Македонија
Кривични пријави за 34 физички и три правни лица, доколку постојат докази, истрагата ќе се шири, рече Тошковски

МВР во соработка со ОЈО Кочани ја завршила првата фаза од постапувањето во кривично-правниот настан, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по трагедијата во Кочани.
Поднесени се, нагласи тој, две кривични пријави против вкупно 34 лица и три правни лица.
„Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички лица и три правни лица за кривично дело тешки дела против општата сигурност по член 292 во врска со предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ, при што едно лице е пријавено и за примање поткуп по член 357 од КЗ“, рече Тошковски.
Оваа трагедија повика на целосна мобилизација на сите институции, оцени Тошковски.
„МВР веднаш ги активира сите капацитети. Од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулација на сообраќајот, сѐ до логистичка поддршка за нивниот транспорт и лекување како во земјата така и во странство. Над 250 лица бргу и безбедно беа транспортирани до болниците во државата, а над 100 лица до граничните премини. Веднаш беа изработени итни патни документи како за повредените така и за нивните најблиски што патуваа со нив. Во исто време полициските структури останаа посветени на истражните дејства и на расветлување на случајот дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност“, нагласи министерот.
Во врска со тоа дали истрагата може да се шири на повеќе лица, Тошковски одговори дека апсолутно ќе се шири бројката доколку има докази и за други инволвирани лица.
„Македонија мора да победи во битката со системската корупција, која одзеде 59 млади животи.
Знам дека досегашните искуства на нашиот народ за вакви предмети беа болни и разочарувачки и оттука ги оправдувам загриженоста и сомнежот дека и сега е можно тоа да биде така. Но, нагласувам дека таа загриженост сега е непотребна и докажуваме преку нашите постапки дека има разлика. Работиме со обемен материјал, под огромен притисок, но не смееме да брзаме затоа што половична правда е, всушност, неправда“.
Тој не се согласува со информацијата дека актуелни вработени во МВР на одредени позиции или во другите институции не се дел од истрагата или дека нема осомничени.
„Нема овде наши или ваши. Има луѓе што се одговорни и луѓе што не се одговорни, но мораме да почитуваме процес на правда и мораме темелно да ја работиме истрагата како што ѝ прилега на една држава која треба да одговори соодветно“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.