Македонија
Лефков бара одговорност за мафијата на смртта предводена од Филипче

Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, како дел од владејачката коалиција, остро го критикува поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, за врските со веледрогеријата која се нарекува „мафија на смртта“. Според Лефков, оваа мафија ја чини државата скапо, а граѓаните ги поставува во опасност со злоупотреби во здравствениот сектор.
„Екстра профитите на мафијата на смртта мора да бидат обелоданети од страна на ФЗОМ. Секој ден паѓаат нови жртви, а тие кои профитираат од здравјето на народот, како веледрогериите, не се соочуваат со никаква одговорност“, изјави Лефков.
Пратеникот исто така упати повик до Јавниот обвинител да не чека, туку веднаш да започне со постапки, истакнувајќи дека одговорност мора да има за долгогодишното испумпување на ресурси од ФЗОМ и здравствените установи.
„Нема да дозволиме цела држава да биде заложник на еден тесен круг бизнисмени кои, преку партиски врски, ги влечат ресурсите од здравствениот систем и ја чине народот живот. Државата не може да биде заложник на лични интереси“, додаде Лефков.
Тој нагласи дека мора да се извршат одлучни мерки за заштита на пациентите и целокупниот здравствен систем. Власта на ВМРО-ДПМНЕ е посветена на исчистување на здравствениот сектор и објавување на вистината.
„Ниедна веледрогерија, па ни таа предводена од д-р Пановски, не може да биде над законите“, подвлече пратеникот Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Акција за собирање кабаст отпад на локации во Пролет, Водно и Буњаковец

Општина Центар започнува нова акција за собирање кабаст отпад, со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на живот во локалната самоуправа.
Во периодот од 15-ти до 20-ти во наредните три месеци – февруари, март и април, граѓаните ќе можат бесплатно да го одложат кабастиот отпад на три локации:
– Во населба Пролет, кај Феријален дом;
– На Водно, кај КТК до контејнерите;
– Во Буњаковец, кај контејнерите кај Вучко.
„Апелирам до сите да ја искористат оваа можност и на еколошки начин да се ослободат од кабастиот отпад. Да ги чуваме нашите улици чисти и да придонесеме кон поздрава животна средина!“, порача градоначалникот Герасимовски.
Акцијата се спроведува согласно Акцискиот план за чист воздух и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, службите на локалната самоуправа активно спроведуваат голема кампања за чистење на општината под мотото „Центар не чека, Центар чисти“. Оваа иницијатива доби силна поддршка и позитивни реакции од жителите.
Заедно со граѓаните продолжуваме да создаваме чиста и уредена општина, во која приоритет ќе биде здравата животна средина, велат од општината.
Македонија
ЛДП: Предлагаме поставување на рисот како консензуално решение за новиот државен грб

По повод изјавите околу промена на државниот грб, Либерално-демократската партија (ЛДП) предлага поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава.
Рисот како симбол се наоѓа на металната петденарка, се најде на националниот фудбалски дрес, но и на уште многу други места и е заштитен со голем број меѓународни конвенции.
Од ЛДП велат дека доколку се постави рисот, се покажува поглед кон иднината наместо „враќање назад и гледање во минатото“.
„Тоа е симбол кој со ништо нема да потсетува на било која соседна држава и да создаде проблеми. Прифатлива е само уникатност, посебност, новина, свежина, иднина и заштита на своето – како што е Балканскиот рис, кој потекнува од Шар Планина, е ретко и заштитено животно, и е еден од нашите национални државни симболи“, додаваат од ЛДП.
Посебноста на Македонија мора да биде главната водилка кон прифаќањето на било каков предлог за државниот грб. Притоа, тоа мора да биде и решение, кое ќе ги задоволи сите граѓани на Македонија, без разлика на националната, етничката, партиска, верска или било која друга припадност.
„Предлагаме општо прифатливо решение. Бидејќи доколку сите се водиме од своите партиски обележја или позиции, ЛДП би се придржувала до македонската флора и фауна и би предложила поставување на соколот како уникатен македонски симбол и дел од нашиот македонски фолклор. Покрај тоа што во Македонија живеат 9 посебни видови на соколи, во нашата народна музика со гордост се опева соколот кој пие вода од нашиот Вардар, песна која е и химна на партијата.”, истакнуваат од ЛДП.
Скопје
Општина Аеродром започна со бесплатен скрининг на тироидна жлезда кај деветтоодделенците

Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во Општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда.
Скринингот стартуваше вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите, извести општината.
В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.
Иницијативата ја даде директорот на здравствената установа „8-ми Септември“, проф. д-р Синиша Стојаноски, а родителите на учениците без двоумење ја прифатија оваа превентивна мерка.
Инаку, д-р Стојаноски ги спроведува скрининзите во училиштата заедно со д-р Невена Маневска.
Општина Аеродром останува посветена на создавање уште подобри услови за безгрижно и здраво детство на нашите најмили, додаваат од општината.