Македонија
Лекарската комора: Говорот на омраза кон лекарите е на штета и на пациентите
Лекарската комора ги осудува јавните вербални навреди, напади и притисоци врз лекарите и лекарската професија, како и неоснованите обвинувања за направена лекарска грешка, што се зачестено присутни во медиумите и социјалните мрежи.
„Апелираме да престане секојдневниот и голем притисок врз докторите од ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ – Битола, кој е присутен иако инспекцискиот и стручниот надзор, како и извештајот на Судската медицина, не утврдија лекарски грешка и стручен пропуст во лекувањето и не е констатирана причинско-последична врска меѓу терапијата што ѝ била дадена на петгодишната пациентка и исходот од лекувањето.
Во такви услови целосно е неоправдано континуирано да се создава јавно мислење дека сите лекари во нашата земја, вклучително и во болницата во Битола, работат нестручно и несовесно. Процесот на создавање лекар трае долго време и бара посветеност, континуирано учење и залагање, што е голема инвестиција на самиот лекар, неговото семејство, но и на образовниот и здравствениот систем. Истакнуваме дека повеќето од лекарите професионално, одговорно, стручно и посветено секојдневно се грижат за здравјето на пациентите во условите што постојат во здравствениот систем. Не постои доктор што не сака да го излекува својот пациент“, додаваат во реакцијата.
Докторите, како најважен фактор на здравствениот систем, како што велат, мора да бидат еднакво заштитени и почитувани, без разлика дали се дел од јавното или приватното здравство, затоа што сите се образоваат на истите факултети и најчесто најголем дел од својот професионален развој го достигнуваат во јавните здравствени установи. Иако јавното здравство се соочува со предизвици во однос на расположливите ресурси, докторите од Клиничката болница во Битола, а и во сите други јавни здравствени установи, секојдневно се обидуваат да пронајдат начини како да се подобрат условите, да не се затвораат одделенија и да им се овозможи на пациентите подобра здравствена заштита со поголемо обострано разбирање и трпение. Оценуваат дека неоправданиот притисок што се прави врз лекарите создава услови за нивно заминување од јавното здравство, што е примарно на штета на пациентите.
Лекарската комора ја истакнува и важноста, медиумите и новинарите, кои влијаат врз креирање на општото јавно мислење, да ги почитуваат професионалните стандарди при известувањето за лекувањето пациенти и да пренесуваат проверени информации од официјални извори со почит кон пациентите и нивната приватност. Ширењето шпекулации и до крај непотврдени информации прави поширока општествена штета.
„Изразуваме жалење и разбирање за болката на пациентите и нивните семејства, но потенцираме дека состојбите нема да се подобрат со ширење говор на омраза кон лекарите и споделување нестручни процени и тврдења. Надлежните институции се единствени во земјата што даваат официјално, стручно мислење врз основ на факти и тие се единствен извор на точни и прецизни информации за настанатата состојба. За одржливост на здравствениот систем ја истакнуваме важноста лекарите и пациентите да ги почитуваат одлуките на институциите, а тие да постапуваат ажурно и кога ќе се утврди лекарска грешка, но и кога лекарот ќе биде неосновано напаѓан и обвинуван“, истакнуваат од Лекарската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

