Македонија
Крст ќе се фрла и во Кисела Вода – општината ги повика граѓанитe да се пријават

Општина Кисела Вода упатува јавен повик до сите граѓани што се заинтересирани за учество во одбележување на празникот Богојавление – Водици.
„Од оваа година се обновува традицијата за фрлање на чесниот крст како дел од прославата на Водици. Настанот ќе се одржи во базенот „Расадник“, в среда, 19 јануари 2022 година. На фрлањето на крстот, закажано за 12 часот, ќе му претходи божествена литургија. За најсреќниот учесник што ќе го фати богојавленскиот крст e предвидена парична награда од градоначалникот на општина Кисела Вода во износ од 12.000,00 денари, како и бела техника – апарати за домаќинството, обезбедени од донатори спонзори“, се наведува во повикот.
Заинтересираните треба да се пријават најдоцна до утре, вторник, 18.1.2022, до 18 часот, на телефонскиот број 075/309-548 (Далибор). Тие ќе треба да потпишат изјава дека се во добра здравствена состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК апелира на внимателност поради силно локално невреме и можни опасни порои во текот на викендот

Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно информацијата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), превентивно апелира и препорачува на граѓаните во земјава од попладнево до крајот на викендов да избегнуваат локално движење во и покрај суводолици и други стари корита – водотеци, како и во долови по коишто се слевале порано порои од обилни дождови.
Конкретно, концентарацијата на врнежи на одреден простор е со голема веројатност можна во делови на земјава, проследено со силно локално невреме. Постои голема можност да биде голема и опасна поројната вода по околината таму каде што ќе зафати поројониот дожд што се предвидува да падне во делови од земјава.
Од УХМР известија дека викендов земјава на места ќе биде зафатенa од метеоролошка нестабилност со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи и силен ветер, локално во форма на невреме, грмежи и можна појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени, а од понеделник ќе се намали метеоролошката нестбилност и ќе преовладува потопло време.
Македонија
Поплава во рудникот Суводол по вчерашното невреме, ископот на јаглен продолжува во отежнати услови

Силното невреме од дожд и град предизвика поплави и големи сливови на вода во рудникот Суводол, од каде се носат најголемите количини јаглен за РЕК Битола.
Силното невреме кое вчера го зафати подрачјето на рудникот предизвика големи дотоци во откопното поле и на позициите каде се лоцирани големите багери и системи за транспортирање на јагленот. Комбинатот во моментот работи со сите човечки и технички ресурси кои ги поседува на санација на состојбата и на непречен ископ на јаглен, кој сепак се одвива под отежнати услови.
Раководителот на производство во Рудници-РЕК Битола, Димитар Петковски, изјави дека се работи во тешки услови и дека вработените уште од вчера се распределени на вонредни задачи во очекување на невремето и врнежите, кои според прогнозата ќе продолжат и во текот на викендот.
,,Ископувањето на јаловината и јагленот и натаму течат, отежнато, но течат, процесот на ископ на јаглен не е запрен и правиме се да се справиме со големите дотоци на вода во наоѓалиштата”, изјави Петковски.
РЕК Битола има негативни искуства со силни врнежи во рудниците. Пред две години силно невреме и дожд целосно ги поплавија откопните полиња со јаглен и ги парализираа багерите и другата механизација, по што беше потребно подолго време за испумпување на водата и настанатата кал, за овозможување пристап и враќање на процесот за ископување јаглен.
Македонија
Руската црква: Му благодариме на Бога што ја прекина долгогодишната раздвоеност меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква

Светиот синод на Руската православна црква (РПЦ) го поздрави враќањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во единство со Српската православна црква.
„Решивме да му се заблагодариме на Бога што ја прекина долгогодишната раздвоеност и ја врати Македонската православна црква – Охридска архиепископија во евхаристиско и канонско општење со Српската православна црква“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Московската патријаршија по седницата на Синодот.
На почетокот на седницата на Светиот синод, патријархот Московски и на цела Русија Кирил го поздрави повторното обединување на МПЦ-ОА со СПЦ, оценувајќи го како „важен историски настан“, пренесе „Б92“.
„Ќе ве информирам за еден ваков добар и важен историски настан – обновувањето на комуникацијата меѓу Српската патријаршија и Охридската архиепископија“, рече патријархот Кирил.
Патријархот спомна дека се работи за долга поделба, која конечно оздравела.
Српскиот патријарх Порфириј во вторникот на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје по повод празникот Свети Кирил и Методиј соопшти дека СПЦ одлучила да ја одобри, благослови и признае автокефалноста на МПЦ-ОА.
Тој додаде дека ќе бидат информирани и повикани сите помесни цркви да го прифатат статусот на автокефалност на МПЦ-ОА.