Македонија
Лекарската комора избра нови членови на органи и тела на управување

Проф. д-р Калина Гривчева-Старделова е реизбрана за претседател на Лекарската комора на Република Северна Македонија на конститутивната седница на Собранието на Комората која се одржа денеска во просториите на градската општа болница „8 Септември“.
Од присутните 75 делегати на Собранието поддршка на проф. д-р Гривчева-Старделова дадоа 51, додека за другиот кандидат доц. д-р Емилија Велковска гласаа 24 делегати.
Проф. д-р Гривчева-Старделова во своето обраќање пред членовите на Собранието даде краток преглед на активностите во изминатиот приод и ја презентираше програмата за работа во наредниот период. Активностите ќе бидат насочени кон зајакнување на улогата на Комората како еснафско здружение, унапредување на статутот на лекарите и кон иницирање реформи во здравствениот систем кои ќе креираат подобри услови за работа на лекарите и за лекување на пациентите.
Собранието ги избра и членовите на другите органи и тела кои ќе ја водат Лекарската комора во следните четири години. За заменик-претседател е избран д-р Беким Исмаили, додека за потпретседатели се избрани д-р Љупчо Стефановски, д-р Маја Манолева и д-р Алберт Леши.
За нов претседател на Собранието е избран д-р Висар Муча, а за потпретседатели на Собранието на Комората д-р Александар Димовски и д-р Берат Лена.
Нови членови на Извршниот Одбор се д-р Лилија Чолакова Дервишова, д-р Дафина Караџова, д-р Кадри Хаџихамза, д-р Тодор Кичуков, д-р Мевлудин Куч, д-р Илбер Бесими, д-р Дениел Поповски, д-р Илир Шурлани и д-р Џабир Бајрами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бугарските историчари: Она што за нас е буквална вистина, за многу луѓе во Македонија звучи како вистинска револуција

Бугарската вистина ќе биде револуција во Македонија затоа што досега сме учеле сосема други факти во нашите историски учебници. Ова го смета професорот Даниел Вачков кој е дел од мешовитата историска комисија.
Тој и останатите бугарски членови од мешовитата историска комисија ги претставија како победа одлуките за заеднички чествувања на историските личности и препораките за менување на учебниците по историја, посебно тоа што признавме дека Цар Самуил бил бугарски, а Кирил и Методиј потекнувале и твореле во големата бугарска држава.
„Кој ја знае историјата, ќе види дека тоа што го договоривме се наоди на работи кои се познати во Бугарија одамна и никој не ги доведува во прашање. Она што е буквална вистина за нас, за општеството во Македонија, за многу луѓе ќе звучи како вистинска револуција. Бидејќи во нивните учебници до ден денес се пишуваат сосема други работи, се кажуваат сосема други работи“, вели професорот Даниел Вачков за „Труд“.
Националната платформа „За Македонија“ која ја сочинуваат дваесетина еминентни професори по историја, научници и новинари, а ја предводи Пламен Павлов прогласи прва победа во битката за историјата.
Според историчарите од Софија, македонската страна признала дека Цар Самул е бугарски крал, а Охрид бил бугарски книжевен центар во кој Климент и Наум на покана на бугарскиот кнез Борис-Михаил ја ширеле словенската писменост.
Според професорот Пламен Павлов, кој е член на оваа платформа, од бугарска гледна точка нема ништо проблематично во македонските препораки.
„Неосновани се сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле во средновековните црковни структури во денешна Македонија – и ова е добро, да не се тврди дека македонската црква поаѓа речиси од апостол Павле. Ние треба да ги вклучиме во поширок регионален контекст на териториите западно од античка Тракија, што ќе ги претстави историските процеси на позначаен начин. Во нашите учебници се работи за античка Македонија, но може да се зајакне, особено што од моја гледна точка, и не само моја, таа е тракиска држава. Грците овде ќе врескаат, ама така е“, рече Павлов за „Труд“.
Тој порача дека овие измени веднаш треба да се стават во бугарските учебници и апелираше побрзо да се затворат прашањата од ренесансата и 19. Век.
„Со темпото со кое одиме, во 22 век, нема да можеме да разјасниме што е Гоце Делчев, со оглед на тоа што тој самиот кажа дека е Бугарин“, додаде Павлов.
Нашите историчари кои се дел од оваа комисија на последниот брифинг со новинарите тврдеа дека препораките нема да сменат ништо во сфаќањето на нашата историја и нема да допрат до нашиот идентитет.
– Овие препораки не допираат до македонскитот идентитет. Тоа се личности од светско значење и ние инсистиравме на повеќестрано чествување за да има симболично значење за регионот и пошироко. Нема бришење на историски факти, тие не ни можат да се избришат – истакна еден од членовите на историската комисија на брифингот во МНР.
Македонија
Обвинителството започна истрага за грабнатото бебе во Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишна скопјанка осомничена за кривично дело грабнување.
На 16 август, во сутеренскиот дел на Градскиот трговски центар – Скопје, осомничената извршила грабнување на новороденче старо само седум дена. На родителите на бебето осомничената им се понудила да им помогне да стигнат до Поликлиниката Бит-пазар. Во Градскиот трговски центар тие ја замолиле осомничената да го причува бебето додека да купат за јадење, по што таа се оддалечила со него. Со такси тргнала кон Ѓорче Петров, а потоа и кон нејзиниот дом, каде полициски службеници успеале да ја пронајдат и лишат од слобода. Со ваквите дејствија осомничената ги спречила родителите да бидат со своето новороденче повеќе од четири часа, а предизвикала и опасност за загрозување на здравјето на бебето.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничената, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и страв дека ќе се обиде да ги прикрие трагите на кривичното дело и да ја попречува истрагата.
Македонија
Регистрирани нови 521 позитивни случаи на Ковид-19 и 3 починати лица

