Македонија
Левицата: Владата крати средства од лицата со инвалидитет додека намалува даноци на најбогатите

Владејачката коалиција од ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, наместо да гради социјални политики во кои фокусот ќе биде подобрување на состојбата на ранливите категории на граѓани, крати средства токму од нив, велат од Левица.
„Со предлогот за Ребаланс на буџетот скандалозно е предвидено е да се скратат 10 милиони денари наменети за здруженијата на лицата за инвалидитет, што беше причина овие здруженија да реагираат и да си ги бараат своите права.
Имено, со Законот за игри на среќа предвидено е дел од средствата од игрите на среќа да се наменат за проекти на здруженијата на лицата со инвалидитет. И покрај тоа што ова е законска обврска, актуелната власт наместо да ги исплати овие средства на лицата со инвалидитет, истите ги пренамениле за други намени. Скандалозно е што десничарската влада веднаш почна со кратење средства токму од оние на кои што им е најмногу потребно и дополнително ја маргинализира нивната положба“, се истакнува во реакцијата на оваа партија.
Со досегашните чекори што ги превзема и најавите за намалување на даноците за најбогатите фирми, власта на Мицкоски, додаваат од Левица, јасно покажува тенденција да ги штити најбогатите на сметка на сиромашните и маргинализираните.
„Наместо да креираат политики за пренамена на богатството кон оние на кои што им е најмногу потребно, оваа десничарска коалиција креира политики со кои што богатите ќе бидат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни“, истакнуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Границите во колапс, по еден час се чека на Табановце и на Богородица

Зголемена фреквенција на возила и чекање од околу еден час се евидентирани на граничните премини Табановце и Богородица, информира Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ). На останатите гранични премини, според АМСМ, сообраќајот се одвива нормално без подолги задржувања за влез или излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на возилата е зголемен, особено надвор од градските средини.
Од АМСМ препорачуваат зголемено внимание при управување со возилата, прилагодување на брзината, како и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
Македонија
Критични пожарите кај Крушје и Локвица, огнот во Николич го гаснат „ер-трактор“ и хеликоптер

Од вкупно околу 15 активни пожари на отворен простор низ земјата, три се оценети како најсериозни: во атарот на дојранското село Николич, кај велешкото село Крушје и кај селото Локвица на територија на општина Македонски Брод. Овие пожари, според првичните проценки, бараат пообемна и посложена интервенција на терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека особено тешки услови за гаснење има кај пожарите во Крушје и Локвица, кои избувнаа во текот на денешниот ден.
„Пожарот во село Николич трае веќе повеќе од една недела. Уште рано утринава, на терен се активирани екипи на „Национални шуми“, заедно со локалните противпожарни служби од Валандово, Гевгелија и Дојран, како и екипи на ДЗС. Поддршка дава и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со пожарникари од Кавадарци, кои користат водени топови од специјализирани возила“, изјави Ангелов.
Дополнително, како воздушна поддршка, од утрово во гаснењето е вклучен и еден ер-трактор од типот „амфибија“ на ДЗС, со носивост од три тона вода.
„Авионот црпи вода од Дојранското Езеро, што овозможува прецизно и ефикасно гаснење на критичните точки. Дополнително, се приклучи и еден армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тона вода“, додаде Ангелов.
Македонија
Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.
Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.
Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.
Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.
„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.