Македонија
Кузеска: Извештајот на ЕК потврди дека и покрај опструкциите на ДПМНЕ, прогрес имаме во 81 отсто од поглавјата
Извештајот на ЕК потврдува дека и покрај опструкциите на ДПМНЕ и Мицкоски, Македонија продолжи да ги исполнува условите за продолжување на преговорите за членство во ЕУ, објави на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека во согласност со извештајот, прогрес имаме во 81 отсто од поглавјата, а назадување нема во ниедно поглавје. Во однос на подготвеност на поглавјата, во 90 проценти сме со соодветно ниво на подготвеност.
„Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2023 година е добро ниво на подготвеност, константa што е факт веќе неколку години. За разлика од катастрофалните извештаи во време на ДПМНЕ за заробена држава, мешање на партијата и државата и многубројни сегменти со назадување, со години наназад имаме драстичен напредок. ЕК посочува дека главни кочничари на напредокот се Мицкоски, ДПМНЕ и Левицата. Поразително за ДПМНЕ е тоа што во овој извештај на ЕК стои дека ‘главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ активно ја блокира парламентарната работа, што беше значајна пречка за напредок’ (страна 10 од извештајот)“, рече Кузеска.
Освен извештајот, вели Кузеска, значаен е и објавениот план за раст на економиите на Западен Балкан од страна на ЕУ. Првпат имаме резервирани пари за реформите, од кои 1 милијарда евра се на располагање за Северна Македонија.
„Сега може да користиме привилегии и можности од зачленувањето во Европската Унија предвреме, односно додека траат преговорите. Како што баравме. До април 2024 година целта е да се направи прв трансфер на пари. Тоа значи дека ако продолжиме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе го имаме за пет месеци од сега“, додаде портпаролката.
Затоа, како што рече, блокадите и опструкциите на ДПМНЕ и Мицкоски мора да бидат поразени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
