Македонија
Кривичен: Јавното објавување имиња на судии од СЈО нема да влијае врз нивните одлуки

Во врска со објавеното соопштение од страна на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), Основниот суд Скопје 1 – Скопје во интерес на правилно, целосно и вистинито запознавање на јавноста со реалната состојба во релaција на судот со конкретното обвинителство, во среда од судот појаснуваат што всушност се случило.
„Имено, на посочената дата од страна на СЈО, 20.01.2017 година, Јавениот обвинител Лиле Стефанова од СЈО додека сеуште траело работното време во судот, пристигнала во судот и се упатила директно кај дежурниот судија на претходна постапка со 4 барања, што е констатирано и од самиот дежурен судија на барањата кој ги примил во 16:05 часот, без притоа обвинителот истите да ги поднесе преку приемното одделение кај овластениот службеник, а што е спротивно од Деловникот за работа на судот и укажувањето на претседател на судот, да се почитува Деловникот за работа при прием на писмена во судот, заведување и оформување предмет и внесување во АКМИС – електронскиот систем на судот.
За судот е нејасно зошто, и покрај воспоставените процедури, јавниот обвинител Лиле Стефанова не ги испочитувал истите и се упатил директно до дежурниот судија на претходна постапка и конкретните барања не се спроведени на соодветен начин и не се внесени во АКМИС системот, а имајќи предвид дека имало доволно време со оглед да работното време на судот е до 16:30 часот, а дежурниот судија постапува по 16:30 часот.
Во однос на предметите во Кривичните совети при овој суд, истите се доделуваат на ист начин како и во останатите оддели, односно исклучително се внимава кој судија колку пати постапувал во советите, а со цел да се запази принципот на рамномерност односно подеднаква распределба на предметите кај сите судии кои одлучуваат самостојно.
Дополнително, зачудува заканувачкиот вокабулар во писмените дописи и јавни соопштенија на СЈО кон судот и судиите, а јавното повторување на имињата и презимињата на судии на претходна постапка и судии во Кривичните совети кои постапуваат по конкретни предмети не можат да влијаат врз судиите во овој суд и нивното непристрасно и законито одлучување.
Особено ако се земе во предвид начинот на презентирање на соопштенијата каде за судските одлуки од кои СЈО не се задоволни ги објавуваат имиња и презимиња на судиите, додека за оние одлуки од кои се задоволни не ги објавуваат имињата и не се информира јавноста иако се работи за истите судии со што се прави обид за јавен линч на судиите.
Постапувањето согласно Законските процедури и Судскиот деловник од страна на судиите при овој суд во никој случај не претставува „отежнување“ на нечија работа, особено ако другата страна очигледно, намерно или случајно, излегува од воспоставната процедура по која и претходно се постапувало“, стои во соопштението од судот.
Во вторникот, од СЈО се пожалија на отежната соработка со Основен суд Скопје 1 – Скопје, при што потенцираа дека сите барања за издавање на наредби за претрес, кои се однесуваа на сегашни и поранешни високи функционери, се одбиени.
„Имено, судиите за претходна постапка на кои им биле доделени овие предмети и тоа судијата Елена Јосифовиќ и судијата Александра Поп Стефанија изразиле несогласност по барањата за определување наредба за претрес, а кривичните совети во состав од судиите Љубинка Башеска, Горан Бошевски и Владимир Панчевски, од судиите Владимир Панчевски, Ленка Давиткова и Диана Груевска Илиевска и од судиите Ленка Давиткова, Диана Груевска Илиевска и Ивица Стефановски ги уважиле изразените несогласности на судиите за претходна постапка“, набројаа од СЈО. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грковска: Политичарите треба да бидат пример за работење со интегритет и тоа понатаму треба да се бара и од останатите

„Убедена сум дека жените и младите се носители на позитивните промени во општеството. И затоа ми е драго што денеска ја прошируваме мрежата за соработка и поддршка на жени, кои се или биле вклучени во напорите за промоција и вградување на принципите за добро владеење, за превенција и справување со корупцијата, но и за поддршка на младите од регионот, за да се обединат во зголемување на притисокот за градење на општества засновани на интегритет, чесност и одговорност“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на втората регионална конференција на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, која денеска се одржува во Скопје, со поддршка на Канцеларијата на „UN Women“ во Северна Македонија.
Грковска го модерираше првиот панел во рамки на конференцијата, посветен на жените во сферата на правдата и на корупцијата во правосудниот систем, на кој учествуваа: Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд на Северна Македонија и поранешна судијка во ЕСЧП, Ина Рама, судијка во Специјалниот Апелационен совет при Уставниот суд на Република Албанија, Ленче Ристовска, јавна обвинителка и прв обвинител за врска на Република Северна Македонија со „Eurojust“ – Агенција на ЕУ за соработка во областа на кривичното право, Бојана Савовиќ, заменик-обвинителка во Вишото јавно обвинителство во Белград, Република Србија и Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување на корупција на Црна Гора.
Еминентните говорнички споделија свои лични искуства во вршењето на својата професијата и за состојбата во стручната фела. Тие беа согласни дека жените се навистина бројно застапени во земјите од целиот регион, но дека тоа не ја одразува реалната моќ и застапеноста на одлучувачко ниво. Осврнувајќи се на родово заснованите ризици во вршењето на одговорните задачи во борбата против криминалот и корупција, тие се осврнаа на притисоците и омаловажувањата на кои биле подложени.
,,Клучна е политичката волја. Ние, политичарите треба да бидеме пример за работење со интегритет и понатаму тоа да го бараме од останатите“, истакна Грковска и додаде дека зголемувањето на личниот интегритет е важно на сите општествени нивоа, како и транспарентоста во работењето, за граѓаните да имаат вистинска слика за состојбите.
Сумирајќи ги излагањата на панелистиките таа заклучи дека општата атмосфера на неказнивост ги дерогира нашите општества, како и двојните стандарди и немањето доволно солидарност за лугето со интегритет.
Македонија
35-годишен маж загина во пожарот во зградата во Хром

Триесет и петгодишен скопјанец е пронајден изгорен во стан во пожарот што избувна утрово во скопската населба Хром.
Според информациите од МВР за „Макфакс“, пожарот избувнал во 9.47 часот на улицата Исаија Маџовски.
„Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита, а во опожарениот стан пронајден е починат И. Ј. (35) од Скопје. Смртта ја констатирал лекар од итната медицинска помош“, велат од полицијата.
Од таму додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Пожарот го гаснеле три противпожарни возила, а горело на четвртиот кат од петкатницата. Причините за пожарот дополнително ќе се утврдуваат.
Македонија
Од недела пороен дожд, грмежи и локално невреме, се препорачува поголема внимателност

Под влијание на влажен бран в недела на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и во форма на невреме. Пороен дожд и грмежи ќе има и в понеделник. Повеќе врнежи во овие два дена ќе има во западните делови, каде што локално се очекува да наврнат над 30 л/м2.
Потоа времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб локален дожд. Температурата ќе опадне неколку степени.
Во Скопската Котлина в недела попладне ќе има пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме. Потоа ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и малку посвежо.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.