Македонија
Левицата поднесе предлог-закон за укинување на двојазичните декларации на производите

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денес на прес-конференција соопшти дека Левица во текот на вчерашниот ден поднела Предлог-закон за измена на Законот за потрошувачи со којшто се предлага укинување на двојазичните декларации на производите.
„Ова го нудиме во насока на зачувување на функционалноста на општеството и сврзувањето во нашето општество и во насока на зачувување на унитарноста на државата. Ова го нудиме наспроти јазичната сегрегација која веќе одамна партиите на елитата пробуваат да ја воспостават во Република Македонија. Нашата законска измена не е водена од емотивни причини, туку, просто, за зачувување на општото комуникациско средство за граѓаните во Република Македонија“ – истакна пратеникот Мециновиќ на денешната прес-конференција.
Мециновиќ потсети дека двојазичните декларации биле протуркани на брза лента од страна на екс-министерот Крешник Бектеши од ДУИ и напомена дека истиот произлегува како ефект од т.н. Закон за двојазичност за којшто Уставниот суд има закажано седница во март.
„Законот има за цел и да ја исправи неправдата наметната врз македонските производители и потрошувачи кои со години трпат административни и финансиски товари наметнати од клиенталистичките политики на режимските партии. Со овој Закон бараме укинување на обврската за задолжителна двојазична декларација на производите и наместо тоа, трговците ќе имаат обврска само на македонски јазик и неговото кирилско писмо да ги доставуваат информациите за производите, а можноста за користење на други јазици е нивно дискреционо право, како што треба и да биде“ – образложи пратеникот од Левица.
Тој истакна дека овие измени се неопходни бидејќи актуелниот закон наметнува дополнителни трошоци на малите и средните трговци кои се соочуваат со економска криза.
„Оваа бирократска заврзлама директно ги става во неповолна положба македонските производители, особено оние кои произведуваат за извоз и за региони во кои не е потребна двојазична декларација“ – акцентираше пратеникот.
Како цел на овие законски измени поднесени од Левица, Мециновиќ сумираше дека е: Да се заштити македонскиот јазик како единствен службен јазик во целата држава, со цел општа комуникација за сите граѓани во Република Македонија; Намалување на трошоците за производителите и трговците и олеснување на административните процедури со избегнување на дополнителните обврски наметнати во време на економска криза.
Мециновиќ кажа дека очекуваат жестоки напади од режимските партии и партиите на естаблишментот кои ја користат јазичната сегрегација за поделба на политичкиот плен и деинтеграција на сврзните ткива на нашето општество.
„Но, сепак, очекуваме поддршка, бидејќи сите овие ефекти произлегуваат од противуставен закон чии ефекти треба веќе да се анулираат“ – заклучи пратеникот од редовите на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заврши распитот на Папазов, ќе чека одлука на Обвинителството за неговиот натамошен статус

Заврши распитот на кочанскиот градоначалник, Љупчо Папазов, кој претходно денес поднесе оставка поради трагедијата во која загинаа 59 млади луѓе во нелегалната дискотека на концертот на групата ДНК.
„Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, информираа од Обвинителството.
Во моментов се врши распит и на други лица, меѓу кои и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Македонија
Таравари: Ве молам не објавувајте фотографии од повредените, тоа може да влијае на нивниот процес на закрепнување

Министерот за здравство, Арбен Таравари, упати апел до медиумите да не објавуваат фотогрфаии и снимки од повредените во нивните најранливи моменти.
„Во овие тешки моменти, наш најголем приоритет е грижата за повредените и поддршката за нивните семејства. Длабоко ја цениме вашата посветеност во информирањето на јавноста и ви благодариме за покажаната солидарност и одговорност. Сепак, во духот на емпатијата и етичките стандарди, ве молам за почитување на приватноста и достоинството на жртвите. Објавувањето снимки и фотографии од повредените во нивните најранливи моменти може да предизвика дополнителна болка, не само за нив, туку и за нивните семејства, и да влијае на нивниот процес на закрепнување“, напиша Таравари.
Тој упати искрен апел за одговорно известување, кое, како што рече, ќе стави акцент на поддршката и помошта за оние на кои им е најпотребна.
Македонија
На клиниките во земјава се распоредени 98 пациенти, повредени лица се пренесни и во Бугарија, Србија, Словенија, Австрија, Литванија

Министерството за здравство ја информира јавноста дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување соодветна медицинска нега за сите пациенти. Состојбата на пациентите се следи внимателно, а пlнатамошните медицински постапки се спроведуваат врз основа на конзилијарни одлуки.
Во текот на денешниот ден, пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа:
Клинички центар – 52 пациенти
ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти
Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти
Клиника за токсикологија – 10 пациенти
Аџибадем Систина – 7 пациенти
Покрај обезбедувањето медицинска нега во земјата, дел од пациентите се транспортирани во здравствени установи во странство, благодарение на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји:
Литванија – 4 пациенти
Австрија – 2 пациенти
Словенија – 2 пациенти
Република Србија – 12 пациенти
Република Бугарија – 1 пациент
Во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува медицински транспорт од Австрија, Грција и Хрватска, со авиони и хеликоптери за натамошен трансфер на пациенти.
Министерството за здравство информира дека сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега.
Дополнително, во соработка со ЈЗУ Психијатриска болница-Скопје и Клиниката за психијатрија се формирани мобилни тимови составени од психијатри и психолози, кои обезбедуваат психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства.
За сите кои имаат потреба од психолошко советување или помош, достапна е телефонската линија 078 378 754, каде што стручни лица обезбедуваат поддршка.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка.