Македонија
Констатирана оставката на потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди

Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница ја констатираше оставката на потпретседателот и пратеник од НДП, Весел Мемеди.
Тој во обраќањето до пратениците ја обраложи оставката, посочувајќи на несериозен пристап кон НДП како мала партија и коалиционен партнер, но и нечесна политичка игра по завршувањето на промените во државата.
„Според нашите сознанија, играта била зачувување на интересите на СДСМ и ДУИ, за сметка на една друга помала политичка партија. Договорот бил постигнат многу порано помеѓу Ахмети и Заев, за трансформација на Секретаријатот за спроведување на охридскиот договор во посебно министерство. На тој начин, бидејќи не било можно Албанците да водат 6 министерства, трампата на министерствата ‘1 за 1’, Ахмети се обидел да ја прикрие пред Албанците со изговор дека тој не жртвувал ниту едно министерство, компензирајќи за новото министерство. Од другата страна, Заев ќе ја продаде приказната кај Македонците дека не попуштил пред Ахмети за едно министерство плус, туку успеал да им го земе Министерството за локална самоуправа. Ем волкот сит, ем овците на број“, рече Мемеди.
Тој истакна дека со самото разрешување на министерот Фазлиу, Заев и Ахмети како нова власт, ја потврдиле погубната филозофија во политиката за именување и разрешување кадри. Мемеди упати низа обвинувања на адреса на Ахмети и во врска со Исламската верска заедница.
„Како потврда на кажаното досега, јавноста, а особено чесните луѓе, се уверија преку последните случувања во земјата. Г. Ахмети, припадниците на Исламот во целина, а посебно тие кои ви верувале и чекале 13 години да ги средите работите во ИВЗ, останаа шокирани од вашите приватни разговори со вашите најблиски соработници, за понижувачкиот однос што го имате врз душевната институција ИВЗ и дека воопшто не ве интересирало средувањето на работите во оваа институција, туку слатко се смеете што сте успеале да го претворите во седиште каде се пие најскапиот алкохол. Повеќе од тоа немаме коментар. Само се молиме на Господ да не испадне истото и со вистинските војници, кои верувале во нивниот командант и биле спремни да го дадат нивниот живот за вашиот кажан збор“, рече Мемеди.
Тој на премиерот Зорам Заев му порача дека методот и сценариото кои ги употребил СДСМ спрема албанските коалициони партнери, и конкретно спрема нивните кадри и функционери со ангажирање на Финансовата полиција и политикото искористување на антикорупциската комисија, за нив се познати удбашки методи.
„Преку таквите методи, се врши притисок и уцена кон сите албански личности и кадри, од функционери па до најниските административци, за да се одвојат постепено од нивната матична албанска партија и да ја прифатат политичката платформа на СДСМ како нивна, по можност во иднина и јавно да се зачленуват во СДСМ со цел ослабување на улогата на политичкиот албански фактор во власта. Ова е истата логика која ја применуваше и ВМРО кон албанските кадри и можете слободно и сами да се уверите колку е трагикомично. СДСМ треба веднаш да престане со копирање на лажната и трагичната филозофија што ја наметнала претходната власт, ако веќе не е доцна“, додаде Мемеди.
Мемеди оставката ја поднесе лут на премиерот Зоран Заев и владината коалиција што без негова согласност донеле одлука да го разрешат министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и на негово место да дојде Горан Милевски од ЛДП. Заев тврдеше дека на НДП им било понудено да предложат министер без ресор, додека Мемеди рече дека немал намера да прави политички пазар за смена на министерства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски е ист како Заев, им го продолжува мандатот на судиите и обвинителите за да може непречено да продолжи со криминалот

Власта на СДСМ и ДУИ целосно го партизираат правосудството и преку измени на Законот за работни односи сака да им го продолжи мандатот на своите политички извршители, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Насилното и недолично однесување на пратениците од владејачкото мнозинство на комисијата за европски прашања, ставањето на европско знаменеце на законот, недозволување на пратениците од опозицијата да дискутираат, е само уште една потврда дека владата на СДСМ и ДУИ им го продолжува мандатот на судиите и јавните обвинители за да може непречено да продолжат со криминалот како и до сега. Ковачевски сака целосна контрола врз судството и јавното обвинителство“ се вели во соопштението.
Од партијата велат дека СДСМ и ДУИ се на страната на криминалот и корупцијата, и , како што додаваат, токму поради тоа им го продолжуваат мандатот на партиските војници во судските органи.
„ Ковачевски е ист како неговиот шеф Заев, и сака на насилен начин да го продолжи мандатот на судиите и обвинителите кои до вчера носеа пресуди во корист на власта, занемарувајќи ја вистината изнесена преку материјални докази и факти. Јавноста е сведок дека до сега нема ниту една правна разрешница за криминалот на високите владини и партиски функционери на СДСМ и ДУИ.
Токму поради ова е ниската доверба од 8 проценти од страна на граѓаните во правосудниот систем во државата. Судството и јавното обвинителство се под партиска капа и идеолошка контола на владата на СДСМ. Ова е е најфлагрантното и најбруталното кршење на демократските процеси, а владата директно го урива уставниот поредок преку мешање на извршната во судската власт. Потребни се промени“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, единствен излез од ваквата состојба се предвремени парламентарни избори.
Македонија
Петровска од Мадрид: Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вчера во рамките на Самитот на НАТО во Мадрид учествуваше на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата: “Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан”.
Петровска во дискусијата со останатите министри за одбрана, потенцираше дека ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против ваквите закани и безбедносни ризици како и дека надминувањето на ваквите предизвици се еден од приоритетите на НАТО и дел од дискусиите на Самитот.
„ Она што нам ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите. Исто така, ни треба образование кое ќе ги оспособува граѓаните за критичко размислување. Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор”, истакна Петровска.
Таа се наврати на успехот на политиката на отворени врати на Алијансата и нагласи дека истиот потребно е да се преслика и со Проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан со што ќе се зацврсти безбедноста и ќе овозможи поголем просперитет, а во спротивно, отсуството на кредибилната европска перспектива може да има повеќекратни негативни тенденции на овие простори.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 38 степени Целзиусови

Сончево и многу топло со мала до умерена облачност ќе биде времето денеска во републиката.
Според информациите на УХМР, попладне ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. УВ=9
Во Скопје и во околината ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.
И следните денови ќе преовладува топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Поради зголемената влага во атмосферата ќе има чувство дека температурата на воздухот е повисока.
И покрај топлото време, претежно во попладневните и вечерните часови поради влијание на циклонска активност од исток ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и услови за појава на краткотрајно невреме.