Македонија
Крмов побара родителите на настраданите од Кочани да присуствуваат на седницата, Гаши не дозволи

Пратеникот на политичката партија Левица, Борислав Крмов, на денешната седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски побара во законодавниот дом да бидат пуштени родителите на загинатите деца од дискотеката во Кочани, кои протестираа пред Собранието.
„Според член 253, граѓаните на Република Македонија може да ги следат седниците на Собранието и на работните тела од галериите во согласност со прописите на внатрешниот ред на Собранието. Јас барам, ако парламентарното мнозинство се чувствува толку силно, мисли дека сè што направиле е во ред, се чувствуваат чесно, го бранат ревносно нивниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, да ги отворат портите на Собранието за ние да ги пуштиме родителите на загинатите горе во галеријата да ја следат седницата“, повика Крмов.
Гаши рече дека е неприфатливо родителите од Кочани да бидат пуштени во Собранието бидејќи тоа треба да биде најавено и организирано. Истакна и дека не е добро да се манипулира со чувствата на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најдено починато лице во близина на пожар во Кривопаланечко

Едно лице е најдено починато во близина на пожар во сeлото Лозаново, Кривопаланечко, соопшти МВР.
Во присуство на јавен обвинител се врши увид.
Македонија
Општина Крива Паланка до граѓаните: Излезете и помогнете, состојбата со пожарите е сериозна

Крива Паланка попладнево е зафатена од голем пожар. Од општината информираат дека огнот претставува сериозна закана за домовите, шумите и животите на граѓаните.
Се апелира до сите жители да се вклучат во гаснењето.
„Ситуацијата е критична – не е време за чекање или размислување. Апелираме до сите граѓани што се во можност: излезете и помогнете!“ – се вели во пораката од Општина Крива Паланка.
На терен делуваат пожарникари, волонтери и вработени од општинските служби.
Македонија
Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со гувернерот на Народната банка, Славески

Претседателката Гордана Сиљановска-Давковa денеска оствари прва работна средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на којашто се разговараше за актуелните економски и монетарни состојби во земјата и важноста на стабилна и независна централна банка за долгорочниот економски развој.
Претседателката Сиљановска-Давкова беше информирана за монетарната политика, стабилноста на девизниот курс, инфлациските текови и состојбите во банкарскиот систем.
Таа ја истакна важноста на унапредувањето на меѓуинституционалната соработка и координацијата на економските политики со цел одржување на макроекономската стабилност и поттикнување на инвестициите и растот.
Гувернерот Славески ја нагласи определбата на Народната банка за проактивно следење на глобалните и домашните економски движења и приспособување на политиките со цел зачувување на стабилноста и довербата во финансискиот систем.
На средбата беше заклучено дека одржувањето на стабилните и претпазливи политики и конструктивниот дијалог меѓу институциите се основа за натамошен економски напредок на државата.