Македонија
Левицата: Неприфатливо е градоначалник со толку кривични пријави сѐ уште слободно да шета
„По објавата на САД дека струшкиот градоначалник и партиски член на ДУИ, Рамиз Мерко, е ставен на „црна листа“ поради криминалните активности ревносно се ангажираа и од скопското Јавно обвинителство да ги прочешлаат предметите со цел да утврдат дали некој од струшкото обвинителство или суд го штити овој градоначалник“, велат од Левицата.
„До Основното јавно обвинителство доставени се шест кривични пријави, кои стоеле во нечија фиока за да го спасат од прогон овој градоначалник, кој во време на најголема криза си купи ново возило ‘ауди А6’ за службени потреби. Како што известија од Обвинителството, тие исклучително сериозно ги зеле предвид сознанијата на Стејт департментот и од тие причини постапуваат итно по секој предмет.
Сепак, и покрај тоа што е отворена предистражна постапка за шест кривични пријави, Рамиз Мерко не е ставен во притвор како што е досегашната пракса на македонските правосудни органи. Рамиз Мерко, после толку години власт и стекнато богатство, ужива статус на султан во струшката околија. Овој градоначалник е пример дека правдата е слепа кога се во прашање богатите партиски кадри. Додека за сиромашниот граѓанин органите на прогон веднаш би побарале мерка за обезбедување дури и притвор, Мерко е заштитен и продолжува да си ја врши функцијата“, се наведува во соопштението на Левицата.
Оттаму опоменуваат дека е неприфатливо, градоначалник со толку кривични пријави и индиции за сторени кривични дела сѐ уште слободно да шета, без да се преземат мерки со оглед дека може да влијае на сведоци или да избега од државата.
Дали Обвинителството повторно ќе замижи пред политичкиот имунитет и ќе продолжи со маската што ни ја прикажуваат со години или навистина ќе ги примени сите средства од законот за да обезбеди правда, прашуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дождот не го изгасна целосно, но го стави под контрола големиот пожар во Мариово
Дождот кој заврна попладнево помогна да се стави под контрола големиот пожар во Мариово, но сепак сѐ уште не е целосно изгаснат. Гори на неколку места со слаб интензитет, информираше вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Дождот кој заврна во прилепско помогна во гаснењето на пожарот во мариовскиот крај. За жал с уште не е изгaснат целосно, има горење со слаб интезитет на неколку места“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Временските прилики им помогнаа на лицата кои веќе една недела на терен учествуваа во борбата со огнената стихија, која беше со периметар од над 100-тина километри и зафати површина од околу 15.000 хектари. Под контрола се и останатите два пожара во прилепско.
Македонија
За една недела 25 нови случи на голема кашлица
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информира дека од 30 август до 5 септември во Македонија пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, што е за 47,1% повеќе во споредба со претходниот седмодневен период, кога беа регистрирани 17 новозаболени.
Најголем број заболени се во Скопје -14 каде случаи се регистрирани во сите скопски општини; во Тетово – 5, Кратово – 3, Куманово – 2 и еден случај во Крива Паланка.
„Возраста на заболените се движи од 1 месец до 60 години, а најголем број на случаи се од возрасната група под една година. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 6 се комплетно вакцинирани и еден е вакциниран согласно возраста. Од новите случаи 5 заболени се хоспитализирани“, велат од Институтот за јавно здравје.
Македонија
Неисправни се двата полициски хеликоптери и двата ер-трактори, се чека дождот да го изгасне пожарот кај Мариово (ВИДЕО)
Неисправни се двата полициски хеликоптери и тие не можат да учествуваат во големиот пожар во прилепскиот дел од Мариово чиј периметар се прошири на 110 километри, а е во должина од над 30 метри, се гасне од земја. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека пред неколку часа на помош на пожарникарите од Прилеп и од повеќе други градови, како и на војската и полицијата пристигна еден ер-трактор. Другите два ер-трактори кои ги има државата, за жал, се неисправни, изјави Ангелов. Директорот на ЦУК соопшти дека заврна дожд во Мариово и дополнително ќе извести дали пожарот е целосно изгаснат.
Ангелов изјави дека е тежок пожарот над викенд населбата во скопско Катланово. Тој нагласи дека пожарот создава голем чад и дека тешкотија претставува непристапниот терен. Како што рече, вчера гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од скопската бригада.
Во продолжение е видео-изјавата од Ангелов и за другите пожари во земјава.