Македонија
Лефков: Со народни пари Костадиновска-Стојчевска купувала чорапи, хулахопки, плишани мечиња, топки и куфери

Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ ја обвини поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за трошење на народни пари при посета во Лондон.
„Денес почнуваме со обелоденување на скандалот “Бисера Антоанета”, серијал на прес конференции низ кои ќе презентираме во каква аздисаност и раскош живеела и министерувала Бисера Костадиновска Стојчевска, пардон Бисера Антоанета министер за култура од СДС.
На почеток сакаме да нотираме дека согласно Уредба е регулирано трошоците кои ги прави министерот за култура на месечно ниво да не можат да надминат 60 евра во денарска против вредност. И дека истите треба да направат раздолжување во благајничката каса во рок од 7 дена по завршувањето на службениот пат.
Бисера Антоанета во неколку наврати го пречекорила дозволеното ограничување, а се раздолжувала и по неколку месеци.
Ова е само вовед. Суштината е во деталите, а тоа во овој случај е како се трошени средствата на граѓаните од страна на Бисера Антоанета.
Денес ќе го презентираме првиот случај. Имено во октомври 2023 година министерката Бисера Антоанета остварила службено патување во Лондон во траење од 4 дена и тоа од 24.10.2023 до 27.10.2023 година, покрај трошоците направени за хотелско сместување, во патниот налог има приложено сметки за репрезентација, но при уводот на содржината на сметките за репрезентација и увидот во приложените сметки од службената картица ВИЗА, се констатира ненаменско трошење на буџетски средства спротивно од прописите.
Бисера Антоанета потрошила 714 фунти, исклучиво за лични потреби, во Продавницата Gift Galore London потрошени се 89 фунти и купени се фудбалска топка – city football и плишено мече – Paddington bear и двете платени од службената картичка ВИЗА.
Шопинг манијата на Бисера Антоанета не запрела тука, туку продолжила и во познатата продавница за куфери Samsonite, каде министерката со средства од Буџетот решила да се поднови со два куфара еден голем Upscape spiner 68/25 Black во износ од 219 фунти од службената картичка и еден помал од истата линија во износ од 59 фунти платен во кеш од службените парични средства.
Нормално за да можеме да ја наречеме Бисера Антоанета трошењето морало да продолжи, таа со народни пари пазарела во Mарк & Спенсер каде потрошила 42 фунти за чорапи и хулахопки платени во кеш од службените парични сретства.
Во GIFT BOX во Лондон, продавница за подароци потрошени се 146 евра од службената картичка ВИЗА за ова трошење нема доставена никаква сметка тука само слипот од платежната картичка. Исто така потрошени се 158 фунти платени во кеш од службените парични средства во Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter за подароци како што се раквици, маички, ташна за милениче, изгубената дијадема и сл. Се на се, за лични приватни потреби Бисера Антоанета троши 714 фунти или пресметано во денарски парични средства 51.169 илјади денари, за 4 дена во Лондон, пари со кои во Македонија се храни цел месец едно 4 члено семејство. Бисера Антоанета се расфрлала со народните пари, за лични задоволства. Ова е само почеток, во наредните неколку дена ќе покажеме до каде одела раскалашеноста на Бисера Антоанета и зошто велиме дека Македонија е ограбена држава.“, рече Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Средба Мисајловски – лорд Коукер: Не поврзуваат заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса

Денешната работна посета на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Обединетото Кралство беше заокружена со средбата со лорд Вернон Коукер, државен министер (министер за домот на лордовите) во Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.
Министерот Мисајловски и лордот Коукер разменија мислења за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот, Европа и светот при што беше потврдено дека одбранбените односи помеѓу двете земји почиваат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област.
Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер –одбраната, воената едукација и јазичните курсеви.
Македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери.
Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање.