Македонија
Кривична пријава против експретседателот на ФФМ и уште 10 лица и 14 фирми за проневера на 2,4 милиони евра

Финансиска полиција поднесе кривични пријави против 11 физички и 14 правни лица за проневера на 2,4 милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), меѓу кои е и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје против лицата И.Ѓ. во својство на претседател, О.М. во својство на раководител на Одделение за финансии и сметководство и Т.М. во својство на раководител на Одделот за судии и судење, сите од Фудбалската федерација на Македонија.
Пријава е поднесена и против Ѓ.Ч. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Масон инжинеринг“ ДООЕЛ Скопје; Н.Л. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Сеф компани“ ДОО Скопје; С.Т во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Усјепор“ ДООЕЛ Скопје; К.А, во својство на овластено лице во правниот субјект „Км Емона“ ДООЕЛ Скопје; Е.Н. во својство на градежен инжинер во правното лице „Балкан-консалтинг“ ДОО Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правните субјекти „Биро копирс Ирина“ ДООЕЛ Скопје и „Принт примус“ ДООЕЛ Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правниот субјект ТП „Оли-Вети копирс“ Скопје; И. П. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Идиомас“ ИП ДООЕЛ Скопје; Ј.Д. во својство на сопственик правниот субјект „Спортико трејд“ ДООЕЛ Скопје; И.Ш. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Борографика“ ДООЕЛ Скопје; С.С. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Елит травел“ ДООЕЛ Скопје, како и против горенаведените правни субјекти кои се стекнале со противправна имотна корист.
Физичките лица и фирмите се осомничени за злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата, проневера во службата, измама во службата, фалсификување или уништување деловни книги, соизвршителство.
„Пријавениот И.Ѓ, во својство на претседател на Фудбалска федерација на Македонија, постапил несовесно во вршењето на службата, со пропуштање на должен надзор и внимание во вршење на своите овластувања и должности, со што ѝ овозможил на пријавената О.М. неосновано и спротивно на законот на штета на ФФМ да изврши исплата на парични средства од банкарските сметки на ФФМ на банкарските сметки на пријавените правни лица, со кои дејствија пријавениот И.Ѓ. го сторил кривичното дело несовесно работење во службата“, соопштија од Финансиска полиција.
Според информациите од Управата за финансиска полиција, со фиктивни фактури за наводно извршена продажба на стоки и услуги на ФФМ, правните субјекти се стекнале со противправна имотна корист.
„Пријавената О.М., во својство на раководител на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1.1.2016 до 10.10.2019 ја злоупотребила службената кредитна картичка во сопственост на ФФМ, доверена на чување, на начин што пријавената О.М. при приватни патувања надвор од државата, за свои лични потреби, храна, облека и друго, потрошила и присвоила парични средства во вкупен износ од 3.017.928 денари, за кој износ го оштетила ФФМ“, се наведува во соопштението.
Пријавениот Т. М., во својство на раководител на Одделот за судии и судење при Фудбалска федерација на Македонија, потпомогнат од страна на С.С. и во соизвршителство со И.Ш., свесно и со однапред утврдена намера организирал да се изготват и достават фактури со невистинита содржина, за услуги и трговска стока која никогаш не била испорачана, за кои фиктивни фактури пријавената О.М. со пречекорување на овластувањата на својата службена положба извршила неоснована исплата од банкарските сметки на ФФМ на парични средства во вкупен износ од 12.581.289 денари, на штета на ФФМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Колапс во ЕСМ, ВМРО-ДПМНЕ направи загуба од 45 милиони евра

Неспособното раководство на ЕСМ, за само три месеци во 2025 година, направило загуба од 45 милиони евра, или дополнителни 11 милони евра, во споредба со истиот период во 2024 година, велат од СДСМ.
„Е ова се резултатите од работењето на „Дрим тимот“ во енергетиката на Мицковски и Божиновска.
Ова е реалноста, а не нивните манипулации, и лажни вести пред своите членови на партиските трибини, за да си ги оправдаат неспособните кадри кои ги поставија.
Ова е директна последица од лошото планирање и менаџирање на најголемата енергетска компанија, која замислете првпат во историјата во првиот квартал потфрли во својот план за производство за цели 35%, во бројки видовме дека загубата е цели 45 милиони евра.
Поразително за ВМРО-ДПМНЕ и нивните „успеси“ во ЕСМ, е дека повеќе од 3 месеци немаат назначено директор за правни работи во компанијата. дополнително претседателот на надзорниот одбор си поднесе оставка, комплетно потфрлање во оваа најголема енергетска компанија.
Доказ се овие 45 милиони евра загуба, и дополнителните 110 милиони евра кредити кои токму ова раководство ги зема за нецела година.
Единствен успех им се лажните видеа и интервјуа на министерката Божиновска и ЕСМ, каде самите се фалат дека многу биле добри, а резултатите ги враќаат во суровата реалност која самите ја создадоа.
Замислете на своите статуси на социјалните мрежи пишуваат изјави од типот, “Македонија со јасна енергетска визија” а најголем успех на Сања Божиновска се нејзините видеа кои ги објавува на социјалните мрежи, и наместо да ги засука ракавите и да работи во интерес на граѓани во енергетиката, таа си мисли продуцент ќе станува, можеби ќе добие награда на некој филмски фестивал.
Очигледно од досега сработеното е следното, Визијата е да се пропадне ЕСМ најмногу што може. Доказ е поставувањето на директор без ниту ден искуство во енергетскиот сектор, а се што може во државата да им се даде да се гради на приватни странски инвеститори и уште самите да се фалат со ова. Ваква пародија досега не е видена во нашата држава.
Им порачуваме на актерите кои глумат директори во ЕСМ, дека народот не го интересираат вашите смешни соопштенија, изговори и фалби колку сте биле добри, туку резултатите кои никогаш нема да ги остварите бидејќи сте неспособни“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ЦУК: 35 пожари низ државата во изминатото деноноќие – четири сè уште активни

Центарот за управување со кризи информира дека во изминатото деноноќие се евидентирани вкупно 35 пожари на отворен простор низ државата. Од нив 4 се активни, 4 се под контрола, а 27 изгаснати.
Како што известија од ЦУК, активни се пожарите во:
Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Прилеп – помеѓу с. Царевиќ и с. Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Липково – с. Виштица (деградирана шума)
Под контрола се пожарите во:
Велес – с. Џидимирци – с. Крушје – с. Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума)
Демир Хисар – градска депонија (депонија)
Македонски Брод – с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Изгаснати пожари се евидентирани низ Ранковце, Куманово, Липково, Кратово, Тетово, Свети Николе, Битола, Штип, Делчево, Скопје (Аеродром, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Гази Баба, Илинден), Росоман и други општини.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.