерџи’ му биле префрлени два милиона евра“, пишува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, актуелната реалност што ја оставила владата на СДС е испреплетена со корупција, криминал и руинирани институции.
„Македонија е на дното во регионот по сите параметри“, велат од партијата додавајќи дека единствениот начин за напредок е да се знае вистината за минатото.
„Неспособноста завршува со нив. Ние работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина“, завршија од ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи ја својата посветеност на подобрување на состојбите во здравствениот сектор.
Скопје
Пожарот во зградата во Чаир уште активен
Пожарот во зградата во Чаир уште е активен, информира утрово Центарот за управување со кризи. Утрово интервенираат три возила.
Синоќа, пожарот во скопски Чаир се одвиваше отежнато поради големата количина чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина запаливи материјали, информираа од Центарот за управување со кризи.
Пожарот, кој почна во подриумските простории, кои се користеле како магацин, гори од вчера во 1.50 часот. Од обејктот беа евакуирани речиси 100 станари. 30 возрасни, 12 деца, едена пожарникар и полицаец беа однесени на скопските клиники поради труење со чад.