Македонија
Лазаревска: ВМРО-ДПМНЕ преку своите коалициски партнери се обидува да ги закочи измените за недела неработен ден
ВМРО-ДПМНЕ преку своите коалициски партнери – Алијанса и Алтернатива се обидува да ги закочи измените за недела неработен ден, изјави на прес-конференција Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ.
Рече дека претседателот на Комисијата за труд и социјална политика од редовите на Алијанса-Алтернатива, Хусни Исмаили, упорно не закажува седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за работни односи, со кои недела станува ден за одмор за сите работници.
Лазаревска потсети дека овие измени на сила треба да стапат на први октомври, и обвини дека денеска, на десет дена пред тоj датум, опозицијата во Собранието се обидува да ги спречи.
„Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога во Собранието треба да се носат закони кои се во корист на граѓаните оваа партија на секој начин се обидува да ги блокира и закочи. Овој пат тоа очигледно го прави преку своите коалициски партнери“, рече Лазаревска.
Според неа, лицемерниот и неодговорен однос на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните е одамна прочитан и препознаен, па затоа на изборите ги очекува пораз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ученикот кој беше прободен во училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели Стефковски
Ученикот кој вчера беше прободен во основно училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Нападот го извршил поранешен ученик, а повредениот е ученик во деветто одделение.
„Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан кој се случил во училиште во Ченто, каде што еден поранешен ученик кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од деветто одделение. Во разговор со членови на семејството на повредениот ученик информиран сум дека детето е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување“, објави Стефковски.
Лицето кое го извршило нападот е уапсено. Според информации во јавноста, нападот се случил во основното училиште „25 Мај“. Од МВР известија дека 15 годишник вчера со остар предмет влегол во училиштето и повредил ученик.
Стефковски го осуди нападот и вели дека насилството не може да се оправда со ништо.
„Општина Гази Баба, останува во постојана координација со надлежните институции кои превземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, вели градоначалникот.
Македонија
Во завршна фаза е изградбата на боксерската сала во Битола
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изврши увид на изградбата, односно завршницата на еден капитален објект за Битола.
Центарот за спорт и спортски активности е еден од шеснаесетте проекти финансирани од Владата на Македонија преку Министерството за спорт со вкупна вредност од над 43 милиони денари.
Надвор во завршна фаза е довршувањето на фасадата на објектот, а во внатрешноста на објектот се довршува подот.
Објектот е на два ката со површина од околу 930 метри квадратни. Има сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес справи. Објектот има и соблекувални машки и женски со сопствени тоалети и бањи и тоалет за лица со посебни потреби. На источната страна се просториите за спортско качувачки клуб идентични како на боксерскиот клуб, со сала за тренинг и соблекувални.
Околината на објектот ќе биде партерно уредена и ќе има паркинг.
„Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици“, велат од Општината.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со канадските претприемачи со македонско потекло, Џон Битов помладиот и Јордан Битов
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на македонската дијаспора во Канада, меѓу кои и канадските претприемачи Џон Битов помладиот и Јордан Битов, учесници на самитот „Македонија 2025“.
Таа им се заблагодари за долгогодишниот придонес на македонската дијаспора во Канада во јакнењето на економските, образовните, научните и културните врски со матичната држава, како и во промоцијата на македонските интереси и потенцијали на меѓународен план.
Беше истакната важноста на иницијативите како „Македонија 2025“, коишто придонесуваат за поврзување на домашната бизнис-заедница со успешни професионалци и инвеститори од дијаспората, поттикнувајќи претприемништво, иновации и економски развој.
Претседателката детално ги запозна со внатрешните и надворешните политички приоритети на државата, со посебен осврт на евроинтеграциските процеси. Тие, пак, ја предочија можноста за интензивирање на канадско-македонските односи на највисоко ниво.
Соговорниците изразија подготвеност за продлабочување на севкупната соработка и меѓународната афирмација на државата.
