Македонија
Ковачки ја повика министерката Петровска да објави се што има за неговото минато

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки ја повика министерката за одбрана Славјанка Петровска да ги објави документите што ги имала за неговото минато во АРМ.
„ Прво да разјасниме, Вие имате функција министер за одбрана и сте дел од извршната власт. На таа функција Ве избрало Собранието. Јас сум пратеник во тоа Собрание што Вас Ве има избрано.
Иако и тогаш и сега бев против да бидете Министер за одбрана поради Вашите компетенции, сепак мнозинството на ДУИ и СДС, Ве избраа. Неисе. Во нашиот политички систем Министрите одговараат пред Собранието. Каков е тој однос да се ставате над Собранието и да кажувате дека нема да одговарате на прашања?
Што сте Вие за да бидете над Собранието и граѓаните? Така ли ја разбирате политичката борба, демек ќе се налутите и нема да одговарате? Министерке Славјанка Петровска, Вашата функција е јавна, а не лична. Не може да си ја персонализирате функцијата, од причини што Вие земате плата од граѓаните, а јас прашувам во име на граѓаните кои ме изгласале. Понатаму, на истото нарачано прашање, сте мавтале со две папки демек сум имал некаков страв. ОК.
Еве уште еднаш Ве повикувам, објавете СЕ, ама буквално СЕ што имате. Јавно за да види цела македонска јавност што е тоа “јако” што го имате во врска со моето минато во АРМ. Знам дека нема да објавите ништо затоа што тие папки се празни. (!)
Изгубена сте во време и простор и напаѓате со некакви “досиеја” што ги водите и измислувате во Министерство за одбрана против лица кои не мислат како Вас.
Министерке, штотуку потврдивте дека времето на водење на досиеа за лица е повторно вратено во младата македонска држава и штотуку потврдивте дека Вие како нестручно лице имате пристап до истите тие досиеја.
Кажете и’ на јавноста дали имате наредено ваши вработени од МО да следат и документираат народни избраници-пратеници и зошто?“ напиша Ковачки.
Тој додаде дека јавноста има право да знае зошто се’ уште функцијата за одбрана ја врши лице кое за да оствари парична добивка на Суд, добавило психијатриско вештачење од специјалист – психијатар, а после тоа истото лице од говорница ги демантираше наодите на лекарот – специјалист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Администрацијата на јавните обвинителства штрајкува за повисоки плати

Администрацијата на јавните обвинителства штрајкува за повисоки плати.
Бараат зголемување на месечните примања за 78 проценти по примерот на функционерите, како и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
Штрајкот, како што е објавено, ќе се спроведува во сите 28 обвинителства на територијата на државата и ќе трае се’ до исполнување на нивните барања. За време на штрајкот ќе се извршуваат единствено итни и неодложни работи.
Премиерот, Димитар Ковачевски, истакна дека вработените во јавните обвинителства се дел од правосудната фела, и делот на управување не е во надлежност на Владата. Во рамки на она што е можно со Буџетот, рече Ковачевски, Владата ќе излезе во пресрет на сите делови од управувањето со државата, со цел тие да имаат соодветни буџети.
„За распределувањето на буџетот, ако на некои обвинители им се зголемени платите, а на други не, тоа е одлука која се носи од правосудната власт, не се носи во делот на државата. Меѓутоа, 10 проценти зголемување на платите ќе има и дополнително 10.000 денари К-15“, рече Ковачевски.
Македонија
Во Македонија најден Французин кој бил пријавен за исчезнат

Полицијата и припадниците на ФРОНТЕКС пронајдоа 21-годишен Французин кој бил пријавен во својата држава за исчезнат.
Според информациите од МВР, момчето било затекнато при илегален влез на територија на земјава и дало лажен исказ за личните податоци. Сепак, по дополнителни проверки, како што информираат од полицијата, добиена е потврда од француските власти дека станува збор за С.И., француски државјанин, кој во својата земја се води како исчезнат од 11 март.
Лицето, согласно законските регулативи, ќе биде предадено на семејството.
Македонија
Спасовски ја посети езерската полиција во Охрид: ова лето спасени 10 лица

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја посети Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, односно т.н. езерска полиција при Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, каде што оствари средба со раководството на оваа организациона единица при МВР, а на која беше брифиран за преземените мерки и активности во врска со оперативниот план „Безбедно лето 2023“ во периодот од почетокот на јули до средината на септември.
„Раководството на Полициската станица за граничен надзор ‘Охридско Езеро’ ме информираше за преземените мерки во текот на летната сезона од страна на полициските службеници, при што биле извршени прегледи на 51 лице, на 18 пловни објекти, на 22 моторни возила, а исто така преземени се и 9 заеднички патроли со инспектор за внатрешна пловидба. Воедно, изразив особено задоволство од спасувачките акции, што ги реализира оваа организациска единица, постапувајќи по 7 пријави пристигнати во СВР Охрид, при што во три настани биле спасени 10 лица и извлечени од водите на Охридското Езеро, кои поради лоши временски услови имале проблеми со пловните објекти, а на едно лице му била укажана прва помош. Во рамките на овие активности успешно биле пронајдени и еден глисер без екипаж, како потоната педалинка, секако без екипаж“, истакна министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека планот „Безбедно лето“ носи високи резултати и ја постигнува својата цел – да се подигне свесноста кај граѓаните, да се превенираат ризиците што ги носи летната сезона во интерес на нивната лична безбедност и безбедноста на границата.
Во делот на преземените превентивни мерки реализирани се десетина тематски активности со фокус на високите температури, заштита од сончаница и топлотен удар, самостојно, но и заедно со волонтери од Црвениот крст во Охрид. Притоа остварена е непосредна комуникација со граѓаните што пловат со пловни објекти по езерото, со цел потсетување за тоа како треба да се однесува при топло време и подолга изложеност на сончевите зраци, на кои им беше поделен и едукативен материјал со практични совети на летни теми.
Спасовски потсети на модернизацијата на пловниот парк и зајакнувањето на капацитетите на езерската полиција, која по цели 20 години беше реализирана во 2020 година, со набавка на нови 5 пловни објекти, два од буџетот на МВР, а три како донација од Чешката Република. Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водниот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера.
„На овој начин постигнавме зголемена ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во езерата така и во услови кога е потребно да се даде помош и спасување во водите на езерата од разни причини“, истакна тој.
На крајот од средбата министерот Спасовски ѝ додели плакета на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и благодарници на полициските службеници Седат Јашар, Ристо Буклиоски, Веџи Асани, Христијан Грозданоски и Ѓорѓи Целески за преземање навремени мерки и активности при успешно реализираните спасувачки операции во рамките на „Безбедно лето 2023“.