Македонија
Левицата предлага надзорна расправа за катастрофата во Кочани

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, соопшти дека како пратеник од Изборната единица 3, иницирал Надзорна расправа во врска со трагедијата во Кочани со цел, како што рече, да се расветлат сите пропусти.
„Во овие моменти кога сѐ уште не е поминат шокот од незамисливата национална катастрофа која се случи во Кочани, ние како пратеници и како Собрание, посебно пратениците од ИЕ 3, мора да поднесеме и морална одговорност. Поради тоа, денес, јас, како пратеник од ИЕ 3, покренувам иницијатива за Надзорна расправа во Собранието околу катастрофата што ни се случи во Кочани“, кажа пратеникот од Левица.
Додаде дека расправата е планирана во постојаната Анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот со која раководи Димитар Апасиев. Но, рече тој, отворени сме да биде и на било која друга комисија која и одговара на власта и на остатокот од опозицијата.
„За таа цел се потребни се минимум 15 потписи и ние ги даваме нашите шест. Отвараме простор да има и Анкетна комисија, има постојана Анкетна комисија во која може да се одржи расправата, но има и времена Анкетна комисија. Во тој случај ќе се повикаме на член 76 став 3 од Уставот, за која се потребни дваесет потписи и апсолутно, на нас не ни е битно ние да го водиме процесот, поентата е да се почне сега и веднаш за да се дојде до одговорите кои ни се потребни“. објасни Крмов.
За жал, додаде тој, гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се препукуваат во медиумите, околу надзорна или анкетна, дали треба да има, или не, дали и за другите катастрофи, дали за Кочани итн.
„Ние мислиме дека нема време за ова, доволно време одмаравме, треба да се делува што побргу. Мора да се види каде потфрлија органите на државната управа, зошто ни се случи ова што ни се случи и кои индивидуи се одговорни“, потенцираше пратеникот Борислав Крмов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани се одржа седмиот марш на ангелите, родителите со порака: „Нашиот молк нема да трае долго“

„Моќта на луѓето е посилна од луѓето што се на моќ“, „Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега“, „Ефективен притвор”, „Секој може да е следен”, „Системот убива”. Со вакви транспаренти денес во Кочани се одржа седмиот марш на ангелите.
На маршот, предводен од родителите на загинатите деца во пожарот „Пулс“ и денес, беше побарана правда.
Родителите чекореа во тишина, држејќи ги во рацете фотографиите на своите деца, придружени од граѓани кои им се приклучија за да ги поддржат.
„Нашиот глас е гласот на оние кои трагично заминаа во огнот, молк што зборува повеќе од илјада зборови. Но нашиот молк нема да трае долго како вашето судење”, беше порачано на протестот.
Претходно денес, Обвинителството соопшти дека обвинителите кои постапуваат во истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс” почнуваат да сослушуваат претставници на семејствата на починатите. Од Обвинителството велат дека преку исказите дадени пред јавен обвинител тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон. Исто така, ќе можат и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.
Македонија
Градоначалниците од СДСМ, Герасимовски и Христовски ќе бидат во трката за нов мандат

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата веќе работи на подготовките за претстојните локални избори, со јасни критериуми за избор на коалициски партнери и кандидати за градоначалници.
Тој информираше дека СДСМ веќе има потврдени коалициски партнери во рамки на постојната коалиција и дека се работи на консолидација на советничките листи.
„Веќе имаме потврдено коалициони партнери во рамки на веќе постојната коалиција за локалните избори работиме на консолидирање на советничките листи, и за двајца градоначалници сме веќе прилично сигурно дека ќе трчаат на локаните избори и тоа се сегашни актуелни градоначалници на општина Центар, Горан Герасимовски и на Крушево, Томе Христовски“, изјави претседателот на СДСМ.
Филипче истакна дека сè уште немал средба со Арбен Таравари, но дека е отворен за разговор.
„Доколку партнерот којшто го бараме за локалните избори, како политичка партија е партнер со којшто ќе изградиме прво однос на доверба, понатаму соработка којашто ќе значи остварување на програмата којашто ќе биде дадена на локалните избори и взаемно почитување на политичкиот субјект, тогаш тоа ќе биде начинот на којшто ние ќе ги идентификуваме нашите коалициони партнери“, истакна Филипче.
Македонија
Филипче сака на лидерска да се разговара за реформите и националните интереси, ќе предложи агенда в понеделник

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека в понеделник, на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе предложи конкретна агенда составена од најважните точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, за кои најголемите политички партии треба да разговараат на лидерска средба.
„Јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат и го доживуваат како дополнителен стимул за побрзо иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот процес и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“, истакна Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Филипче рече дека тој и Социјалдемократскиот сојуз често се иницијатори на заеднички средби и разговори за теми од национален интерес, за кои е потребен национален консензус.
„Многу пати иницираме и работа на конкретни теми. Инициравме заеднички средби за реформската агенда и за постигнување консензус околу тие прашања“, рече Филипче.
Сепак, и покрај конструктивниот пристап и учеството во работните групи за клучни закони – како што е Законот за енергетика – Филипче смета дека Владата во последен момент поднела амандмани спротивни на европските стандарди.
„За жал, добро започна работата со Законот за енергетика, но во последен момент Владата даде амандмани кои се целосно спротивни на вредностите што ги промовира Европската Унија. Со тие амандмани, во регулаторните тела ќе влегуваат лица кои претходно работеле во индустрии што биле под надлежност на истите регулаторни тела. Тоа не постои никаде во Европа“, оцени Филипче.
Претседателот на СДСМ очекува продолжување на работата на реформската агенда, особено во делот на правосудството. Тој нагласи дека експертите номинирани од СДСМ ги дале своите мислења за предложените закони, но досега не добиле никаков одговор. Сепак, тој повтори дека СДСМ останува подготвен да работи заеднички за доброто и напредокот на државата.