Македонија
Кривична против 14 лица и четири фирми кои вршеле злоупотреби со превозот за ученици
Полицијата до обвинителството поднесе кривична пријава против 13 лица лица од Куманово и Скопје, и едно лице од село Режановце кумановско, како и против четири фирми, од кои две од Скопје и две од Куманово, поради постоење основано сомнение дека сториле повеќе кривични дела.
Од МВР велат дека пријавените се сомничат дека во периодот од 2011 до 2017 година ги сториле кривичните дела: “злосторничко здружување“, “злоупотреба на службената положба и овластување“, “употреба на исправа со невистинита содржина“, “злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, “фалсификување исправа“, и “помагање“. Притоа, тие со ваквите дејствија го оштетител буџетот на државата за износ од 39.815.609 денари или за нешто над 600.000 евра.
Според документираните сознанија од истрагата во периодот од 2011 година до декември 2017 година, пријавените со намера да се оствари противправна имотна корист на штета на буџетските сретства обезбедени преку Министерството за образование и наука, а како блок дотации доделени за превоз на ученици за три основни училишта во општината Старо Нагоричане, организирале група од вработени во општината, директори на основните училишта и превозник од Куманово при што ја злоупотребувале постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, изготвиле фалсификивани договори и на тој начин овозможиле правните лица да ги исполнат условите предвидени во тендерската документација.
По ова, при користење на возилата за превоз на ученици за други намени, ги игнорирале претходно склучените договори за превоз, одобрувале и потпишувале фактури за извршени превозни услуги поединечно за секој месец со непрецизирани податоци без наведени релации, без број на ученици со многу повисоки фактурирани цени од договорените. Со ваквите дејствија и со признавањето на фактурите со невистинита содржина, пријавените го оштетиле буџетот на РСМ за износ од 39.815.609 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски: Како НАТО членка нашата амбиција е да бидеме уште поактивно вклучени во европските одбранбени иницијативи
Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со делегација од Европската Унија предводена од Космин Добран, директор на Директоратот за мир, партнерство и кризен менаџмент при Европската служба за надворешни работи (EEAS), каде беше потврдена взаемната посветеност во делот на зајакнување на одбранбената соработка.
Средбата која беше иницирана од страна на Европската служба за надворешни работи, е дел од воспоставениот Дијалог на ЕУ и МКД во доменот на одбраната и безбедноста, и ја потврдува и зајакнува јасната подготвеност на ЕУ за продлабочување на соработката со нашата земја, во областа на безбедноста и одбраната, соопшти Министерството за одбрана.
Во оваа прилика министерот Мисајловски кажа дека денешната средба непосредно пред 9 Мај – Денот на Европа дава дополнителна симболика и позитивна димензија на Дијалогот и на заедничка посветеност на европските вредности. „Македонската Влада има јасна и недвосмислена цел – зајакнување на нашата соработка во областа на безбедноста и одбраната, како и заедничко справување со современите предизвици“, нагласи Мисајловски.
„Наша цел е да продолжиме да ја зајакнуваме соработката кон поконкретна и пооперативна фаза, преку нови проекти и програми. Министерството за одбрана останува целосно посветено на партнерството со ЕУ. Како НАТО членка и земја кандидат за членство во ЕУ нашата амбиција е да бидеме уште поактивно вклучени во европските одбранбени иницијативи“, рече министерот.
Мисајловски и упати благодарност за трите пакети на поддршка преку Европскиот мировен фонд, како и другите финансиски механизми кои се дополнителна поддршка во делот на зајакнување на македонските армиски капацитети.
Директор на Директоратот за мир партнерство и кризен менаџмент при Европската служба за надворешни работи, Добран на денешната средба посочи дека ЕУ е подготвена за зголемување на соработката во овој домен и додаде дека воената мобилноста е од особено значење за поголема ефикасност и зголемување на отпорноста. Тој во оваа прилика информираше дека ЕУ во делот на одбраната и безбедноста ги разгледува можностите за нова поддршка во опрема за Армијата во наредниот период.
