Македонија
Лекарската комора: Осуда за нападот на лекар во Охрид, итно да се донесат измените на Кривичниот законик

Лекарската комора најостро реагира и го осудува инцидентот во кој пациент физички нападна лекар на работното место во Општата болница во Охрид. Од тука искажаа поддршка за нападнатната колешка и благодараност до оние што реагирале здраворазумно и спречиле поголем инцидент.
Од Лекарската комора велат дека во услови на пандемија, која трае веќе речиси две години, лекарите секојдневно се наоѓаат под притисок да одговорат на потребите на зголемениот број пациенти, а заканите, како и физичките и вербалните напади, само го отежнуваат укажувањето здравствена услуга и негативно влијаат на нејзиниот квалитет. Исто така, лекар што се чувствува небезбедено на работното место не може да биде максимално ефикасен во извршувањето на работите обврски.
Лекарите и пациентите имаат иста заедничка цел, а тоа е обезбедување квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне преку заедничко дејствување и соработка“, порачаа од Комората.
Според нив, решението за проблемот може да се побара во побрзо носење на измените на Кривичниот законик. Имено, Лекарската комора подолго време лобира и активно беше вклучена во измени на законската регулатива, со кои нападот врз здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што Јавното обвинителство ќе поднесува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност. За ова да стапи во сила се направија измени на Законот за здравствената заштита, кои се веќе донесени, како и измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска процедура на носење.
„Апелираме пратениците во Собранието што побргу да ги разгледаат и донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија“, велат од Лекарската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски-Мишел: Предлогот предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици членки на ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
На средбата премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Шарл Мишел потенцираа дека европскиот предлог за отпочнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и дека преговорите може да почнат веднаш по одобрување на истиот. Предлогот, истакнаа премиерот Ковачевски и претседателот Шарл Мишел, предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ.
На средбата од страна на претседателот на Европскиот совет Мишел уште еднаш беше потенцирана поддршката и заложбата на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија, посочувајќи дека ова се клучни моменти за напредокот на нашата држава од економски, политички и социолошки аспект.
Премиерот Ковачевски истакна дека поддршката на Европската Унија во процесот на интеграција на Северна Македонија, е од особено значење за државата во исполнувањето на основата стратешка цел, а тоа полноправното членство во ЕУ.
При тоа Ковачевски на средбата потенцираше дека во изминатите денови предлогот од француското претседателство беше дискутиран на консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите, како и со опозициските партии.
Во рамки на посетата, претседателот на Европскиот совет Мишел ќе присуствува на денешната владина седница, а потоа со премиерот Ковачевски ќе одржат заедничка прес-конференција за медиуми.
Македонија
(Видео) Кузеска: Насилството го покажа вистинското лице на антиевропската коалиција ВМРО ДПМНЕ – Левица

Протестот е уставно и демократско право. Но, насилството и сликите коишто вчера ги видовме, повредени полицајци, насилници со качулки на виделина ја покажа вистинската цел на деструктивната антиевропска коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, истакна на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„СДСМ најостро го осудува насилството и обидот преку деструкции и насилство да се создаде тензија во земјата, нови поделби и раздор и да се закочи целата држава. Тоа е вистинското лице и вистинската цел на антиевропската коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица. Во период кога траат широки и инклузивни консултации ВМРО-ДПМНЕ и Левица, наместо дијалог и конструктивност, одбраа да организираат насилни протести, да шират лажни вести измислуваат црни сценарија со кои ја плашат јавноста“, вели Кузеска.
Тоа е, како што додава, уште еден доказ дека Мицкоски и Апасиев, ВМРО-ДПМНЕ и Левица не и мислат добро на државата, не им мислат добро на граѓаните.
„СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи насилничкото однесување на ВМРО-ДПМНЕ да ја загрози иднината на државата. Сакаме јасно да порачаме на сите деструктивни сили дека нема да дозволиме да се загрози стабилноста на државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме. Ние сме членка на НАТО и продолжуваме по евро-атлантскиот пат“, порача Кузеска.
Пред нас е, како што појасни, предлог кој е согласност со нашите црвени линии, предлог кој содржи чиста формулација на македонскиот јазик, кој гарантира дека историските прашања со Бугарија нема да бидат дел од преговарачката рамка.
„По години чекање, конечно имаме можност сосема заслужено да започнеме со преговори за членство во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивните деструкции нема да ја загрозат европската иднина на државата“, рече Кузеска.
Македонија
Пендаровски до Мишел: Македонскиот јазик и идентитет мора да бидат гарантирани од ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој престојува во еднодневна посета на Македонија.
На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Северна Македонија, за предизвиците во однос на европските перспективи на земјава и за предлогот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.
Пендаровски ја поздрави посетата на Мишел, карактеризирајќи ја како показател за посветеноста на Европската Унија и информираше за текот на широкиот консултативен процес кој се води во однос на францускиот предлог, како и за атмосферата во нашето општество по тоа прашање.
Двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на нашата земја. Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан.
Соговорниците разменија мислења во контекст на загриженоста која постои кај граѓаните во однос на идентитетските прашања, за што претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ.