Македонија
Комисиска расправа за законот за ЈО, поднесени два амандмани

Дебатата на Комисијата за европски прашања за законот за Јавно обвинителство почна со барање на опозицијата точката да се отстрани од дневен ред, бидејќи според неа текстот на законот бил донесен со кршење на процедурите. Пратеникот Илија Димовски го повтори ставот дека овој текст стигнал во Собранието без да биде договорен на владина седница.
„Знаеме дека овој текст на законот не е ист со првичниот кој беше договорен на владината седница. Јасен е нашиот став не може предлагачот да менува запирки и точки по своја волја, но увидовме дека не се само запирки туку сосема нов текст со изменети членови на текстот. При тоа, без да има владина седница, претседателот на владата одлучува да го повлече и достави нов. Почитување на процедурата е услов за почитување на демократијата”, рече Димовски.
Предлогот на пратеникот не беше усвоен од мнозинството членови на комисијата. Расправата по законот почна со образложение на законот од страна на министерката за правда Рената Дескоска, која ги отфрли наводите дека се прекршени процедурите.
„Значи се работеше за технички пропуст. Во собранието пристигна текстот на неусогласениот закон. Увидовме дека тоа не е тој текст и побаравме оваа техничка грешка да се отстрани. Значи текстот мораше да се повлече и да се достави договорената верзија со забелешките на пратеничките групи”, рече Дескоска.
Образложувајќи го текстот на законот Дескоска рече дека со овој закон ќе се постигне целта, односно ќе има финасиски независно обвинителство кое ќе гони организиран криминал и корупција при што сите предмети кои се започнати од СЈО ќе ги преземе и процесуира ова обвинителство. Таа рече дека на потранспарентен начин и со заострени критериуми ќе се врши избор на државниот јавен обвинител.
„Има обезбедено финансиски гаранции со утврдување на дел од буџетот кој ќе се даде на обвинителството и посебни гаранции за обвинителството за организиран криминал и корупција. По барање на една од пратеничките групи, шеф на обвинителството на организиран криминал и корупција ќе биде избран од страна на обвинителите, а оној кој ќе има најмногу гласови, ќе биде избран од страна на Советот за јавни обвинители“, рече Дескоска.
За законот има поднесено два амандмани од независниот пратеник Панчо Минов и Сурија Рушиди од Алијанса на Албанците. Комиската расправа според процедурите ќе трае два дена по што текстот по скратена постапка треба биде усвоен со мнозинство од 80 пратеници.
Седницата за ЈО е прекината поради церемонијата за ратификување на протоколот за НАТО и ќе продолжи утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев го откажа учеството на лидерската средба: Треба да биде ден на жалост, а не лидерска за датум за избори

Утре треба да биде ден на жалост заради двојното убиство, а не на лидерска за датум за избори, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Тој го откажа своето учество на планираната средба.
„Апелирам до премиерот истата (средбата) да се помести за посоодветен тајминг, после расчистувањето – преку парламентарна надзорна расправа – на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминативе денови (за време на самитот на ОБСЕ)“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Македонија
Taткото на Вања во полициска станица, досега не е побаран притвор

Таткото на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, по која се трагаше цела недела, а чиешто тело беше најдено денеска, се’ уште е во полициска станица во рамки на истрагата, информираат од Обвинителството.
Од ОЈО велат дека досега не е побаран притвор за него.
Претходно Обвинителството и МВР објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето во понеделникот, а осомничени се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е во странство и уште едно во станица. Тие се осомничени и за убиство на 74-годишен велешанец, Панче Жежовски, по кој се трагаше од 24 ноември, а чиешто тело било пронајдено во Велес, додека неговиот опожарен автомобил беше најден пред неколку дена во Скопско.
Мотив за убиствата, според Обвинителството е користољубие, а неофицијалните информации сугерираат дека тоа подразбира изнуда на пари, и во двата случаи. Деталите ќе бидат образложени утре, на прес конференција.
Македонија
Во „Песталоци“ ќе биде отворена книга на жалост, психолози ќе комуницираат со соучениците на Вања

Утре од 9 часот, на службениот влез на училиштето Јохан Хајнрих – Песталоци ќе биде отворена книга на жалост.
Општина Центар ги повика блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат.
Во моментот, менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објави општина Центар.