Европската унија преку иницијативите и механизмите досега има донесено одлуки за неколку пакет мерки за поддршка на Армијата во висина од 40 милиони евра.
На денешната средба присуствуваа и Емануел Џауфрет, заменикот директор за Западна Европа, Западен, Балкан, Турција, Источен Медитеран и Обединето Кралство при EEAS и евроамбасадорот Михалис Рокас.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Генералка Викенд“ треба да стане генералка 365 дена
За претседателката „Генералка Викенд“ треба да прерасне во ,,Генералка 365 дена”.
,,Секој ден да го почнуваме вака, имитирајќи ги Јапонците кои прво зачистуваат таму каде што живеат, а кога се овде, дури и околу нашите згради, а потоа одат на работа. Ова мора да стане филозофија на животот!“, порача таа на отворањето на годинешната националната акција за чистење на отпад „Генералка викенд 2026“.
Говорејќи за односот на човекот кон природата, таа потсети на делото „Природен договор“ на францускиот филозоф Мишел Сера во коешто се истакнува дека човештвото мора да склучи пријателски договор со планетата Земја и да ја третира како рамноправен партнер.
Според неа, човекот наместо да живее во хармонија со природата, влегува во судир со неа, нарушувајќи ја природната рамнотежа и чекорејќи кон самоуништување. Таа додаде дека ваквите иницијативи претставуваат важен потсетник за потребата од промена.
Сиљановска-Давкова го спомена неодамнешниот настан во нејзиниот Кабинет, чијашто цел беше да се поттикнат наставата и учењето во природа.
На градоначалникот на Скопје, му предложи да го следи примерот на градоначалничката на Париз, Ан Идалго која неколку париски улици трансформираше во зелени површини. „Зеленото е убаво, прекрасно. Скопје треба да озелени, ама претходно треба да го исчистиме“, порача претседателката.
Во денешното чистење на брегот на реката Вардар, во организација на Град Скопје во соработка со „Генералка викенд“ учествуваа 8 екипи распоредени од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“, на северната и јужната страна на Вардар.
Во соработка со претпријатијата „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, во акцијата за чистење на кејот на Вардар учествуваа волонтери од приватни компании и институции, како и средношколци и студенти.
„Генералка викенд 2026“ ќе се одржи од 8-10 мај во 80 општини низ целата држава на повеќе од 500 локации.
Македонија
Утре во Скопје: „Нож и виљушка на европска чинија“ – целодневен гастрономско-музички настан во Паркот на Франкофонијата
Паркот на Франкофонијата утре, 9 мај, ќе стане место за вкусови, музика и урбано дружење за сите генерации. Од 12:00 часот напладне, настанот ќе понуди содржини за најмладите, храна инспирирана од различни европски кујни и атмосфера создадена за забавен семеен ден на отворено.
„Нож и виљушка на европска чинија“ е замислен како културно и гастрономско дружење што ги поврзува различностите, ги слави заедничките вредности и ја носи атмосферата на европска отвореност во локален, топол и близок градски формат.
Програмата започнува во 12:00 часот со DJ Resident, а од 13:00 часот најмладите ќе се забавуваат со омилените Поточиња. Попладневниот дел продолжува од 14:30 часот со „Блуз на трпеза“ во изведба на In the Mood / Spark, додека од 17:30 часот атмосферата ќе ја загрее DJ Carlito.
Вечерната програма носи уште повеќе музика и забава. Од 19:30 часот настапува Виа Скопје, по што од 21:30 часот следува DJ Александар Јорданов. Од 22:45 часот публиката ќе ја забавува Куку Леле, а музичката вечер ќе ја заокружи Ипче Брас Левис Бенд со настап од 00:00 до 01:00 часот.
Организаторите ги покануваат граѓаните да бидат дел од ова целодневно доживување исполнето со вкусови, музика и одлична атмосфера во Паркот на Франкофонијата.