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа:
Направени се 1.231 тестови, а регистрирани се нови 521 случаи на Ковид-19.
Од вкупниот број на позитивни (521), регистрирани се 120 реинфекции.
Во текот на изминатите 24 часа пријавени се 2 починати лица, од Скопје (78 г) и Струга(48 г). Двете лица се починати во болнички услови. Согласно, Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој термин е регистрирано едно починато лице од Кичево (74 г), починато во болнички услови. Лицето е пријавено за починато на 5.8.2022 година.
Досега во земјата се направени вкупно 2.139.217 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 336.560, бројот на оздравени пациенти е 323.536, на починати е 9.429, а бројот на активни случаи изнесува 3.595
Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови е следна:
Дистрибуција по градови Заболени (вкупно), Активни случаи (вкупно)
Скопје 158402, Активни 1462
Куманово 17887, Активни 151
Битола 17459, Активни 245
Прилеп 15201, Активни 143
Тетово 14323, Активни 109
Кавадарци 11799, Активни 139
Велес 10625, Активни 117
Гостивар 10186, Активни 89
Охрид 10007, Активни 254
Струмица 8666, Активни 88
Штип 8624, Активни 85
Кичево 6005, Активни 51
Кочани 5423, Активни 67
Струга 5117, Активни 87
Гевгелија 4748, Активни 62
Неготино 4070, Активни 74
Ресен 2980, Активни 29
Радовиш 2788, Активни 60
Свети Николе 2759, Активни 16
Крива Паланка 2589, Активни 26
Делчево 2097, Активни 59
Берово 1797, Активни 27
Дебар 1789, Активни 24
Валандово 1583, Активни 9
Виница 1456, Активни 25
Пробиштип 1295, Активни 4
Богданци 1079, Активни 17
Кратово 1083, Активни 21
Крушево 1008, Активни 21
Демир Хисар 909, Активни 9
Македонски Брод 783, Активни 8
Демир Капија 622, Активни 7
Македонска Каменица 533, Активни 4
Пехчево 503, Активни 6
Дојран 365, Активни 0