Македонија
Коле Штерјев треба да ги достави записниците од седницата за спорниот избор на јавни обвинители

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер му наложила на Советот на јавните обвинители да ѝ ги достави записниците од седницата за спорниот избор на јавни обвинители од 31 јануари, а кои ги побара „Транспаренси интернешнл – Македонија“. Претходно, ова тело кое го води Коле Штерјев, не ѝ ги даде записниците од седницата на невладината организација. По ова, „Транспаренси интернешнл – Македонија“ поднесе жалба до Комисијата, која се произнела позитивно и му наложила на Советот да ги предаде записниците.
Оваа граѓанска организација поднесе и претставка до Здружението на обвинителите и до Етичкиот совет. Од нив се бара да го проверат работењето, но и постапувањето на претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев, и на членката на Советот, Фиданка Рајевска. Ова следува кога претседателот на Советот, Коле Штерјов, гласаше при изборот на својата внука Марија Ѓоргова, но и поради тоа што Рајевска гласала при изборот на обвинителката Лидија Раичевиќ, која го гонеше сопругот на Рајевска за банкарски криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев го откажа учеството на лидерската средба: Треба да биде ден на жалост, а не лидерска за датум за избори

Утре треба да биде ден на жалост заради двојното убиство, а не на лидерска за датум за избори, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Тој го откажа своето учество на планираната средба.
„Апелирам до премиерот истата (средбата) да се помести за посоодветен тајминг, после расчистувањето – преку парламентарна надзорна расправа – на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминативе денови (за време на самитот на ОБСЕ)“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Македонија
Taткото на Вања во полициска станица, досега не е побаран притвор

Таткото на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, по која се трагаше цела недела, а чиешто тело беше најдено денеска, се’ уште е во полициска станица во рамки на истрагата, информираат од Обвинителството.
Од ОЈО велат дека досега не е побаран притвор за него.
Претходно Обвинителството и МВР објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето во понеделникот, а осомничени се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е во странство и уште едно во станица. Тие се осомничени и за убиство на 74-годишен велешанец, Панче Жежовски, по кој се трагаше од 24 ноември, а чиешто тело било пронајдено во Велес, додека неговиот опожарен автомобил беше најден пред неколку дена во Скопско.
Мотив за убиствата, според Обвинителството е користољубие, а неофицијалните информации сугерираат дека тоа подразбира изнуда на пари, и во двата случаи. Деталите ќе бидат образложени утре, на прес конференција.
Македонија
Во „Песталоци“ ќе биде отворена книга на жалост, психолози ќе комуницираат со соучениците на Вања

Утре од 9 часот, на службениот влез на училиштето Јохан Хајнрих – Песталоци ќе биде отворена книга на жалост.
Општина Центар ги повика блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат.
Во моментот, менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објави општина Центар.