Македонија
Левица: Владата троши 450.000 евра за луксуз, додека гласа против минимална плата од 500 евра

Додека граѓаните се соочуваат со секојдневни ценовни шокови, Владата предводена од ДПМНЕ троши стотици илјади евра за морски плодови и хотелско сместување, обвини денеска политичката партија Левица. Од партијата велат дека ова се случува паралелно со одбивањето на нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 500 евра.
„Очигледно, за расипничката власт на ДПМНЕ има пари само за нивните луксузни апетити, но не и за работниците кои едвај врзуваат крај со крај“, соопштува Левица.
Според податоците кои ги објавија од партијата, владината Служба за општи и заеднички работи во мај склучила два тендери со вкупна вредност од 450.000 евра. Првиот договор, вреден 11,8 милиони денари, се однесува на набавка на риба, месо и сувомеснати производи, додека вториот – во износ од 16,5 милиони денари – се однесува на хотелско сместување за владините функционери.
„Се работи за јасен пример на лицемерие и двојни стандарди. Власта гласаше против предлогот за минимална плата, кој го поднесовме по барање на синдикатите, а во исто време склучува договори за луксузни вечери и хотели“, изјавуваат од Левица.
Од партијата додаваат дека власта не служи на граѓаните, туку на „крупниот капитал и блиски бизнис-центри“, додека реалната економска состојба е далеку од она што, според нив, „скапата ПР-машина“ на Владата се обидува да го прикаже.
„Македонија не е економска сила, туку земја во која работниците гладуваат, младите се иселуваат, а функционерите се гоштеваат со морски плодови за сметка на народот“, порачуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот од и кон Граничниот премин Блаце

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека вечерва е нормализиран сообраќајот на патниот правец Стенковец-ГП Блаце.
Граѓаните можат непречено да се движат во двата правци, а нормално функционира и граничниот премин Блаце, велат од МВР.
Македонија
(Видео) Повеќе од 45 тони вода исфрли полицискиот хеликоптер во гаснењето на пожарот во Чучер Сандево

Полициски хеликоптер Бел-412 денеска повторно се вклучи во гаснење на пожарот во општина Чучер Сандево, соопшти МВР.
„И покрај тешките услови за гаснење непристапен терен и непрегледност поради чад, полицискиот хрликоптер исфли над 45 тони вода во подршка на екипите на терен за ставање под контрола на истиот“.
Македонија
(Видео) Сè уште активен и надвор од контрола пожарот кај Чучер Сандево, со интервенција од воздух ќе се продолжи во утринските часови

Пожарот кој е активен на територија на Чучер Сандево и покрај интервенциите од воздух, за жал сè уште е надвор од контрола, информираат од ЦУК.
Во текот на денешниот ден, на терен, како што појаснуваат надлежните, интервенирале сите расположливи сили и средства — општински служби, физички и правни лица, како и екипи од БППЗ, ДЗС, МВР и ЦУК.
„Сите капацитети се ангажирани, но условите на теренот се исклучително тешки.
Голема е вознемиреноста кај населението, бидејќи чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, сè до Бутел. Истовремено, регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во близина на куќи“, според објавеното на социјалните мрежи.
Во раните утрински часови, како што појаснуваат, беше пружена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето со уште еден воздухоплов.
Поради временските услови, се очекува пожарот во текот на ноќта делумно да се стиши, што би овозможило поефикасно дејствување на теренот утре.
За утре е планирано акциите да започнат уште во 5:00 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР. Во вечерните часови, екипите ќе останат на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и потребите, соопштија надлежните.