Македонија
Кучињата што усмртија 4-годишно дете не биле вакцинирани
Агенцијата за храна и ветеринарство поведе прекршочна постапка против сопственикот на овчарските кучиња од кичевското село Бачишта, врз основа на извршениот увид на лице место од страна официјалниот ветеринар и овластеното ветеринарно друштво, а по добиената информација дека кучињата нападнале четиригодишно дете од ова село.
Веднаш се преземени сите мерки пропишани со ветеринарната легислатива, извршен е клинички преглед на кучињата и истите се ставени во изолација и под официјален надзор за следење на евентуална појава на симптоми на болеста беснило.
Кучињата кои го придружувале стадото овци не биле ниту вакцинирани против оваа болест ниту идентификувани со микрочип, што е задолжителна обврска за сопствениците на кучиња, соопштија од Агенцијата.
Во наредните 15 дена додека се под официјален надзор, ќе се следат кучињата и нивната здравствената состојба, со цел да се исклучи постоење на симптомите на болеста беснило. По истекот на рокот за изолација и официјалниот надзор, официјалниот ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство, зависно од утврдената состојба ќе ги преземе понатамошните мерки утврдени со законите од областа на ветеринарното законодавство.
Имено, пред неколку дена, 4-годишно момченце беше искасано од овчарски кучиња, кое по извесно време во болнца почина поради тежината на повредите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ-Памер: Економијата не е само предизвик, туку и една од најважните точки клучна за напредок
Потпретседателот на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ денес оствари работна средба со делегација од Амбасадата на Република Австрија во Скопје, предводена од амбасадорот, Мартин Памер.
На средбата беа разменети мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во двете земји, со фокус на односите меѓу етничките заедници кои живеат во земјата, а Стоилковиќ и Памер изразија уверување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина.
Стоилковиќ меѓу другото го запозна амбасадорот Памер и со функционирањето на Министерството за односи меѓу заедниците, како и фактот дека истото треба да прерасне во институција која ќе работи во корист на сите етнички заедници во земјава, но и со проектите на кои работи како заменик-претседател во Владата на РС Македонија. Во таа насока, тема на разговор беа и можностите за проширување на економската соработка меѓу двете земји, а двајцата соговорници се согласија дека економијата не е само предизвик, туку и една од најважните точки и клучна за напредок. Акцент беше ставен и на подобрувањето на економската размена меѓу двете земји и подигнување на нејзиното ниво.
На крајот од средбата двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу двете земји е од исклучително значење, а особено клучна е поддршката што нашата земја ја добива од Австрија кога станува збор за реформските процеси поврзани со евроинтеграциите, кои, како што беше нагласено, мора да останат на агендата и во иднина.
Македонија
(Видео) Кирков: Кумата на хаосот, Арсовска, го води Скопје кон целосен мрак, не поднесе предлог-буџет за 2025, бараме одговорност
Нема крај на скандалите кога станува збор за Данела Арсовска. Арсовска сега не поднесе предлог-буџет за 2025 година во законски предвидниот рок. На Град Скопје сега му се заканува целосна блокада, вели Стефан Кирков, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
„Се случи тоа што го предвидувавме со месеци и апелиравме неколкупати. Стравувавме дека сценариото за целосна блокада на Град Скопје може да стане реалност. Сега тоа и се случува.
Кумата на хаосот во Скопје при крајот на својот мандат, поддржана од коалицијата Левица – СДС – ДУИ, продолжува со црните сценарија за Скопје“.
Според него, во историјата на Град Скопје до денес се нема случено да биде доведено во прашање функционирањето на градот во целина.
Без буџет за следната година, Град Скопје, како што соопшти тој, ќе биде под целосна блокада, нема да функционираат и онака нефункционалните јавни претпријатија, установите во Скопје. Или ќе биде блокирана и онака нефункционалната „Комунална хигиена“, како и ЈСП, нема да функционираат претпријатијата, како „Водовод“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, депонијата „Дрисла“, „Лајка“. Тука се и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, МКЦ, Културно-информативниот центар, Музејот на град Скопје, Зоолошката градина, Детскиот културен центар и други.
Накусо, како што додаде, Скопје ќе доживее целосен мрак.
Појасни дека вчера измина последниот ден за доставување предлог-буџет до Советот и до Град Скопје.
„Ова е рокот предвиден за работа на Градот и Советот, а објавен како документ во службено градско гласило. Данела Арсовска не поднесе буџет и со тоа ги остава Скопје, сите јавни претпријатија, установи и повеќе од милион жители да бидат нејзин заложник. Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме сите државни институции, Владата, веднаш да пристапат кон решавање на овој проблем. Скопје не смее да биде заложник на Данела Арсовска подржана од СДС – Левицата – ДУИ. За ваков преседан, кој го води Скопје кон целосен мрак, Данела Арсовска мора да одговара“, нагласи Кирков.
Македонија
(Видео) Талески: Власта одби 100 денари линеарна субвенција, Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги изневерија тутунарите
Власта на Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги изневерија тутунарите и ги оставија на цедило. Иако ветуваа повисоки откупни цени, тутунот сега се откупува по делеку помали цени. Откупните цени на тутунот оваа година се пониски од ланските. Прва класа се откупува за 375 денари, втора класа за 300 денари, трета класа – 240 денари, и дополнителна класа – 115 денари. Овие цени се многу пониски од лани и не ги покриваат зголемените производствени трошоци на тутунарите, нагласи на прес-конференција Миле Талески, пратеник на СДСМ.
Токму затоа, додаде тој, пратеничката група на СДСМ достави законско решение за 100 денари линеарна субвенција за тутунарите за сите класи.
„Без око да им трепне, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието го одбија ова Законско решение и застанаа протиав тутунарите. Во време на владата на СДСМ, тутунарите добиваа многу повеќе. Благодарение на линеарната субвенција од 100 денари по килограм, без одбитоци, цените лани достигнуваа и над 500 денари за килограм тутун, историски највисоки откупни цени на тутунот. Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги излажаа и ги изневерија тутунарите“, истакна Талески.
„Кога беа во опозиција, ветуваа дека откупната цена на тутунот по килограм кога ДПМНЕ ќе биде власт ќе биде 600 денари. Ниту има 600 денари откупна цена, ниту пак прифатија предлог да им се даде уште 100 денари по килограм. Оваа година тутунарите имаат помала откупна цена како резултат на погрешните политики на ДПМНЕ“, оцени Талески.
Според него, откупните цени на тутунот паѓаат, а повеќе од 20.000 семејства кои живеат од производство на тутун оваа година ќе имаат помалку пари во семејниот буџет.
СДСМ, како што рече, останува на страната на тутунарите и ќе продолжиме и понатаму да се бориме за нив и да се спротивставуваме на погрешните политики на ДПМНЕ.