Македонија
Левица со закон сака да ги ограничи енормните трошоци на пратениците за превоз

На седницата на Собранието што ќе се одржи в среда, ќе биде разгледан законскиот предлог на партијата Левица кој предвидува ограничување на патните трошоци на пратениците. Овој предлог е дел од заложбата на Левица како анти-естаблишмент партија, која бара намалување на привилегиите на функционерите, кои се злоупотребуваат, што предизвикува фрустрација кај народот.
„Пратениците во текот на своето работење ги злоупотребуваат патните трошоци, што ги оптеретува граѓаните, и токму затоа Левица предлага овој закон. Наместо астрономски суми кои што сега се користат, предложуваме пресметка на патните трошоци според пазарната цена на 6,5 литри гориво на секои 100 километри. Ова е разумен и рационален пристап кој ќе биде прифатлив за сите пратеници и ќе го намали оптоварувањето на буџетот“, велат од Левица.
Сегашната практика дозволува пратениците да бараат надоместоци за амортизација и патарини, што доведува до многу високи износи на патни трошоци, па дури и до случаи каде некои пратеници оддалечени од Скопје добиваат и до 800.000 денари за патни трошоци. За разлика од нив, пратениците од Левица не користат овие привилегии и сами ги покриваат своите трошоци за кирија во Скопје, сметајќи дека нивните плати се доволни за тоа.
„Овој законски предлог ќе има директни користи за граѓаните, бидејќи средствата кои ќе се заштедат можат да се пренаменат за подобрување на животниот стандард на најранливите категории, како што се сиромашните и маргинализираните групи. Ние, како пратеници, сакаме да покажеме пример и да се грижиме за оние кои најмногу имаат потреба од помош“, информираат од партијата.
Левица апелира до мнозинството и до власта да го поддржат ова рационално решение и да го усвојат законот за ограничување на патните трошоци, кој ќе биде разгледан на седницата в среда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари: Ве молам не објавувајте фотографии од повредените, тоа може да влијае на нивниот процес на закрепнување

Министерот за здравство, Арбен Таравари, упати апел до медиумите да не објавуваат фотогрфаии и снимки од повредените во нивните најранливи моменти.
„Во овие тешки моменти, наш најголем приоритет е грижата за повредените и поддршката за нивните семејства. Длабоко ја цениме вашата посветеност во информирањето на јавноста и ви благодариме за покажаната солидарност и одговорност. Сепак, во духот на емпатијата и етичките стандарди, ве молам за почитување на приватноста и достоинството на жртвите. Објавувањето снимки и фотографии од повредените во нивните најранливи моменти може да предизвика дополнителна болка, не само за нив, туку и за нивните семејства, и да влијае на нивниот процес на закрепнување“, напиша Таравари.
Тој упати искрен апел за одговорно известување, кое, како што рече, ќе стави акцент на поддршката и помошта за оние на кои им е најпотребна.
Македонија
На клиниките во земјава се распоредени 98 пациенти, повредени лица се пренесни и во Бугарија, Србија, Словенија, Австрија, Литванија

Министерството за здравство ја информира јавноста дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување соодветна медицинска нега за сите пациенти. Состојбата на пациентите се следи внимателно, а пlнатамошните медицински постапки се спроведуваат врз основа на конзилијарни одлуки.
Во текот на денешниот ден, пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа:
Клинички центар – 52 пациенти
ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти
Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти
Клиника за токсикологија – 10 пациенти
Аџибадем Систина – 7 пациенти
Покрај обезбедувањето медицинска нега во земјата, дел од пациентите се транспортирани во здравствени установи во странство, благодарение на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји:
Литванија – 4 пациенти
Австрија – 2 пациенти
Словенија – 2 пациенти
Република Србија – 12 пациенти
Република Бугарија – 1 пациент
Во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува медицински транспорт од Австрија, Грција и Хрватска, со авиони и хеликоптери за натамошен трансфер на пациенти.
Министерството за здравство информира дека сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега.
Дополнително, во соработка со ЈЗУ Психијатриска болница-Скопје и Клиниката за психијатрија се формирани мобилни тимови составени од психијатри и психолози, кои обезбедуваат психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства.
За сите кои имаат потреба од психолошко советување или помош, достапна е телефонската линија 078 378 754, каде што стручни лица обезбедуваат поддршка.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка.
Македонија
ЗНМ: Препораки за политичарите за комуникација со медиумите во моменти на трагични настани

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) објави препораки за унапредување на комуникацијата на политичарите и носителите на јавни функции во услови на трагични настани кои ја засегаат целата јавност. Целта е да се зајакне транспарентноста и да се овозможи навремен и коректен пристап до информации.
1️⃣ Како политичарите и носителите на јавни функции НЕ треба да комуницираат со новинарите во моменти на трагични настани
🚫 Не покажувајте ароганција и незаинтересираност
Не бидете одбивни, нетрпеливи или иритирани.
Избегнувајте сарказам, превртување на очи или покажување на надмоќност.
Не ја минимизирајте трагедијата и не префрлајте вина на други.
🚫 Не прикривајте информации и не избегнувајте одговори
Не одговарајте со нејасни и празни фрази.
Ако одредени информации сè уште не се достапни, кажете го тоа отворено наместо да бегате од прашањата.
Не давајте погрешни или контрадикторни информации – тоа создава недоверба и шпекулации.
🚫 Не ја користете трагедијата за политички маркетинг
Ова не е време за политички поени или ПР настапи.
Не ветувајте нешто што не можете да го исполните.
Не ја користете трагедијата за напад на политички противници.
🚫 Не ги обвинувајте јавноста, медиумите или жртвите
Не сугерирајте дека жртвите сами си се виновни.
Не напаѓајте новинари дека „ширеле паника“ само затоа што поставуваат тешки прашања.
Медиумите имаат право да информираат – почитувајте ја нивната улога.
2️⃣ Како политичарите и носителите на јавни функции ТРЕБА да комуницираат со новинарите во моменти на трагични настани
✅ Покажете емпатија и човечност
Изразете сочувство искрено, а не само со подготвени изјави.
Покажете разбирање и почит кон семејствата на жртвите.
Вашиот тон и говор на телото треба да одразуваат загриженост.
✅ Бидете транспарентни и давајте јасни информации
Споделувајте точни информации на време, дури и ако се ограничени.
Објаснете што се знае, што се истражува и кога ќе следуваат нови информации.
Ако се направени грешки, признајте ги и објаснете како ќе бидат исправени.
✅ Почитувајте ги новинарите и нивните прашања
Одговарајте директно и не покажувајте непријателски став.
Дозволете дополнителни прашања и покажете трпение.
Ако нешто не знаете, признајте го тоа, наместо да шпекулирате.
✅ Објаснете ги следните чекори без да ја политизирате трагедијата
Кажете кои итни мерки се преземаат за да се реши ситуацијата.
Смирете ја јавноста со факти, а не со празни ветувања.
Фокусот треба да биде на жртвите и нивните семејства, а не на политички интереси.
Овие принципи се особено значајни во време на кризни ситуации и трагедии, кога јавноста има право на точни и навремени информации, а новинарите мора да работат без притисоци и ограничувања.
Препораките ја нагласуваат важноста на редовната и отворена комуникација со медиумските работници и медиумите, како и почитувањето на професионалните и етичките стандарди.